План Б доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезе на претседателски избори или тактика да се протне без никакви тешкотии она што е задача на оваа Влада – да го промени уставното име?! Оваа дилема се отвори откако вчера провладините медиуми, повикувајќи се на владини избори објавија дека Владата одлучила доколку нема цензус да го менува Уставот и Парламентот да избере нов шеф на државата. Она што сака да му се претстави на народот е дека ќе предложи уставни измени со кои претседател на државата ќе се бира во Собранието, а не на непосредни избори во случај ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поттикнат бојкот на претседателските избори, без разлика дали повикот би бил јавен или таен, како што беше за време на референдумот на 30 септември и ако тоа предизвика да нема цензус за избор на претседател на државата.

Собраниски извори за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека во случај да нема цензус, веднаш ќе се иницираат уставни измени и претседател ќе се избира во Парламентот. Парламентарното мнозинство со осумтемина независни пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ има 80 гласови потребни за пристапување кон промена на Уставот.

Ќе иницираме уставни измени. Референдумот покажа дека поради бојкотот на опозицијата не се стигна до потребниот цензус за да биде целосно успешен. Да не се случи исто и да не се блокираа извесниот влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ во јуни, ќе се иницираат измени. Целата процедура за уставните измени трае околу 100 дена. Додека таа не заврши, според Уставот, функцијата претседател ќе ја врши собранискиот спикер Талат Џафери“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК, пратеници од мнозинството во Собранието.

Но Уставот е јасен. Во тој случај до избор на претседател на државата, вршител на должноста претседател ќе биде претседателот на Собранието Талат Џафери. Одличен период за Владата да го протне она кое актуелниот претседател Ѓорге Иванов не сака да го потпише. Извори блиски до ВМРО-ДПМНЕ велат дека опозицијата се спремаат наголемо за претседателските избори и воопшто не размислува за бојкот. Велат, можеби поединци даваат ваков предлог, но тој предлог воопшто не се разгледува. Од друга страна се свесни дека доколку тоа се случи, Џафери согласно Уставот доаѓа на позиција на претседател. А таквата ситуација воопшто не одговара на политиката која ја води ВМРО-ДПМНЕ.

Но им одговара на СДСМ и ДУИ. Дали тие потајно подготвуваат терен за бојкот на претседателските избори и спроведување на она што го имаат зацртано?! Ќе има ли тивок бојкот од членството и симпатизерите на овие две политички партии и нивните коалициони партнери?!

Статистика на излезност

На референдумот гласаа вкупно 666.743 граѓани или 36,91 отсто од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список.

На претседателските избори кои се оддржаа на 13 и 27 април 2014 година, победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов. Тој во вториот круг доби 534.910 гласови, а противкандидатот од СДСМ, Стево Пендаровски, 398.077 гласови.

Во првиот круг учествуваа и Зоран Поповски од ГРОМ, кој доби 31.368 глас и Илјас Халими од ДПА, кој доби 38.966 гласови.

Се поставува прашањето на кому му одговара да не се дојде до цензунс на претседателските избори? А одговорот е очигледен. Во случај да не се постигне цензус кој сега е сведен на 40 % или некаде околу 720 000 гласачи кои треба да излезат во вториот круг, до следниот избор на претседател на државата, вршител на должноста претседател ќе биде Џафери. Тој ги зема сите ингеренции на Претседател на Република Македонија, па така некогашниот бегалец од Армијата на Република Македонија, поранешен командант на ОНА ќе биде и врховен командант на македонската војска. И додека во Собрание се тера процедурата за уставни измени, Џафери ќе го има времето пред себе, да го направи она што и е потребно на Владата на Зоран Заев за да го спроведе она за кое е донесена на власт од надворешен фактор.

Изборите би се оддржале некаде на крај на март, почеток на април. Во случај да нема цензус Џафери ќе ја презеде функцијата. Промена на Устав е процедура која трае. И наместо со сила, со добро смислена тактика ќе бидат спроведени уставните измени кои треба да овозможат спроведување на Договорот од Преспа, за кои пак народот на референдум не даде амин. Па дури и да не го менуваат Уставот, да се распишат нови избори, тоа би било повторување на процедурата – повторно нови кандидати, нова кампања… Доаѓа период на одмори, што значи изборот на нов претседател би можел да почека и до крајот на летото.

Џафери најави – со негов потпис ќе биде спроведено се

Во однос на одбивањето на претседателот Ѓорге Иванов да ги потпише овие два закони, Џафери вели дека тој има обврска тоа да го направи, бидејќи, како што потенцира волјата на Собранието, не може да се попречи и тоа ќе се реализира. Според Џафери, законот за ратификација на договорот, заедно со оној за употребата на јазиците ќе бидат испратени во Службен весник без потписот на претседателот Иванов.

– Тоа ќе се случи кога ќе ги пратам во Службен весник. Мој потпис има. Тоа е одлука, рече претседателот на македонското Собрание.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.