“Скопје повторно ќе биде град на соживот, соработка и солидарност. Скопје ќе има ред во сообраќајот. Достапен и ефикасен јавен превоз. Ќе биде град во кој ќе нема заборавени населби и населени места. За сите населени места во Сарај ќе донесеме посебна програма со ургентни приоритети со кои ќе се решат клучните проблеми во делот на инфраструктурата, водовод, канализација. Конечно ќе се изгради нов кружен тек на влезот на Сарај и ќе се поврзе Матка со автопатот и обиколницата. Со целосно бесплатен јавен превоз за граѓаните на Скопје и 250 нови еколошки автобуси во еден мандат, сите населени места ќе бидат поврзани со квалитетен автобуски превоз”, истакна независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска на денешната средба со граѓани во општина Сарај.

Арсовска во разговор со граѓаните се осврна и на многу ветувања кои на жителите им беа ветени во текот на изминатите години од актуелната градска власт, а не беа исполнети, како што се кружниот тек на влезот во Сарај, спортско рекреативниот центар „Сарај“ и езерото Треска.

“Сарај е очигледно заборавена општина од градот Скопје. Ви беше ветен нов кружен тек на влезот на Сарај за регулирање на сообраќајот. Оној кој денес ќе ви ветува нови проекти, пред четири години тука пред вас вети ревитализација на спортско рекреативниот центар ’Сарај’ и езерото Треска. Денес гледаме дека тоа не е реализирано за граѓаните на Сарај и граѓаните на Скопје. Истиот тој пред четири години ви вети поврзување на Матка со автопатот. Нема ништо и од тоа ветување. Ви вети и водоводна и канализациска мрежа во населените места во Сарај. Денес гледаме дека и тоа е лага, сѐ уште во Сарај има места кои немаат асфалтирани улици, немаат чиста вода за пиење. Овие големи ветувања – се и големи разочарувања, потенцираше Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.