Скопје мора да биде град чии врати нема да се затворени за скопјани. Второ, Скопје мора да биде дигитализиран град. Трето, Скопје мора да има многу повеќе зеленило. Четврто, Скопје мора да биде град со среден и функционален сообраќај. Петто, Скопје мора да биде град со многу културни настани и фестивали. Шесто, Скопје мора да ја врати солидарноста и хуманоста и да се посвети на своите граѓани. Седмо, Скопје да биде град на иднината, град на модерни услови за образование и град на квалитетен спорт. И осмо, Скопје мора да биде град за сите. Oва се осумте столбови на визијата на Данела Арсовска за Скопје и осумте принципи и цели на нејзината работа како следен градоначалник на Скопје, кои на денешната прес конференција ги претстави независната кандидатка за графоначалник.
Арсовска и детално ги објасни столбовите врз кои ќе ја гради визијата за Скопје и кои се произлезени од моменталните проблеми и недостатоци во функционирањето на градот.
Отворен град значи да има 100% транспарентност и нула толеранција за корупција. Скопје мора да биде модерен европски град. Ќе има мотивирана администрација што ќе одговара навремено на барањата на граѓаните. Со отворена канцеларија за граѓаните која ќе работи 24 часа секој ден, службите во градот ќе бидат вистински сервис на граѓаните 24, како во делот на услугите од градот, така и во делот на брзо решавање на конкретни проблеми на терен. Нема да има никаква толеранција за корупцијата и непотизмот во Скопје, а како градоначалник ќе воспоставам Омбудсман за транспарентност и ќе воведам задолжителен ветинг на директорите на јавните претпријатија и раководители на сектори. За сите одлуки континуирано ќе соработуваме со урбаните и месните заедници, со општините, невладините организации, граѓанските иницијативи и директно, секојдневно со граѓаните, објасни Арсовска.
Врз столбот Зелено Скопје ќе се заштити зеленилото и значително ќе се намали загадувањето.
Ќе се реализираат проекти за 5 нови мега паркови. Секоја година ќе бидат засадени 100 000 нови дрвја. Ќе иницираме заштита на Водно со закон. Ќе бидат воспоставени повеќе пешачки зони во општините, како и „зони за живеење“, каде што пешаците и велосипедистите ќе имаат приоритет пред автомобилите. Ќе ги исчистиме дивите депонии во првите 82 дена од мандатот. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз. Ќе работиме на конечна реализација на гасификацијата. Ќе се формира зелен совет со експерти за животна средина и невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа екологијата и урбаниот хаос. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските или интервентните тимови ќе преземат акција веднаш, рече Арсовска.
За расчистување на сообраќајниот хаос, Арсовска ќе го создава Мобилно Скопје кое значи бесплатен јавен превоз и крај на сообраќајниот метеж,
250те нови еко-автобуси ќе ја заменат старата флота и ќе го направат јавниот превоз поудобен и поеколошки. Проширувањето на мрежата на ЈСП и пократките интервали ќе го направат јавниот превоз побрз, поефикасен и подостапен за жителите на предградијата. Паралелно, патната инфраструктура ќе се подобри не само во градот, туку и во заборавените населби и селата околу Скопје. Ќе бидат реконструирани важните крстосници, но и ќе работиме на изградба на нови булевари со што секојдневниот сообраќаен метеж во Скопје ќе стане далеку помал проблем. Безбедните велосипедски патеки кон сите правци во градот, а не само низ централното јадро, ќе ги направат велосипедите вистинска алтернатива за брза и еколошка мобилност во нашиот град, рече таа.
Арсовска Скопје го гледа како дигитален центар на Балканот бидејќи ја имаме најталентиранита младина кога станува збор за кодирање, софтверски инженеринг и информациска технологија што е дел од економијата на иднината. Во однос на создавање перспектива за младите луѓе, Арсовска во Скопје ќе отвори тренинг ИТ центар.
