На насловната страница на неделникот „Република“ беше објавена фотографијата на која сте и вие, со весникот в џеб.
Наумов: На тогашниот плоштад, кој се викаше „Маршал Тито“, денес „Македонија“, ја прогласивме Македонија за самостојна, суверена и независна држава. Во историјата засекогаш ќе остане запаметено дека на прогласувањето на овој значаен датум од државотворната историја на македонскиот народ на сцената немаше ниту еден претставник (нели претходно се прогласивме за плуралистички систем) што припаѓа на друга политичка партија, освен национално определени на партијата, односно ВМРО-ДПМНЕ, со исклучок на Киро Глигоров, кој имаше книшка 001 на СКМ.
Во еден од броевите на „Република“ Стојан Андов, тогаш претседател на Собранието на Република Македонија, призна дека не бил на сцената, имал работа, следниот ден бил во Грција, а вели дека не знае каде биле Бранко Црвенковски, Петар Гошев и другите. Меѓутоа, тука е Глигоров. Сам ли дојде Глигоров?
Наумов: Голема срамота е што првиот претседател на повеќепартискиот парламент, кој со свој потпис ја потпиша одлуката за спроведување референдум, не дојде на денот на прогласување на независноста и замина за Грција. Неговото заминување во Грција јас и многумина други го толкуваме како еден потег за бегство од Република Македонија во случај ЈНА, која уште беше присутна, да направи метеж, да ја ликвидираат првата Влада и луѓето што го промовираа прогласувањето на самостојна Македонија. Деновиве читаме дека Владо Камбовски, заедно со Анте Марковиќ, биле присутни кога се донесувале такви одлуки да се изврши замена на постојната влада, да се ликвидира и на нејзино место да се постават луѓе што ќе бидат послушни на Белград. Во таа смисла, имаше закана и од страна на Митре Арсовски, генерал во југословенската армија, кој овде на телевизија, во Скопје, изјави дека таа влада што ѝ одзема воена евиденција на ЈНА ќе биде ликвидирана. „Јас сум генерал и ако треба ќе бомбардирам“, рече тој. Подоцна, тој дојде во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Беше заменик или советник на Никола Кљусев во Министерството за одбрана. Киро Глигоров дојде откако премиерот Кљусев, трипати му испрати порака по пејџер: Киро доаѓај, ќе прогласуваме независност, ќе ги објавиме резултатите, доаѓај што поскоро, ќе замине 24 часот, а 9 септември е празник на Бугарите. И тој дојде. Првите што се качивме на сцената бевме четворица штипјани – Глигоров, Јордан Мијалков Кљусев и јас. Немаше никој друг. Потоа дојдоа сите други што беа на сцената. Меѓу нив, за жал, имаше и луѓе што потоа ја сменија својата политичка и идејна опција и се претставија како немакедонци, македонски Бугари и така натаму и еден, кој беше во југословенската тајна агенција, амбасадор што неколку пати ја префрлаше партиската книшка кога не беше назначуван на одредени функции. За жал, сега е амбасадор, но тоа не е моја работа.
Ја споменавте воената евиденција од поранешната ЈНА.
