По бурните реакции во јавноста поради најавата за уривање на Универзална сала, свое објаснување нудат и од Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ).
Во продолжение, ви го пренесуваме целото соопштение од Управниот одбор на ААМ:
Почитувани членови на ААМ, почитувана јавност,
По скорешните написи во медиумите во врска со Универзална сала, сакаме да Ве информираме дека ААМ во Декември 2019 година беше контактирана од страна на Град Скопје за организирање на конкурс за нова Универзална сала со проширена програма кој соодветствува на програмата која ја имаше конкурсот од 2013 год. каде беше предвидена изградба на обjект од 36.000 м², во согласност со постојниот Детален урбанистички план – ДУП Буњаковец 2. Од наша страна беше посочено дека на дадената локација објект со толку обемна програма е несоодветно да се постави, што најдобро се покажа токму со конкурсот од 2013 година. Нашиот став беше дека Универзална сала треба да остане во целост таква каква што е и да се реставрира во нејзиниот постоен облик и појавност. Од страна на Град Скопје бевме информирани дека средства за реставрирање и реновирање на постојниот објект на Универзална сала нема. Добиените информации беа дека Град Скопје има утврдено дека Скопје има потреба од поголема, современа концертна сала, со нова програма.
Согласно ваквата иницијатива, од наша страна беше предложено нова Универзална сала, со бараната проширена програма, да се гради на друга соодветна локација. По направената анализа, како можна локација беше предложена локација во близина на Спортскиот центар “Борис Трајковски’. Предложената локација е во непосредна близина на центарот на градот, содржи постојна инфраструктура и е во државна сопственост. Во поглед на изборот на нова локација за Универзалната сала, беше напоменато дека постојат уште неколку можни локации и спремни сме во соработка со Град Скопје, заедно да изнајдеме најсоодветно решение на проблемот. Со овој став ААМ понуди мислење базирано на стручни анализи се со цел да се погледне пошироката слика и однапред да се детектираат и решат можните проблеми од аспект на идно функционирање на тој дел од градот преку посоодветно планирање и искористување на државните ресурси.
Она што останува како факт е дека постојниот објект на салата е во многу лоша состојба и не функционира повеќе од 5 години со што овој исклучително значаен јавен простор во центарот на градот не ги користи ресурсите на местото. Меѓутоа исто така е факт и дека објектот на Универзалната сала претставува идентитетски топоним во кој е вградено огромно количество од културниот седимент на градот кој е составен од бескрајната низата настани одржани во изминатите 50 години. Од причина што бевме информирани дека Градот нема средства за реконструкција на Универзална сала, предложивме просторот каде што е сместена Универзална сала да прерасне во јавен простор кој што ќе биде дефиниран по распишување на анкетен конкурс со што би се добиле идеи за негово идно функционирање и планирање.
За да се избегнат забуни во јавноста, го повикуваме Град Скопје да ги презентира во јавноста сите наоди кои ги има за постојната состојба на Универзалната сала. Би повикале уште еднаш, да се зачува постојниот објект и доколку Градот Скопје нема средства за таква намена, ја повикуваме и Владата да се произнесе пред јавноста дали може да се обезбедат средства да биде реконструиран и зачуван обејктот во неговата постојна големина и појавност.
Меѓу другото, ААМ ќе поднесе иницијатива до Општина Центар, за новиот ДУП кој е моментално во изработка, оваа локација да биде со намалена површина за градба и истата да биде во рамки на постојниот објект.
Како и секој пат до сега, ААМ ќе се залага за решавање на сите спорни и „заборавени“ локации во државна сопственост, особено оние кои претставуваат клучни точки за развојот на Скопје, да добијат завршница и соодветно планирање или (ре)искористување, со што би се избегнала нивна (не)намерна злоупотреба во иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.