Хортикултурно уредување, целосна реконструкција или пак комплетна дислокација, се алтернативите со кои општина Аеродром ќе преуредува постоечките фонтани и просторот околу нив.
Како што велат од локалната самоуправа, ваквото преуредување на фонтаниете се реализира поради барање на жителите, но и поради скапото одржување на старите фонтани кои веќе одамна ја изгубиле својата убавина и функционалност.
Објаснувањето од Општината доаѓа откако во јавноста имаше големи реакции поради уредувањете на фонтаната зад ТЦ „Бисер“, која беше наполнета со земја и во неа беа засадени цвеќиња и зимзелени дрвца. Ваквата одлука, од општината ја правдаа со скапото одржување на фонтаната.
Се одлучивме за ваквиот чекор поради барањето од граѓаните од тој дел на општината. Во наредниот период хортикултурно ќе ги уредиме и другите нефункционални фонтани, кои за аеродромци ќе претставуваат вистинско зелено катче каде што ќе можат да уживаат во пролетните и летните денови – вели градоначалникот на Аеродром, Златко Марин.
Но фонтаната зад ТЦ „Бисер“ не е единствената за која е предвидена интервенција од општинските служби. Од општината велат дека, на барање на граѓаните, во паркот во населбата Мичурин целосно е отстранета фонтаната, поради како што велат, нефункционалност и на нејзиното место во рамките на целосната реконструкција на овој парк изградено е сосема ново детско игралиште со современи реквизити за безбедна игра на децата.
За разлика од Мичурин, жителите на Острово, пак, побараа целосно да се реновира фонтаната во паркот Бојмија. Во неодамнешната целосна реконструкција на овој парк беше обновена оваа фонтана. Таму поставивме модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип на млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои се со водена прашина, како и осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото и течењето. Ова е придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој беше во запуштена состојба – велат од општина Аеродром.
Кога станува збор, пак, за уредување на просторот кој се наоѓа зад ТЦ „Капитол“, од Аеродром велат дека од нивна страна веќе е изработен проект за со кој се предвидува изградба на детско игралиште на местото на постојната дотраена и нефункционална фонтана.
Општина Аеродром редовно врши реконструкција и санација на постојните фонтани. Неодамна се изврши пролетна подготовка на сите фонтани. Се отстранија оштетените плочки и други дотраени делови од фонтаните и се заменија со нови, мозаични плочки, а се постави и нова хидроизолација. Се уредија фонтаните во Паркот на езерата и паркот „Авионче“, фонтаната „Печурка“ кај игралиштето во Ново Лисиче, како и во паркот Јане Сандански – велат од општина Аеродром.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.