Наумов: Тоа прашање за одземање на воената евиденција се постави многу брзо бидејќи почна војната во Словенија и во Хрватска. Во мај-јуни 1991 година Словенија и Хрватска се осамостоија, ЈНА водеше војна во БиХ и таа требаше да прелее во Македонија. Тогаш пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во парламентот, која има историска заслуга и јас ја сметам за државотворна партија, рече поскоро да се распише референдум и да се донесе одлука за осамостојување на Македонија за да можеме ние да функционираме како независна држава. Пред распишување на референдумот, Јордан Мијалков, кој беше министер за внатрешни работи, дојде во мојот кабинет и ми рече: „Куме, една мисла ме гони. Сакам да ја земам воената евиденција за да ги спасиме нашите деца да не одат како топовско месо, а во исто време да ги спасиме нашите родители, кои од 14.000 до 16.000 беа регрутирани да заминат во ЈНА“. „Идејата ти е одлична, му одговорив, само кажи како да ја реализираме. Да одиме кај премиерот“. Отидовме кај премиерот, му кажавме за идејата на Јордан Мијалков, тогаш Кљусев кимна со глава: „Да, тоа е добра идеја, да го викнеме и потпретседателот за општествено-политички систем во Владата“. Тоа беше Блаже Ристевски. Дојде и тој, разговаравме како да ја одземеме, каде да ја сместиме. Во таа пригода се дискутираше за воената евиденција, а Јордан предложи да се однесе во Министерството за внатрешни работи, во магацините. Јас реагирав и реков дека министерството е институција со оружје, ЈНА има оружје, ќе дојде до војна. Предложив да ја сместиме во подрумите на Собранието. Реков дека ако дојде ЈНА со оружје и со тенкови, ќе ги повикаме граѓаните, со жив ѕид да легнат пред Собранието за да ја спасиме воената евиденција. Во тој период во Босна мајките легнаа пред парламентот и така спречија еден упад на ЈНА. Но, тој предлог не се усвои. Решивме воената евиденција да се одземе, во исто време, во 24 часот навечер, и да шета во неколку камиони низ Македонија. Бидејќи ЈНА не ја интересираа камионите, полиција не ги сопираше и не вршеше контрола. Така таа шеташе една недела. Откако беше одземена воената евиденција, следниот ден Кљусев свика седница на Владата. Тој таму ги информираше министрите за чинот што е направен од безбедносни причини, да не дознае Белград и да не интервенира. Тогаш Ристо Дамјановски беше министер за одбрана и рече: „Тоа не може. Тоа е против Уставот. Сојузниот Устав уште важи“. Јас тогаш чукнав на масата и реков, со погруби зборови: „Остави Ристо, ќе те правиме генерал македонски!“ Тогаш беше најавено дека тој ќе биде генерал на Југославија. А тој ми рече: „А тој твојот кумашин синоќа ми ги исклучил телефоните, и црвениот и обичниот и мене од Белград ме бараа преку други телефони“. А јас ни пет-ни шест му реков: „Ристе, па ти не си Горбачов па да ти ги исклучат телефоните“, во тоа време Горбачов беше на одмор, а кога му се вршеше пуч му ги исклучија телефоните, и настана општа смеа. Така ја одзедовме воената евиденција.
Потоа отидовме кај Киро Глигоров и тој нѐ праша: „И сега што сте направиле, слушате ли како Митре Арсовски и другите генерали ни се закануваат?“ Тоа време, навистина, од долу, од аеродромот тргна воен конвој кон Скопје. Ни јавија дека ЈНА со свое оружје доаѓа кон Скопје. Си рековме, готови сме. Ние бевме во Собранието. Ако нѐ жртвуваат, нека нѐ жртвуваат за Македонија. Меѓутоа, кога дојдоа до Судската палата кај „Мавровка“, место кон Собранието свртеа кон касарната „Маршал Тито“. И така се ослободивме.
Прашањето беше што да правиме? ЈНА ни се закануваше, па Јордан Мијалков предложи вечерта и следните денови да не спиеме дома. Глигоров и во своите мемоари пишува дека рече дека ќе остане дома: „Заклучив секаде, викнав еден новинар и дадов интервју, па му реков на новинарот- еден примерок кај мене, еден кај тебе. Ако ЈНА нападне, Радио Скопје да емитува сѐ додека може ’народе ајде на пасивен отпор, излезете пред Собранието, бојкотирајте ја новата (евентуална) власт, за да можеме да опстанеме како самостојна држава‘“.
Андов рече дека ќе ја праша неговата Марија, неговата сопруга. Јордан Mијалков и Кљусев де се криеја во просториите на министерството, де на Водно, менуваа локации на неколку вечери на неколку места сѐ додека малку не се смири работата. Но, Глигоров и друго рече: „Е сега вие вмровци сте многу активни, ајде сега да ве видам, Јордане, ако ЈНА нападне ти преземи мерки во Битола (имавме ние некоја паравоена единица во Битола, Лавови, Фаланга итн), ајде преку твоите вмровци подигни бунт, поведи го народот пред Собрание, напиши пароли ’Не ја сакаме Југославија‘, ’Не ја сакаме ЈНА‘“. Тогаш Диневски напиша една парола „Македонци излезете на протест против ЈНА“. Така се случуваа работите. Одземањето на воената евиденција е заслуга на Јордан Мијалков, тоа спаси 16.000 деца од одење во ЈНА.
Како беше формирана првата влада? Како дојде до избор на Глигоров за претседател, на Георгиевски за потпретседател?
