Искрено жалам што иако кампањата за градоначалник се уште не е започната, нападите кон мене како личност не престануваат. Очигледно мојата кандидатура предизвикува вознемиреност кај одредена структура, па од недостаток на идеи за подобар и достоен живот за нашите сограѓани, некој одбира да се служи со интриги, клевети и манипулации, ова денеска преку реакција до јавноста го истакна Данела Арсовска, независниот кандидат за градот Скопје на претстојните локални избори.

-Сакам да повторам дека никогаш не сум била член на ниту една политичка партија и сум натпартиски и независен кандидат, односно кандидат на скопјани. Меѓутоа во интерес на вистината и за прецизно информирање на скопјани сакам да го кажам следново:

1. Како претседател на Сојузот на Стопански комори на Македонија со господинот Заев имам далеку повеќе средби и контакти на официјални форуми отколку со господинот Никола Груевски. Тоа не значи дека сум човек на господинот Заев, како што не сум човек ни на господинот Груевски. Ако треба да бидам нечиј човек, ќе ја прифатам улогата да бидам човек на скопјани.

2. Во однос на јавните напади кон мене за моето назначување како почесен конзул на Унгарија, сакам да потенцирам дека за истото согласност и одлука донесе актуелната Влада предводена од СДСМ, додека егзекватура за истото е потпишана од актуелниот министер за надворешни работи, господинот Бујар Османи.

3. За лагите и шпекулациите дека сум донатор на било која политичка партија ги повикувам засегнатите да поднесат каков било доказ. Бидејќи тоа не е вистина, барам веднаш јавно да се извинат, во спротивно мојот правен тим ќе покрене соодветна постапка пред надлежните судски инстанци, реагира Арсовска.

Таа додава дека за крај сакам да истакнам дека мојот мотив за влез во оваа градоначалничка трка е исклучиво подобрување на стандардот на граѓаните на Скопје, јасно презентиран во мојот концепт и визија за едно европско, современо и различно Скопје. Ја користам оваа прилика уште еднаш да се заблагодарам на граѓаните кои го препознаа овој концепт и ја дадоа својата поддршка изразувајќи ја со давање потписи на определените места од Државната изборна комисија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.