На површина од 10.000 м2, во должина на Кејот на Вардар (кај спортско – качувачката карпа), во општина Карпош изграден е Спортско – адреналинскиот парк. Како што соопштуваат од Општината, станува збор за прва ваква спортско – рекреативна зона во Скопје, во која има адреналински дел, но и повеќе други игралишта: фудбал и одбојка на песок со трибини, реконструиран скејт парк, сквер, детско игралиште, соодветна урбана опрема (клупи, корпи и вело паркинзи), како и штедливо ЛЕД осветлување.
Денеска, на увид на Спортско – адреналинскиот парк беа градоначалниците на Карпош и Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов, претседателот на Владата Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, како и претставници од Делегацијата на ЕУ во Скопје и од Проектот за локална и регионална конкурентност (проектна единица).
Градоначалникот Богоев истакна дека изградбата на овој парк е потврда на заложбата на општината за креирање на зелена општина и овозможување на зони за спорт и рекреација на сите граѓани.
Во рамки на оваа зона засадивме и 80 висококвалитетни дрвја, нова тревна површина, а поставен е и систем за наводнување на зеленилото. Сите заинтересирани граѓани ќе можат преку мејл/телефон да закажат термин на фудбалското и одбојкарско игралиште, а Адреналинскиот дел го одржува субјектот „Adventure side“, истакна градоначалникот на Карпош.
За Спортско – адреналинскиот парк, општина Карпош доби грант од Европската унија во висина од 41.000.000 денари, а учеството на локалната самоуправа е 6.300.000 денари.
Претставниците на Владата, Заев и Битиќи, како и градоначалникот Шилегов ја поздравија оваа инвестиција, која поттикнува спорт и социјализација меѓу сите граѓани. Тие се согласни дека овие зони се привлечни и за туристите од регионот, со што придобивките се повеќебројни.
Работното време на спортскиот дел од паркот (фудбал и одбојка на песок) и детското игралиште е од 10:00 до 23:00 часот. Сите заинтересирани граѓани слободно можат да ги користат игралиштата за фудбал и одбојка до 16:00 часот, а за спортување во попладневните часови треба да закажат термин на adrenalinskipark@karpos.gov.mk или на телефонскиот број 072 – 911 – 135.
Закажувањето на термини за време на викендите е до петок (15:30 часот).
Користењето на овие делови е без никаков надомест.
Работното време на Адреналинскиот парк е од 17:00 до 23:00 часот. Овој дел го одржува субјектот „Adventure side“ и за рекреација во истиот се наплаќа посебен билет.
Имено, сите граѓани на Карпош кои поседуваат картичка „Мој Карпош“ ќе можат да го користат Адреналинскиот парк за 600 денари.
За граѓаните од другите општини, цената на чинење е 600 денари (за деца од 6 до 16 години) и 800 денари (за возрасни).
Наплатата на билет е од причина што за овој дел и опрема во паркот потребна е тековна амортизација, а додека се рекреираат граѓаните, ќе бидат придружувани и од обучени инструктори. Исто така, субјектот „Adventure side“, ќе прави редовна ре-сертификација на Адреналинскиот парк, со цел да биде гарантирана безбедноста на сите корисници, велат од Карпош.
Во просек, еден корисник го поминува адреналинскиот дел за час и половина, а граѓаните ќе имаат право и два пати да користат ZIP LINE, како и да добијат GO PRO фотографии од овој авантуристички дел.
Сите граѓани можат да стапат во контакт со „Adventure side“ преку adventuresidemk@gmail.com и нивните официјални профили на Инстаграм (@adventureparkskopje) и Фејсбук ( Adventure park Skopje).
Целиот Спортско – адреналински парк е под 24 часовно обезбедување од приватна агенција. Ги повикуваме сите граѓани на одговорно користење на сите содржини во оваа спортско рекреативна зона, велат од Општина Карпош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.