Советот на општина Куманово донесе одлука да се отпишат долгови на граѓани и на фирми што не ги плаќале обврските во периодот од 2004 до 2010 година. За фирмарина се отпишуваат долговите заклучно со 2010, а за данок на имот за физички и правни лица заклучно со 2008 година.

Меѓу фирмите се оние кои се во стечај и ликвидација.

Вкупно ќе бидат отпишани 42.898.437 денари по основ на неплатена фирмарина и данок на имот за физички и правни лица. Станува збор за обврски кои општината ги презела од УЈП. Водени од фактот дека државата оддели средства за Куманово од 100 милиони денари со кои општината има обврска финансиски да се раздолжи кон одредени субјекти, сакаме таквата одлука да ја пренесеме и да ја почуствуваат граѓаните и правните субјекти – информираше, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.

Општината направила пресек во даночното одделение и одлучила да им излезе во пресрет на овие категории граѓани и фирми кои во континуитет не плаќале фирмарина и данок на имот, кои реално не можат да се наплатат по основ на застареност.

Не сакаме да ги водиме ваквите бројки само како евиденција и сметаме дека ќе придонесеме за и онака скромниот буџет за најранливите категории граѓани, фирми кои не можат да платат, а воедно ќе дојде и до финансиско усогласување на реалните побарувања на општината – изјави Димитриевски.

И опозиционите советници го поддржа отписот, меѓутоа нагласија дека има и фирми кои имале средства да платат, а не ја плаќале фирмарината.

Општината заедно со јавните претпријатија должи 17 милиони евра без камата. Ние ќе добиеме еднократна помош од Владата во износ од 110 милиони денари што повторно за нас е значително сума. Ја користам оваа пригода да се заблагодарам на Владата, бидејќи сериозно се помага финансиски за најголем дел од општините од Македонија – рече Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.