Вчера во јавноста беше споделен проектот за зелениот кров над Градскиот Трговски Центар во Скопје. Од истиот момент, архитектонската фела на социјалните медиуми реагираше за истиот со доминантно негативни ставови, објави „Македонска АРХитектура“. Архитектите претходно беа поделени и околу идејата за кровна градина над ГТЦ дали воопшто треба да се гради, но откако се обелодени избраниот дизајн се обединија дефинитивно против.

Сите прашуваа за презентираниот проект, како е добиен, кој е авторот и зошто воопшто не е организиран конкурс на оваа тема? Коментарите нема да ви ги пренесеме со цитати, поради несоодветниот јазик, но дефинитино упатуваа на разочарување од властите со голема доза на цинизам.

Она што обесхрабрува е дека насловот на идејата – зелен кров и јавен простор над ГТЦ не звучи лошо, но начинот на неговата реализација преку сиромашна 3Д презентација – фелата ја потсетува на не така далеку црните времиња на домашната архитектонска сцена. Ваков простор мора да биде предмет на јавен суд и професионална критика, а единствен соодветен начин за тоа да се добие е отворен и јавен двостепен конкурс на темата, со вистински стручно избрана комисија и јавна презентација на проектите влезени во вториот круг. Но и до тоа да се дојде потребни се големи дебати каква конкурсна задача треба да се подготви пред расписот на тој конкурс. Се поинаку мириса на нешто расипано.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.