Нема да има повеќе заборавени населби. Во сите оние населени места кои беа заборавени во Скопје во овие четири години, а живеат во субстандардни услови, со посебна програма за Љуботен, Љубанци, Радишани и сите останати, ќе почнеме со решавање на проблемите уште од првиот ден. Првиот проект е бесплатен јавен превоз за сите скопјани и за сите населени места во Скопје. Секаде каде се пешачи со километри за да стигнат до автобуска станица, повеќе нема да пешачат и ќе имаат удобен и навремен превоз со 250 нови еколошки автобуси, граѓаните веќе нема да чекаат – истакна Данела Арсовска, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје во Бутел.
Арсовска посочи дека скопјани и бутелчани заслужуваат да живеат во убав град и средени населени места, а идниот градоначалник Дарко Костовски ќе има вистински поддржувач во градот и заедно ќе се реализира се она што е предвидено и зацртано со програмата.
Ќе овозможиме да има гасификација за секое домаќинство и ќе се субвенционира приклучокот за истиот, а за овој дел од Скопје ќе овозможиме внатрешна обиколница која ќе ги поврзува Гази Баба и Бутел со останатите населби. Тоа е новиот булевар „Хрватска“ кој, исто така беше ветен, но не беше реализиран, а ние ќе го направиме, а истото ќе овозможи подобро и сигурно поврзување на општина Гази Баба со Бутел и Чаир – изјави Арсовска.
Таа предвидува изградба на натпатник од „Лазо Трповски“ до „Боца Иванова“, реконструкција на улицата „Александар Ударевски“, улица „Радишанска“, од „Боро Кралевски“ до последна 57-ца, улица „Бутелска“, како и кракот до булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“.
Арсовска истакна дека во градот ќе има дигитален паметен систем за функционирање, како и зголемување на субвенциите за електрични велосипеди и тротинети, а ќе нема затворена врата во Град Скопје за ниту еден граѓанин на Бутел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.