Македонскиот народ станува табу тема во Република Македонија. Пред неколку години имавме забранета книга. Годинава постоеше обид за забрана на филм што третира македонска тема. Многу содржини од учебниците по историја ќе бидат забранети. А сега се најавува дека ќе биде забрането изразувањето на етничката припадност на пописот на населението. Долго време инсистирам на попис, но, која е целта на пописот без изразување на етничката припадност? – праша претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

Со Охридскиот рамковен договор во нашиот Устав се вгради концептот на индивидуално користење на колективни права кои се стекнуваат врз основа на процентуална застапеност на етничките заедници. Јавно прашувам: дали со ваков попис се обезвреднува Охридскиот рамковен договор? Зарем ова не е поткопување на нашата мултиетничка демократија? Зарем се заборава дека без етничка графа нема Охридски рамковен договор?- рече претседателот Иванов.

Наместо доблест и чест, рече Иванов, љубовта кон татковината станува грев.

Живееме во векот на човековите права и слободи. Сите идентитетски битки во светот се водат за формално-правно признавање на идентитетите. Сте се запрашале зошто речиси сите малцинства, независно дали се етнички, верски, јазични, родови, толку упорно инсистираат на правно признавање? Поради правното дејство. Точно е дека никој не може да ми го одземе личното право да се самоидентификувам како Македонец. Но, без правото на самоопределување, самоидентификацијата нема правно дејство. Во време кога немале сопствена држава, многумина од нашите предци себеси се идентификувале како Македонци, но формално-правно ним им наметнувале други, туѓи идентитети. А сега вие го лишувате македонскиот народ од формалното колективно право на идентитет и се задоволувате со неформалното индивидуално право на самоидентификација- рече претседателот Иванов.

Не можете да ја сакате Македонија а да не ги сакате Македонците. Не можете да ја сакате Македонија а да не го сакате Македонскиот народ. Зошто ние да бидеме единствената држава без државотворен народ на Балканот?- порача Иванов пред пратениците.

И како што со спогодбата од Преспа се негира македонскиот народ, а со слободното толкување на договорот со Бугарија се деконструира македонската историја, така со Тиранската платформа и противуставниот закон за употреба на јазиците се прави обид за демонтирање на македонската држава- рече претседателот Иванов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.