Наумов: Да почнеме од Глигоров. Уште пред да се состави првиот плурален парламент, меѓу првиот и вториот изборен круг на избори, се виде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и тогаш дојде абер од СКМ-ПДП дека сака да преговара со ВМРО-ДПМНЕ за идна поделба на власта. Тие дадоа предлог, ние баравме локација и се договорија со мојот син, кој беше во потесното раководство со Љупчо и со Змејко, тоа да биде мојот дом, станот во кој живеам. И една вечер во декември дојдоа Глигоров, Петар Гошев, Тито Петковски, а тука беа Георгиевски, Змејковски и син ми. И јас како домаќин. Пред да почнеме со преговорите, кои траеја три- четири часа во ноќта, реков чекајте да ви се декларирам. Тие, Гошев и Петковски, ме знаеја како функционер, заменик на јавниот обвинител на Македонија. Јас припаѓам на ова крило, од репресирано семејство, па Петковски се зачуди. Па следниот ден во ЦК барал да види дали сум јас член. Па праша, како сум јас заменик на јавниот обвинител? „Па, прашајте го Боро Денков и Чемерски“, реков.
Основната цел на нивната посета беше ние како ВМРО-ДПМНЕ да дадеме согласност Киро Глигоров да биде претседател на државата, Андов да биде претседател на Собранието, а другото ќе се дели. Јас се согласив, младите не се согласуваа. Јас тргнав од тоа дека го знам Киро Глигоров. Дека по 1945 година, по конституирање на АСНОМ и на асномската република, тој, фактички, беше истеран од Македонија. Со писмо на Лазар Колишевски го испратија во Белград да работи таму како економист и таму остана 45 години. Друго што ме мотивираше што тој за време на НОБ даде приговор на проектот на АНОК (Антифашистичкиот народноослободителен комитет). Знаејќи го тоа, викам тој ќе биде добар Македонец, ја прифаќа програмата на ВМРО, го предлагав, но овие моите никако да го изберат. Не сакаа да го избираат затоа што Љупчо Георгиевски не беше пратеник, не го избраа за пратеник. Дојде кај мене дома рече може ли да бидам премиер, а јас му викам како бе дете на 24 години да бидеш премиер, јас не се нафаќам…
Колку години имавте тогаш?
Наумов: Јас имав 60 години, тој 24. „Добро, реков, Љупчо Георгиевски ќе биде потпретседател на претседателот“. Ама и Блаже сакал. Тој сакаше, но јас реков дека не може. Блаже не беше вмровец, тој беше во МААК. И решивме Љупчо Георгиевски да биде потпретседател.
Прво на 25 јануари се постави услов да се донесе Декларација за независна самостојна Македонија. И откако таа Декларација се донесе на 27 јануари, многу брзо, се избра Глигоров за претседател. По неколку дена го избраа Георгиевски. Тогаш стана Глигоров претседател на државата и го изигра тоа што го ветуваше, дека ќе правиме самостојна, независна Македонија. Почна да оди по митинзи, почна да зборува: „Сега ќе биде битката за опстанок на Југославија, Македонија е крваво заинтересирана да опстане Југославија“. Ние бевме друга опција. Една опција беше Македонија самостојна, а другата опција за Југославија.
ВМРО-ДПМНЕ на Киро му предложи четири кандидати за премиер и тоа Лепавцев, Костурски, Богданов и Милан Ставрев од Народна банка, заменик-директор. Тоа беа магистри и доктори, но Киро не прифати ниеден од нив. Не прифати, немале квалификации, а потоа можеше Бранко без квалификации да го избираат.
За да не дојде до политичка криза, за да нема нови избори, ( а ако имаше нови избори не 38 туку 60 и неколку гласа ќе добиевме, може ќе беше подобро да дојдеше до нови избори), тогаш му однесов список на Глигоров, од кој мора да избира. И во првиот ред го ставив брат ми Наум, познат економист, но поради болест, леукемија, не се прифати; Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во времето на Георгиевски; Бошко Тонев, директор на Земјоделска банка во Белград, го затворија; потоа Борче Јосифовски; Блаже Ристовски, кој, исто така, беше суден. И, во тоа време дојде, Јордан Мијалков од Прага.
