Математичарот Алексиј Тасиќ од Скопје, на 14 години освои златен медал на Меѓународната иранска геометриска олимпијада. На натпреварот учество вообичаено земаат 50 до 60 земји и се натпреваруваат околу 5.000 натпреварувачи, пренесува Деца.мк

„Учествував во елементарно ниво, кое е наменето за учениците од основните училишта. Освоив златен медал, со трета позиција, и се наоѓам меѓу кинескиот и над целиот руски тим. Особено сум горд поради тоа што ги имав сите поени на петтата задача, која само уште еден натпреварувач од цел свет ја реши“, вели Алексиј.

Тој учи во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската населба Аеродром и е деветто одделение. Љубов и вистинска поддршка кон овој предмет добивал од мајка му Елизабета, која е професор по математика.

Има освоено многу награди на општински, регионални и на државни натпревари, а покрај математиката, голем предизвик му се и физиката и хемијата. Алексиј вели дека има голема среќа што неговите родители и наставниците во училиштето го поддржуваат сите овие години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.