Хроничарот на Скопје, покојниот Данило Коцевски, за Нова Македонија на 11.10.2019, раскажа за средбата и разговорот со Кочо Битољану, човекот кој ги предводел скоевците што учествуваа во ликвидацијата на озлогласениот полициски агент Мане Мачков во Дебар Маало, за време на окупацијата во 1942 год.

Во разговорот со Коцевски, Битољану раскажува каква била состојбата во Скопје во тоа време и како се одвивале подготовката и реализацијата на атентатот врз агентото познат по своите злосторства извршени врз граѓаните на Скопје.

Раскажувањето на Данило Коцевски го пренесуваме во целост:

„Трагајќи по богатата историја на Скопје, во неговиот дом во Црниче, во 2013 година, ја имав ретката можност да го запознаам Кочо Битољану, човекот легенда, кој ги предводеше скоевците што учествуваа во ликвидацијата на озлогласениот полициски агент Мане Мачков во Дебар Маало, за време на окупацијата во 1942 год. Уште при самото наше видување, со својата карактеристична пријатна насмевка, Битољану ми рече: „Не треба да ми се претставувате. Многу добро ве познавам преку вашето пишување за Скопје, и редовно ве следам“. Со кафе и пријатен разговор во дворот се договоривме утредента заедно да одиме точно на местото каде што бил извршен атентатот. Брзо се спријателивме со Кочо. Мојата возбуда беше голема, некогашниот скоевец да го снимиме точно на местото каде што се одиграл настанот. Тој сметаше дека ќе бидеме можеби меѓу првите што ќе го снимиме на местото, иако не беше сигурен дали конфигурацијата на теренот е останата иста. Можно ли е легендата Битољану да го фотографираме точно на местото на атентатот?

Утредента, по нашето запознавање, појдовме на местото на атентатот во Дебар Маало. Сепак, тој се надеваше, иако не беше сосема сигурен, дека истото место постои и денес. Неизвесноста, сепак, лебдеше во воздухот – што ако просторот е исчезнат, под налетот на новоградбите, кои ги има многу во Дебар Маало. Кога пристигнавме, Кочо Битољану, следејќи некоја своја интуиција, брзо нѐ одведе до еден агол каде што се сечат две улици. Ја анализираше внимателно околината: „Речиси со сигурност можам да тврдам дека атентатот се случи токму на ова место“, ни рече. Атентатот се случил на аголот каде што денес се сечат улиците 280 и 230, односно улиците 29 Ноември и Дебарца. Зачувани се истата топонимија и конфигурација на теренот, истиот агол, истите улици, иако некои објекти се нови. Значи, имавме среќа. На улицата 29 Ноември, односно 280, се наоѓала и куќата во која живеел Мане Мачков, од каде што чекале тој да излезе. Секојдневно се движел по истата улица и страна од тротоарот. Несомнено беше дека тоа е аголот од кој било пукано во него.

Помалку е познато дека пред овој постоеле и други обиди за атентат врз озлогласениот полициски агент Мачков. Сите биле неуспешни. Во претходните обиди на улиците во Скопје, во престрелките со Мачков и со полицијата, загинале борците Благој Деспотовски-Шовељ и Славе Георгиевски-Цината. „Мене ми беше доверено да ја составам групата што ќе го изврши атентатот“, ни раскажуваше Битољану. Во неа влегоа: Трпе Јаковлевски, Бранко Фрицханд и Ангеле Михајловски. На првиот состанок во паркот бев повикан да се сретнам со Перо Наков и Коле Чашуле. Наков посебно нагласи: „Ние не сме за индивидуален терор, но Мачков мора да се ликвидира додека не направил нови злосторства. Подоцна, Коле Чашуле нѐ обучуваше во ракување со револвер и бомба“. Во тоа време ѕверски бил убиен и Цветан Димов, што ја „прелеало чашата“. Пресметката со агентот овој пат морала да биде конечна.

На сончев октомвриски ден, стоиме со Кочо на аголот, на местото каде што се случил атентатот, и тој полека го објаснува секој детаљ: „Ангеле Михајловски стоеше од другата страна на улицата, задолжен да ни даде знак кога доаѓа Мане Мачков. Со раката требаше да се почеша по косата, како сигнал за акција. Беше жежок августовски ден. Се сеќавам дека погледнав во часовникот: беше точно 15.30. Во тој миг, Ангеле од спротивната страна ни даде знак дека доаѓа Мачков. Повторно, минутите ни се сторија како вечност. Неизвесност. Стоев на средината, помеѓу Трпе и Бранко.

Наеднаш, огромната сенка на Мане Мачков нѐ покри сите тројца. Тој веќе беше пред нас. Ги потегнавме револверите, а полицискиот агент се обиде да биде побрз од нас, но не успеа. Нашето оружје згрме, и во таа мешаница видовме како Мачков падна и се спружи на тротоарот. Двајцата мои соборци се стрчаа по улицата, која водеше кон денешна Универзална сала, а јас трчав во спротивен правец, низ бавчите, кон денешен Карпош. Вечерта успеавме да се засолниме, но по извесно време бевме уапсени“. Понатаму следувале необични заплети, како што само животот можел да ги приреди.

Тешко ранетиот Мане Мачков бил префрлен во болницата во близината и додека сѐ уште бил при свест, на прашањето кој пукал во него, одговорил: „Кочко, братот на Ване…“. Набргу потоа агентот починал. Наместо Кочо, тој го изговорил името Кочко, и тоа внело голема забуна. Во меѓувреме, во болницата бил донесен токму познатиот композитор и самиот учесник во НОВ, Петре Богданов-Кочко. Тој, како минувач, бил погоден во коленото, од куршумот што претходно му ја пробил раката на Мачков. Забуната набргу била откриена, зашто Ване е братот на Кочо Битољану, а не на Кочко.

Ноќта момчињата се скриле, а утредента биле уапсени. Кочо е осуден на 15 години робија, а во 1944 година побегнал од Идризово и заминал во партизани. Откако објавив дел од оваа сторија, во 2013 година, до денес открив и нови сведоштва. Некои од скопјаните, по игра на случајот, биле сведоци на настанот. По пукањето, виделе неколку момчиња како трчаат со револвери во рацете и им свикале да ги фрлат револверите, за да не бидат лесен плен на полицијата. Кочо Битољану почина две години по нашето запознавање, во 2015 година, на 91-годишна возраст“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.