Јас го викнав по телефон: „Јордане, дојди, ќе правиме држава! Ќе те правам министер за внатрешни работи“. И дојде и тој. Дојде вечерта кај мене, го виде списокот што го правев и рече: „Ама го нема Никола Кљусев“. Реков: „Слушај бе, Никола Кљусев си го сакам како национално определен, ама Кљусев не беше суден за ВМРО“. Ние правевме листа на вмровци што се судени за ВМРО, за националната идеја. Но Јордан инсистираше и јас го ставив како петти на списокот. Киро се определи прво за Блаже Ристовски. Блаже, како мене, тогаш имаше околу 63 години и, исто така, не се нафати. Блаже рече: „Ѓорги, ти комуницираш со Киро, оди кажи му Кљусев да биде претседател, а јас да бидам негов потпретседател“. Јас му реков дека не може така. ВМРО не се согласува. Потоа Киро се определи за Кљусев и тој беше избран за премиер. Така дојде до изборот.
А, Јордан Мијалков, кога дојде од Прага, му реков: „Чекај ме кај Водно, кај училиштето на крстосницата, ќе те земам и одиме кај Киро Глигоров“. Тука преговаравме и јас му реков: „Претседателе, овој човек треба да биде министер за внатрешни работи, јас министер за правда“. Тој рече: „Ѓорѓи, ти си домаќин човек, како што ќе речеш“. Прифаќаше сѐ што ќе му речам само да дојде до претседателска функција. И така дојде до формирање на Владата.
Во читањето на весниците од тој период се наметнува прашањето за ВМРО-ДПМНЕ и медиумите.
Наумов: Види сега, во тоа време беа „Нова Македонија“ и директорот Панде Колемишевски, кој сега гледам дека ставил нова капа, има нова визија, нови погледи, сигурно врши некаква корекција за да се додвори и да се умилкува. Колемишевски, Шољаковски, Мирка Велиновска, „ново ехо од Крушево“, кога го исплукавме Киро Глигоров, „Љупчо бара комити“, Банов, Тричковски, итн, беа најжестоки против ВМРО-ДПМНЕ. Нѐ нарекуваа јавачи на апокалипсата, бугарофили, разбојници, пијаници, итн. Навистина, во нашите редови имаше луѓе и од таква природа: пијаници, брадести, но јас не се срамев. Јас одев со нив, идејно бев со нив, сите ме знаеја, и обвинители и судии, никој ништо не ми приговараше на тоа. Ми викаа како можеш со Змејко да седиш, а јас викав треба да си внатре, па да го смениш , не можеш однадвор да го смениш. Така што тие беа жестоки противници, особено во 1997 година, кога требаше да се слави Илинден, 2 август, јас на извршен комитет реков: Дајте ние да бидеме овој пат организатори на прославата на Илинден бидејќи ние сме вмровци, нам ни припаѓа. По завршувањето на прославата, весниците, Мирка Велиновска, не опишуваа како „јавачи на апокалипса“ итн., сега и таа веќе нѐ брани, и таа се престрои во новите редови .
Која година не Ве пуштија да положите цвеќе на споменикот на Питу Гули во Крушево?
Наумов: 1997, јас, Змејко, Доста, Љупчо Георгиевски, ние четворицата стоиме, држиме цвеќе во рацете да положиме цвеќе на споменикот на Питу Гули, МВР не сопре, не ни даде да одиме, да положиме цвеќе, како да сме ние разбојници, како да сме ние апатриоти итн. А за тоа бугарштината јас лично на Киро Глигоров му го однесов уверението за адвокат во Скопје од 1943 година кога се запишувал, има негова молба до одборот, каде што се потпишал како „ваш поданик б’лгарин Кирил Глигоров“. Тогаш вели така било. А нас нѐ нарекуваа бугарска партија? Еве сега зошто да не се потпишам како Бугарин?
Прашањето што Ви го поставив беше односот меѓу медиумите и градењето и бранењето идеологија и правењето фама околу ВМРО… тоа го гледам како ехо што и денес провејува…
Наумов: ВМРО да се забрани. Секогаш викаа дека ВМРО-ДПМНЕ е националистичка, фашистичка, пробугарска партија, но не може да го оценат духот на народот. Ние водевме борба со Змејковски, со Љупчо Георгиевски, особено мојот син. Одевме кај Блаже кога се формираше партијата. Не да стои само ДПМНЕ. Само предзнакот ВМРО е нешто што ќе го обедини народот. Па не случајно на митинзите Македонците излегоа со свеќи. Тоа е нешто духовно, тоа зборуваше дека поголемиот дел од народ бил определен за идеите на ВМРО, да се оствари таа идеја, додека комунистите никогаш не сакаа самостојна независна држава Македонија. Ние како ВМРО-ДПМНЕ успеавме да добиеме 38 пратеника и оттогаш натаму, освен кога апстиниравме во 1994 година, ние секогаш водевме. И во 1996 година и во 1998 година и девет години наваму, девет пати постојано ВМРО има од 38 до 44, 56, па 61 пратеник и мислам дека со оваа гарнитура, сѐ додека во СДСМ не се преоценат самите себе, дека и тие се Македонци. Ако се Македонци, да ја поддржат македонската кауза. Македонскиот народ е државотворен народ.