Мораме да го поддржиме овој потенцијал за да останат тука, да не заминуваат. Ова мора да се смени. Ќе отвориме нов тренинг центар за информациска технологија во Аеродром, средствата ќе ги вложиме во иднината на младите луѓе. Малите и средни претпријатија ќе добијат поддршка за дигитални решенија. Новите дигитални бизниси ќе бидат поддржани со посебна инвестициска програма, истакна Арсовска.
Секој месец по еден фестивал, 12 фестивали годишно, Арсовска со проекти за развој на културата ќе промовира Скопје во главен град на културата.
Живописно Скопје за да бидеме Европски главен град на културата. Скопје мора да ја заживее културната сцена, со поддршка за независните уметници и музичари и со подобрување на инфраструктурата на објектите од културата се основи за да го направиме Скопје повторно центар на културата. Скопје ќе биде град на настани и фестивали, со возобновување на традиционалните но и со воведување нови, точно 12 големи фестивали годишно, по еден за секој месец во годината. Воедно со специјална програма за ревитализација, Старата Чаршија ќе го врати својот сјај, објасни Арсовска.
Ќе се враќа солидарноста на градот преку Солидарно Скопје како град што се грижи си сите свои жители.
Во нашето Скопје никој не смее да остане препуштен сам на себе и секој граѓанин мора да има еднакви шанси и ист квалитет на услуги. Градот Скопје ќе воспостави неделна услуга за доставување и помош за стари и изнемоштени лица и за лица со инвалидитет и ограничена подвижност. Во сите јавни канцеларии и објекти во надлежност на градот ќе се обезбеди пристап за лицата со попречености. За младите ќе обезбедиме младински центри во сите општини и ќе го зголемиме бројот на социјални работници во училиштата. За жените ќе изградиме безбедни куќи и ќе воспоставиме специјална апликација за итна поддршка во случај на семејно насилство, потенцира Арсовска.
Врз проектите од столбот Скопје во град на иднината, Арсовска ќе инвестира во образование и во нови училишни објекти, библиотеки и вложувања во спортот.
Иднината подразбира силни инвестиции во образованието на младите, а ние ќе овозможиме нова гимназија, нови објекти за дел од постоечките средни стручни училишта, нова библиотека и читални. Таа иднина ќе се гради и со вложување во спортот и здравиот живот. Затоа приоритет ни е зелен спортски кеј во должина од 40 километри од Ѓорче Петров до Долно Лисиче со спортски содржини за сите генерации од двете страни на реката Вардар. Тука ќе бидат и новите спортски центри, салите во рамки на училиштата, велосипедските патеки, фитнес зоните на отворено и патеките за спорт на Водно, како и вложувањата во професионалниот спорт, рекреативниот спорт и во оние кои активно го следат и навиваат за спортот, истакна Арсовска.
Една од клучните заложби на Арсовска е изедначен пристап и развој на секој дел од Скопје и без заборавена општина или населено место.
Скопје е еден град за сите. Урбаниот развој на Скопје, со години, беше фокусиран само на развој на централните делови на градот, додека подалечните населби беа заборавени и тие имаат еднакво право на модерна инфраструктура. На Скопје му е потребно чисто и организирано водоснабдување за да им се обезбеди на граѓаните чиста вода за пиење без секојдневни прекини и дефекти. Ќе започнеме програма за модернизација и ревитализација за запоставените населби и села. Буџетот за реконструкција на патишта и друга основна инфраструктура ќе биде рамномерно распределен на сите делови на Скопје. Училиштата, градинките и другите јавни институции ќе бидат модернизирани по квалитетни стандарди во сите делови на Скопје. Секоја населба ќе има паркови и спортска инфраструктура, објасни Арсовска.
Арсовска ги дефинираше осумте столбови врз кои ќе ја гради визијата за Скопје како резултат на моменталната состојба во градот и повика на поддршка за да се подобри сегашната слика: „Градот Скопје не е политика, градот Скопје е наше секојдневие и тој може да биде поубаво место. Затоа ве повикувам, време е да се отпочне ново поглавје. На Скопје му треба промена. Бидете и вие дел од таа промена.”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.