Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, порача дека сред енергетска криза треба да се почне со штедење на средствата на скопјани, а парите да се трошат наменски и на приоритети.

Одговарајќи на новинарско прашање за раскинатиот договор за новогодишно украсување на главниот град, Арсовска објасни дека наишле на голем број предизвици кои, како што истакна, е неопходно да се разрешат во првите 100 дена од почетокот на мандатот.

Сакаме да ги прекинеме сите ненаменски или пак сите трошења кои не се соодветни, односно кои граѓаните сметаат дека не треба да се прават, а до овој момент биле правени од буџетските средства кои се на граѓаните на Град Скопје. Верувам дека ова е едно од тие трошења, особено кога сме соочени со прогласување енергетска криза од Владата, а се соочуваме и со соодветни рестрикции, според изјавите на министерот за економија. Неопходно е да ги преземеме сите чекори кои се возможни, прво да ги зачуваме и домаќински да работиме со средствата на скопјани, а понатаму да го слушаме и нивниот глас – порача Арсовска, додавајќи дека станува збор за договор кој бил склучен пред почетокот на нејзиниот мандат.

Прашана за бесплатниот јавен превоз, Арсовска изјави дека се гледаат буџетите, тековните работи и не смее да има штета за ниту еден граѓанин кој живее во градот. Таа посочи дека ќе придонесе работите да се менаџираат квалитетно, а понатаму да се реализираат ветените проекти.

За минусот треба да постои соодветна одговорност и ние сме со намера да се испита зошто се состојбите такви, какви што се. Неопходно е да се изврши соодветна ревизија, да се види зошто овие претпријатија кои би требало да бидат доходовни се доведени во состојба на загубари. Во ниту еден случај не смее да се дозволи било кое јавно претпријатие кое извршува дејност во интерес на граѓаните да биде загубар – изјави Арсовска.

Според неа, првично треба да се најде начин да се санира состојбата, а потоа како Градот да ги помогне процесите и да им се овозможат ветените проекти на скопјани.

Арсовска најави дека во текот на утрешниот ден ќе има средба со медиумите на која ќе се разговара за сите теми кои се однесуваат на работењето на Градот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.