Во подготовките на референдумот се донесоа неколку закони што дојдоа од владата, а се однесува на економските процеси.
Наумов: Веднаш ќе ви кажам, Законот за приватизација на општествениот капитал го правеше Јане Миљовски. И кога на седница на владата тој го објаснуваше и читаше, ние рековме: „Не, овој закон не чини“. Миљовски рече: „Но тука е целиот ум, најголемиот ум на македонски интелектуалци е вклучен тука и ова е најисправниот закон“. Веднаш му скокна покојниот Ѓорги Ефремов, академик. „Тоа што го тврдиш не е точно. Членот 3 ти е препишан од словенечкиот закон“, тој го имаше тој закон, па му посочи: „Еве ти го словенечкиот закон. Ти си препишал, каков ум какви бакрачи“. Се создаде караница, го дадовме во Собранието, па го повлековме како Влада. Но Јане Миљовски тогаш рече: „Добро, добро, законот го повлековме, ама ние на поелегантен начин ќе го решиме овој проблем“. Каков поелегантен? Владата падна, законот од новиот парламент се усвои. И потоа со него се даде можност сите директори што ги управуваа големите фирми да станат сопственици на фирмите, да ги приватизираат. Се измени и Кривичниот законик со што се избриша одредбата со која се предвидуваше инкриминација и казнување на одговорните лица во претпријатијата што ќе извршат незаконити и противправни дејства. За да не ги фати овој дел и да одговараат кривично тие го избришаа тој дел од законот. Затоа не случајно се зборува дека СДСМ и Бранко Црвенковски обезбедија директорите што му честитаа на прославата кога го избраа, да може да ги раководи, за тоа го измени Кривичниот законик. Потоа, кога ВМРО-ДПМНЕ се врати на власт, повторно ја врати таа одредба, но таа немаше ретроактивно дејство. Така што тој закон е дело на СКМ-ПДП.
Во времето на ембаргото за СРЈ, делот од власта имала удел во криминалот?
Тоа беше кршење на ембаргото кон Србија со знаење на раководството, и дел од богатството го здобија со кршење на ембаргото со извоз на челик, оружје, каква било стока од Македонија за Србија и за Црна Гора. Значи, спрега Црна Гора, Македонија Србија. Ембаргото го кршеа со сите повисоки директори, а за тоа знаеше и вториот потпретседател на владата – Реган. На крај и тој избега од таа влада на Црвенковски, ја нарекуваше чирачка, приправничка влада итн.
И место да се гонат криминалците, од МВР беше изгонет Павле Трајанов, тој во јавноста укажа на криминал во врвот.
Да, Павле Трајанов, навистина, во време на Фрчковски објави дека има криминал во владата. Меѓутоа, Фрчковски му даде одреден рок, но и покрај тоа, не стигнаа пријави. Што направи Фрчкоски, дали ги повлече, не знам. Но потоа и тој стана министер и не ги активира. Тие дела не застаруваат за една или две години, туку за десет или дваесет години. Некои од нив и денеска не се застарени. Ме чуди Трајанов, кај вас во интервју зборува за таа криминализација и тоа е сѐ во ред. Но морам да кажам дека Павле Трајанов и Слободан Богоевски беа разрешени од стариот социјалистички систем, а кога дојдовме на власт тие доаѓаа кај мене со барање да им дадеме поддршка…
Тој случај имаше име..
Наумов: Да, „Осуммината“ …. Доаѓаа тие кај мене дома барајќи функции во МВР бидејќи давале податоци за време на изборите на Љупчо Георгиевски и на Доста Димовска. Јас ги проверив и ми потврдија дека, навистина, давале податоци. Јас им реков дека ќе им дадам поддршка, но и дека сме во преговори со Петар Гошев. На тоа ми одговорија дека имаат поддршка и од Гошев. Тогаш сфатив дека тие двајца дејствувале на два фронта – нѐ известувале и нас и Гошев.
