Денеска се одбележуваат 56 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје и по тој повод домашни и странски делегации утрово положија цвеќиња пред споменикот на жртвите на градските гробишта во Бутел.
Во чест на загинатите, венец положи и официјална делегација на Град Скопје, предводена од градоначалникот Петре Шилегов, а составена од секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ и преседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева. Исто така, цвеќе положи и делегација на Советот на Град Скопје, составена од советничките Ирена Попова, Халиде Полоши и Соња Глинџарска.
„26 јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но, тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ја славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и неговите жители. И по 56 години важно е да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. 26 јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас“, велат од Град Скопје.
На 26 јули во 5.17 часот Скопје било разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала, односно магнитуда од 6,1 степени и длабочина од 5 до 7 километри. Главниот потрес траел 20 секунди, а помали потреси имало до 5 часот и 43 минути. Под урнатините загинаа 1.070 жители, а биле повредени над 4.000. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Во земјотресот беше разурната тогашната железничка станица, а денеска Музеј на град Скопје, а стрелките застанаа и оттогаш го покажуваат времето кога ќе се случила катастрофата, 5 часот и 17 минути.
Во рамките на одбележувањето на 56-годишнината од земјотресот вечерва во Градскиот парк на „Школка“ со почеток од 20 часот ќе се одржат концерти на Влатко Стефановски, Биља Крстиќ, Танос Ставридис и „Биг Бенд“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.