Независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска денеска беше на средба со Сојузот на организации на жени на Македонија (СОЖМ) на која со претседателката на организацијата, Савка Тодоровска разговараа за правата и еднаквоста на жените во сите општествени сфери.

Жената треба да биде активен чинител во секој сегмент од општеството. Сојузот на организации на жени претставува одличен пример за тоа како треба да бидеме организирани, им дава мотивација на сите жени и ги поттикнува да бидат јасни и гласни во своите барања. Јас ветувам дека ќе имам тесна соработка со Сојузот, пред се во решавање на родовите проблеми во општеството, но се обврзувам и дека ќе обезбедам соодветна заштита и помош за згрижување на жените, жртви на семејно насилство, изјави Арсовска.

На средбата се разменија и идеи за програмата за социолошко и  економско зајакнување на жените, намалување на невработеноста, зајакнување на личните капацитети на жените и поттикнување на женското претприемништвото.

Со моето искуство и знаење сакам да помогнам во имплементација на програми преку кои ќе го направиме општеството и градот подобро место за сите жени, додаде Арсовска.

На крајот на средбата Арсовска истакна дека за неа претставува особена гордост тоа што заедно со противкандидатката имаат можност да бидат единствени жени во трката за градоначалник на град Скопје.

Се надевам дека после овие избори ќе ги охрабриме жените и ќе ги надминеме стереотипните гледања на жената, особено жените политичарки, заклучи Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.