На денешниот состанок на зум платформата, со претставниците на Националниот институт за демократија во Македонија (NDI – National democratic institute) и граѓанските организации од повеќе области од општествениот живот, независниот кандидат за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска истакна кои се приоритетите за на граѓаните да им се овозможи пристоен и достоинствен живот.
“За луѓето да живеат добро и убаво треба да им дадете услови, прво треба да им овозможите да растат и да се надградуваат. Важно е да им дадеме можности да работат и да обезбедат егзистенција за себе и своето семејство. Тоа ќе го направиме кога внимателно ќе ги воведуваме промените и ќе го следиме нивните реакции”, истакна Арсовска независен кандидат за градоначалник на Скопје.
На состанокот се разговараше и за предизвиците и решенијата кои тие ги нудат за решавање на проблемите и од областа на животна средина, младински политики и родови политики за еднакви можности. Целта беше да се претстават можностите и визиите за достигнување на целите и создавање амбиент за решавање на овие прашања.
Со цел да се обезбеди подобар квалитетот на животот за сите, потребно е да се воведат вредности и да се воспостават норми на достоинствено однесување, објасни Арсовска: “Целта на мојата работа во Сојузот на стопански комори, посебно во текот на пандемијата е ниту едно работно место да не се изгуби, ниту еден работник да не го загуби работното место и изворот на егзистенција. Со цел за развивање на вештините на луѓето и давање дополнителна вредност, во Сојузот спроведовме програма и тоа е начинот којшто сакам да го воспоставам со градот. Во програмата беа вклучени 40 млади луѓе на кои им дадовме можност практично и теоретски да се обучат и да научат нова професија, ги учевме да бидат сметководители. Имаа 3 месечна програма, еден месец им беше теоретски, а два месеци беше практично, по претпријатијата наши членки. Откако заврши обуката, од овие 40 дури 38 се вработија во фирмата каде што одеа на практична работа, и се уште работата таму, а останатите двајца од програмата се охрабрија и отпочнаа свој бизнис со новостекнатото знаење. Меѓу нив имаше луѓе коишто немаа никакво образование, а имаше и луѓе што доаѓаа од сосема други професии. Токму тоа е она што го сакам за градот, луѓето да имаат можност да се преквалификуваат, доквалификуваат, да имаат трајно згрижување во делот на социјалната грижа, а од аспект на социјалниот елемент да имаат трајно инвестирање во нивната иднина, во знаењето”, потенцираше Данела на состанокот.
Како еден од примерите каде некои политики не беа спроведени добро, Арсовска го истакна примерот со присилното зголемување на минималната плата и реакциите од граѓаните што беа засегната од оваа промена.
“За луѓето да живеат поубаво, да имаат достоинствен живот, месечен надомест соодветен на вложениот труд, мора да им создадете услови за да го постигнат тоа. Така, платата не да им биде 15.000 денари, не 500 евра, туку треба да достигнат и до 5.000 евра. Треба да им дадеме прво услови за да имаат достоен живот, а не вештачки да ја подигнуваме минималната плата и со тоа одеднаш гледате наместо да се намали невработеноста кај нас се зголемува невработеноста. Тоа е директно поради тоа што се форсираат политики коишто се неодржливи, коишто се градени врз популизам, а немаат ни математичка, ни статистичка а најмалку економска логика”, истакна Арсовска на состанокот.
Како еден од недостатоците во административното водење на градот Арсовска го истакна непостоењето на регистри по разни основи: Во градот нема регистар за било што, а треба да има. Потребно е да има регистар на возрасни, на изнемоштени, на лица на кои им е потребна дополнителна нега, лицата со одреден хендикеп, на млади кои, исто така имаат посебни потреби, на лица кои се од оддалечени места и на кои им треба посебно згрижување, па дури и лица кои треба да се стават во категорија кои имаат потреба од нега или социјално згрижување. Во кој било аспект да им се помогне и во секој момент, има начини како само треба да се сака”, заклучи Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.