Роден во Велес, израснат во старото маало Црна Џамија. Семеен човек, татко на две малолетни деца. За себе вели дека е човек кој ги почитува и негува семејните вредости. Растен е во маало каде има и цркви и џамии, место во кое има меѓуетнички и меѓуверски соживот. Како директор, но и како вработен во Центарот за развој на вардарскиот плански регион има спроведено низа проекти не само во Велес туку и во други осум општини од тој крај. Со кандидатот за градоначалник на Велес, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марко Колев, разговаравме за неговата визија за Велес, за потребите на граѓаните, а најголемит проекти.

Имаме реализирано над 100 проекти, финансирани од различни донатори. Покрај државни инстиуции, поголем дел од проектите се финансирани од меѓународните агенции кои во Македонија, УНДП, УНОПС, УНИДО, УСАИД, Германска развојна агенција, Швајцарска амбасада и Швајцарска развојна агенција, Јапонска амбасада. Тоа се донаторите со чија помош сме ги реализирале проектите во вардарскиот плански регион. Во Велес има околу 15 проекти кои сум ги реализирал со мојот тим додека бев раководител – вели Марко Колев, набројувајќи дел од проектите кои нему му се лично драги, како проектирањето на индустриската зона Мамутчево, резервар и цевковод во оваа зона, како и патната инфраструктура во индустриската зона Караслари.

Тој ги нагласува проектите поврзани патот помеѓу Сливник и Бузалково, инвестиции во детските градинки, како енергетска ефикасност, надворешно уредување, клацкалки, лифт во ОУ Васил Главинов за децата со попреченост, енергетска ефикасност во средното училиште Коле Неделковски, инвестиции во Отовица, реконструкција на зградата на Радио Велес, возило за противпожарната станица во Велес, две возила за брзата помош.

Дали бенефитот од овие проекти е причината за неговата одлука да се кандидира за градоначалник?

Си ја сакам мојата работа, ме исполнува. Врз основа на она што сме го сработиле со тимот пред некаде три години, реакциите од граѓаните беа позитивни и тоа ме охрабри посериозно да размислувам да бидам кандидат за градоначалник на Велес. Без граѓаните и нивната поддршка нема успех. Сериозно работев во изминатите 12 години, особено кога бев директор на Центарот, кога ја имав одговорноста. Тоа симпатично им делуваше на граѓаните, се градеше секаде низ регионот. Граѓаните ја препознаа таа моја силна волја и енергија која ја давав во делот на носење на финансиски средства – вели Колев.

Тој има визија за она што сака да го направи за Велес и селата кои влегуваат во Општината. Најави осум поголеми проекти, но вели има многу повеќе. Има стратешки проекти кои треба да бидат опфатени во програмата, и за секој проект се знае од каде ќе биде финснсиран.

-Тие осум проекти опфаќаат многу голема целна група. Во изминатите три месеци со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, одевме од маало до маало, ги слушавме потребите на граѓаните, невладиниот и бизнисцентарот. Генералниот урбанистички план е еден од најголемите проекти и кочничар за развојот на Велес. 16 години немаме генерален урбанистички план. Главни сообраќајни решенија, дали е тоа проширување, кружен тек, водовод и фекалнна и атмосферска канализација. Развојот на градот во делот на колективно и индивидуално домување. Сето тоа се решава со ГУП. Во општините во Западна Европа на секој десет години се менува ГУП, живееме во брзо време, потребите се менуваат. Ќе побарам максимална поддршка од сите чинители во Велес да се заложиме да направиме ГУП согласно потребите на граѓаните и на стопанството. Да не го кочиме развојот на Велес, затоа што на никој не му одговара. Потоа мора да се реши сообраќајниот хаос којшто владее во Велес. Градот е на два рида, сообраќајниот хаос ни е рак рана, проблем кој мора да се реши. Се воведе зонско паркирање, не само што не го реши, туку напротив се искомплицира целиот процес. Работиме со стручни лица и од Велес и надвор од велес и за брзо време ќе дадеме наше гледиште за решавање на овој проблем – вели Колев.


Тој го нагласи и проблемот со уличните кучиња во Велес. Вели има многу судски постапки поврзани со каснување од кучиња, се плаќаат големи суми пари како отштета од каснување. Ова е проблем, кој, како што најави Колев, ќе се решава на регионално ниво, повеќе општини да направат стационар. Желба на Колев е да го урбанизира кејот на реката Вардар, кеј од двете страни на реката, како и патека за кајакарење. Како дел од неговиот проект се и индустриските зони, како и мостот кај Башино Село, кој како што вели, се моли да не да падне.

-Еден од проектите кои ќе ги дадам е и изградба на велосипедски парк, прв парк во Република Македонија. Тоа би било помеѓу Велес и езерото Младост. Тоа би биле минимум три патеки, една асфалтирана, една со земја, една со тампон. Ќе има и дел за пешачење, разни содржини. Сакаме да ја вратиме насмевката. Ние заборавивме да се смееме. Тоа е еден од најголемите проблеми. Ако не ја вратиме насмевката кај граѓаните на Велес, ништо не сме направиле – посочува Колев.

За нереализирните проекти од страна на актуелната локална самоуправа, за, како што вели, изиграната волја на велешани, за неговиот противкандидат, за плановите за велешката Питијада, за неговата порака до граѓаните слушнете во видео разговорот кој го водеше новинарот Билјана Бабиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.