Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска во својата програма предвидува пристапни рампи и лифтови во сите објекти, инфраструктурно подобрување во сообраќајот, но и семафори со звучна сигнализација за лицата со попреченост.

Таа на денешната прес-конференција посочи дека Градот ќе биде пример за град каде се промовира социјална правда. Градот на хуманоста и градот на солидарноста, како што рече, мора да се грижи за ранливите групи граѓани.

Не е лесно да се живее со попреченост и затоа мојата програма нуди брзи и сигурни решенија што ќе овозможат подобро функционирање на градот за сите негови граѓани. Се предвидуваат пристапни рампи и лифтови во сите објекти, инфраструктурно подобрување во сообраќајот, семафори со звучна сигнализација за лицата со попреченост, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за лесен пристап за лицата со инвалидитет. Накратко, ќе реализираме издржани проекти и системски решенија што ќе овозможат олеснување на животот на оваа категорија граѓани – истакна Арсовска.

Таа, исто така најави дека при планирањето на новите улици и реконструкцијата на постојните во градот Скопје, ќе се вградат решенија, како и изградба на тактилни патеки за потребите на лицата со оштетен вид.

Неопходно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општеството, а тоа се предвидува во мојата програма. Како градска администрација ќе воведеме заштитна квота за нивно вработување, а спортските игралишта ќе ги направиме инклузивни за децата со попреченост – додаде кандидатката за градоначалник.

Арсовска вети и дека нема да заборави на најстарите членови од семејствата и дека на волонтерска основа ќе обезбеди помош за старите лица. Секоја недела ќе се доставуваат намирници од основни производи, нега, набавка на лекови во нивните домови.

Потребни ни се брзи и сигурни решенија, а денешните предложени ќе го олеснат животот на оние на кои треба да им посветиме посебно внимание – рече Арсовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.