Независна кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Обнова за Македонија“ и Алијанса на Албанците и Алтернатива, Данела Арсовска во вечерашната дебата на „360 степени“ зборувајќи на тема урбанизација на главниот град рече дека генералниот урбанистички план треба да биде изработен од експерти, бидејќи тој треба да мапира и да креира каква ќе биде иднината на Скопје.
„Сметам дека генералниот урбанистички план треба да се отвори и пред граѓаните. Секој граѓанин да има можност да види и да знае што е она што се планира да му се направи, изгради или креира како решение во неговото маало. Да не се случува некој ден да се разбудиме и да видиме дека на три метри од нашиот прозор некој гради ново бетонско здание или нова зграда. Треба сето тоа да биде направено плански“, рече Арсовска.
Таа додаде дека се увидело оти има недостатоци од решението на генералниот урбанистички план од 2012 година, но предупредува дека и следното што треба да се изработи во 2022 години може да биде уште полошо, ако не биде отворено за експертиза.
„Мора да се отвори јавно и за експертиза, но и за релевантните организации и за увид на граѓаните. Мора да знаат што се планира, сепак градот е на граѓаните, а не ГУП-от да се врти само во одредени кулоари…И не смее повеќе во Скопје да има заборавени населби и населби во кои нема да има вода за пиење, тоа е срамота во 21 век“, додаде Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.