Денеска до 12 часот се вакцинирани вкупно 267 деца со МРП од предучилишна возраст, известија од министерството за здравство, откако вчера министерот Венко Филипче прогласи епидемија на морбили или мали сипаници на територија на градот Скопје поради 12 нови случаи. До овој момент е добиена лабораториска потврда за две лица, од шестте новозаболени, додека за две од нив резултатите се негативни, а кај еден случај на дете се прават дополнителни лабораториски испитувања.
Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани во градинките- рече вчера министерот Филипче.
Од денеска амбуланите се преполни со деца за примање на вакцината МРП, се вршат прегледи од страна на педијатар и се проценува дали детето е здраво да ја прими вакцината или не. Во поликлиниката Букурешт до 10 часот утрово беа вакцинирани околу 20 деца.
По забраната за прием во градинка, морав да го донесам на вакцина детето, но не е во ред треба да се воведе и втора смена, бидејки сите одиме на работа и не сме во можност наутро да ги донесеме. А не е кратко времето додека чекаме за да дојдеме на ред за примање на вакцината, вели родител.
Во градинките почна да се спроведува забраната од страна на министерството. Денеска во државните градинки не се примаат деца кои не се вакцинирани со МРП. Воспитувачите и преку соопштенија ги известуваа родителите да се придржуваат на наредбата на министерството за здравство, бидејки градинките нема да ги згрижуваат невакцинираните деца. Се бараат копии од имунолошки картон каде се потврдува дека детето ја има примено вакцината, или пак потпишување на изјава од родител дека нема да го вакцинира детето. Се спроведуваат санитарно – хигиенски и против епидемиски мерки. Децата кои денеска биле однесени во градинка, а не примиле вакцина биле вратени дома.
Министерството за труд и социјална политика пак најави дека ќе бидат казнети сите родители што не си ги вакцинирале децата. Казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра.
Со повик за вакцинирање на децата се јави и градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ.
Апелирам до родителите да се придржуваат до насоките на Министерството за здравство, со цел намалување на опасноста од понатамошно проширување на епидемијата, стои во Фејсбук статусот на градоначалникот.
По оваа одлука на власта не стивнуваат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи. Мислењата меѓу нив се поделени, едни ја поддржуваат одлуката, додека други пак сметаат дека е наметната и дека одлуката за дали да се вакцинира детето е одлука на родителот, а не на државата. За многумина ова е спроведување на кампањата за вакцинација која власта сака да ја наметне врз граѓаните.



При прогласувањето на епидемијата министерот Венко Филипче излезе со податоците дека од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што според него е исклучително мала бројка.
Од Институтот за јавно здравје велат дека пред 1972 година имало епидемии со преку 1250 смртни случаи и над 12 илјади заболени, пред да се воведе вакцината.
Од друга страна пак покрај потребата за вакцинација и заштита од морбили, до денеска никој од министерството за здравство не излезе со изјава дека вакцините се квалитетни и дека нема место за паника и неодлучност која веќе подолго време е присутна кај граѓаните. Не треба да се заборави и фактот дека многу родители токму оваа вакцина ја набавуваа од соседните земји, како и тоа дека Владата пред да дојде на власт спорведуваше капмпања „Во ЕУ за најквалитетни вакцини за нашите деца“.

Но по соопштението кое денеска пристигна од страна на Клиниката за детски болести, сепак ЕУ не ни е потребна за квалитетни вакцини. Од таму информираат дека вакцините се квалитетни и безбедни.
ЈЗУ Клиниката за детски болести ја поддржува иницијативата за имунизација на децата со МРП вакцина. Од имунолошки апсект е оправдана имунизацијата со што се заштитува детето, но придонесува и за искоренување на болеста-се вели во соопштението.
Ги повикуваме сите родители да ги вакцинираат децата кои се невакцинирани. Вакцините се квалитетни и безбедни, и се единствен начин да се заштити колективниот имунитет– се додава во соопштението на Клиниката за детски болести.
Министерството за здравство, во соработка со Здравствен дом-Скопје попладнево информира и дека воведува втора смена во поликлиниките, каде се врши вакцинација, односно вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“ ќе работат до 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.