Актуелниот градоначалник на Скопје ја продал градската куќа и распишал оглас за купување нова градска куќа, информираше на денешната прес конференција независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска.
Дури противзаконски, сред избори тој објавил оглас за оваа цел и планира да даде 11 милиони евра. Наместо да се потрошат 11те милиони евра за нови луксузни канцеларии за градоначалникот, тие средства ќе ги вложиме во креирање иднина за младите. Во време кога младите заминуваат од земјава, во време кога многу малку се вложува во нивната иднина, во време кога имаме толку несредени работи во Скопје, на градоначалникот во заминување му е приоритет токму набавката на простор за луксузни канцеларии за него, информираше Арсовска.
Арсовска најави дека како иден градоначалник ќе вложи во креирање подобра иднина за младите. Дел од овие 11 милиони евра ќе бидат наменети за реновирање старата касарна во Аеродром, којашто во соработка со општина Аеродром ќе биде пренаменета во центар за софтверски инженеринг и хаб за иновативни ИТ стартап компании.
Ќе финансираме реновирање на овој центар каде младите ќе имаат можност да ги надградуваат своите вештини и да градат кариера во најбрзо растечкиот сектор во земјава. На овој начин ИТ стартап компаниите ќе имаат свои канцеларии, а младите нови можности за развој. Лицата кои имаат желба да се едуцираат во областа на изработка на софтвер и програмирање во ИКТ индустријата, како најбрзо растечка и најдобро платена индустрија, ќе имаат силна поддршка од градот Скопје и од мене како негов нов градоначалник, потенцираше Арсовска.
Според Арсовска, овој проект всушност ја дава разлика за тоа како функционира еден политичар а како еден менаџер.
Политичарот инвестира во канцеларии и во својата фотеља, а менаџерот во иднината. Време да ставиме крај на политиканството! Време е да ставиме крај на нефункционални решенија! Време е за брзи, квалитетни и сигурни решенија за градот Скопје! Не е време за непотребни трошења, кога имаме толку многу проблеми во градот. Време е за вложување и создавање услови за отворање на нови работни места. Време е да вложиме во иднината, истакна Арсовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.