На 19 декември загина првиот министер за внатрешни работи, Јордан Мијалков.
Како денеска се сеќавам, на тој 19 декември владата имаше средба. Пред да почне, побарав збор. „Премиере, денеска е свети Никола, каде е појадокот?“ Името му беше, па така и стори, појадувавме и ајде почна дневниот ред. До мене седеше Денко Малевски, а подолу Јордан Мијалков. По едно време го снема Јордан. Го прашав неговиот заменик, и тој ми кажа дека заминал дома. А тој ја отворил вратата зад мене, го викнал Кљусев, и му рекол дека Глигоров му рекол да оди за Белград на состанок со Грачанин. Тоа го потврдуваа и Кљуссев и Глигоров. А Кљусев му рекол: „Па оцени, оцени“. Како премиер не му рекол: „Стој, не оди, ние имаме Устав, самостојна независна држава сме, нема што да бараме таму“. Мијалкјов заминал дома, се преоблекол, земал чантата и тргнал на пат на кој загина. Според мене, Киро Глигоров и Никола Кљусев не смееле да го праќаат, не смее министер на една држава да замине без согласност на претседател и на премиер. А Глигоров го пратил на состанок кај сојузниот министер.
Зошто го пратил?
Наумов: За да се спречи опстанувањето на суверена Македонија и да се реализира онаа мала Југославија, платформата Глигоров – Изетбеговиќ. Тој 19 декември Јордан замина со шоферот и таму кај Бујановац, се случи сообраќајната несреќа, наместена или ненаместена, не знам. Павле Трајанов и Слободан Богоевски со превозни средства го закачиле автомобилот и го донеле. Чантата на Јордан ја немаше. Во неа Јордан имаше значајни документи за „осуммината“, за Стојан Андов.
Но каде е чантата на Мијалков со документите?
Наумов: Тоа треба да го кажат Павле Трајанов и Слободан Богоевски. Тие беа одговорни. Со хеликоптер носеа, што носеа, документите ги снема.
Се сомневавте ли тогаш во некои сценарија?
Наумов: Па, Грачанин, јас бев присутен во еден момент во МВР кога Јордан разговараше со Грачанин по телефон. Грачанин му рече: „Ќе соработуваме ли?“, а Јордан му одговори: „Ќе соработуваме по рамноправна основа“. Потоа замина за Белград бидејќи инсистираше Киро Глигоров да замине за Белград. Што сторија, како сторија и ден-денес не е откриено. Не може да се открие дали во Србија добил соодветна терапија. Или разбраа дека е министерот за внатрешни работи на Македонија а Србија беше заинтересирана Македонија да остане како бановина, не знам.
Меѓу другото, зошто Глигоров би го испраќал Мијалков на разговори во Белград кај сојузниот министер, заедно со црногорскиот министер, а референдумот веќе бил поминат, декларацијата за сувереност била донесена, биле поднесени документи за меѓународно признавање на независноста?
Наумов: Да, се донесе после Уставот, веднаш по референдумот. Чекавме да се поднесе предлог до ООН, го чекавме Киро Глигоров да прати барање да бидеме примени и признати под името Република Македонија.
Желба беше на Глигоров Македонија да остане во рамките на мала Југославија, тогаш беше актуелна платформата Глигоров – Изетбеговиќ. Од ООН немаше никакво известување, се собравме и отидовме кај Киро Глигоров. „Киро, што стана со декларацијата за суверена Македонија, не си ја испратил до ООН“, го прашавме. Рече: „Ја пратив, ама прво треба да оди во Белград, кај дипломатот што е во ООН во Белград, тој да ја достави, не можам јас директно да ја пратам, да го прескокнам него“. Но кога ја видовме, не ни беше потпишана Декларацијата, писмото што го пратил. Требаше Декларацијата за суверена Македонија да се испрати до ООН, а Киро ја испраќа до Белград. Писмото со кое ја праќа е непотпишано. Рече, моите згрешиле. И тогаш седум-осум министри му се нафрливме на Киро да ја испрати. Но, беше доцна, Европа под притисок на Грците рече дека не може да бидеме признати под името Република Македонија.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Ѓорѓи Личовски
(Интервјуто со Ѓорѓи Наумов е објавено во 107. број на неделникот Република, 19.09.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.