Акција за чистење на 20 скопски локации во која ќе се вклучат вработените од јавниот сектор ќе се одржи в сабота и на тој начин ќе се одработи неработниот ден од годинава, 2 јануари.
Како што информира министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на денешната прес-конференција на секоја локација ќе има обезбедено екипи од градските јавни претпријатија, соодветни стручни служби и алат за да помагаат на луѓето кои ќе чистат.
Локациите на кои ќе се одвива акцијата се езерцето Треска во Сарај, Акведуктот, СЦ „Борис Трајковски“, Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден“, Јужен булевар, „Бихаќка“, Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо“, Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди“, кај Собранието, цела улица „Македонија“, МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев“, улица „Ферид Бајрам“, улица „Александар Урдаревски“, Европската очна болница, улица „Индустриска“ во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.
Манчевски посочи дека за успешно спроведување на акцијата ќе бидат задолжени раководителите на институциите, односно премиерот во заминување, министерите, градоначалниците и директорите на институциите што ќе бидат присутни на овие локации, а Град Скопје дополнително обезбедил и соодветна механизација за одредени локации.
До локациите што се наоѓаат малку подалеку од центарот на градот особено Акведуктот и Сарај, ЈСП обезбедил и превоз. За сите кои се вклучени во акцијата се обезбедила и соодветна опрема односно заштитни ракавици и вреќи.
Акцијата, информира Манчевски, ја помогнаа канцеларијата на ЕУ во Скопје и амбасадорот Самуел Жбогар, додавајќи дека основна цел покрај тоа што ќе се исчисти е пред се подигнувањето на свеста кај граѓаните.
Претставничката на граѓанското здружение „Не биди ѓубре“ Ирена Ристиќ смета дека треба да се поработи на тоа да се едуцираат децата, а возрасните да се казнуваат, затоа што, како што вели, „малку е доцна да се едуцираат“ и смета дека казните ќе завршат работа.
Тоа што треба да го научиме за почеток, едни бебешки чекори за жал, е дека жардињерите не се канти за ѓубре, дека собраните лисја по улиците не се покана да го фрлите она што не ви треба врз нив, дека грмушките исто така тоа е феноменално зошто луѓето ги полнат грмушките со ѓубре, тоа никогаш нема да го разберам, рече Ристиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање, Манчевски информираше дека предлагаат укинување на софтверот „Балансер“ кој однапред ја одредуваше етничката припадност за кое било вработување, и како што вели, не постојат законски санкции за некој кој ќе се обиде да го изгира системот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.