Кампањата за оцрнување на Данела Арсовска нема многу да му помогне на Зоран Заев да се спаси од пораз на локалните избори, пишува новинарот Бранко Героски во својата колумна на „Плусинфо“.

Да, најновите атаци привремено ја исфрлила „од седло“ претендентката на опозицијата за градоначалник на Скопје и ја дефокусираа од рутинското приведување на кампањата кон нејзиното финале. Но, јавноста одамна веќе не се импресионира од тоа што многу Македонци поседуваат лични документи издадени од соседните земји и тоа не е наратив со кој може да се направи пресврт.

Начинот на кој СДСМ ја експлоатира оваа приказна и обвинувањата дека Арсовска била „странска инсталација“ покажуваат, всушност, дека партијата ги има истрошено сите адути и сега се фаќа за сламка, враќајќи една реторика што ја оставивме зад себе уште во 1990-те години.

Па ве молам, кој сериозен во денешно време зборува за „странски инсталации“? Дури и она Груево „странски служби“ беше гламња, ама ова со „инсталациите“ е ептен ќумур!

Многу поинтересна за анализа е дилемата која е цената што треба да се плати за оваа разузнавачка акција одработена со помош на софиски кругови и кој ќе ја плати. Ќе видиме после изборите.

Како и да е, црната кампања на СДСМ покажува дека партијата, за жал, сега ги живее најцрните денови во својата историја. Веројатно и затоа овие избори Заев ги нарече „историски“.

Трите предавства на СДСМ

Овој СДСМ на Зоран Заев дефинитивно не го заслужува Скопје.

Самите си кажаа, на камерниот митинг во салата „Борис Трајковски“. За нив Скопје е – дијагноза.

Заев го отфрли Скопје уште во предизборието.

Тој се откажа од двајцата свои најдобри градоначалници, барем според анкетите – од Саша Богдановиќ и од Стефан Богоев, градоначалниците во Центар и на Карпош. Тоа се општините кои секогаш биле бастиони на СДСМ во главниот град.

Зошто го стори тоа Заев? Поради суета? Поради нешто друго? Само тој си знае …

А ние многу добро знаеме дека тој се беше откажал и од Петрета Шилегов. Само одлучноста со која Шилегов ја најави својата кандидатура за втор градоначалнички мандат го натера муртинецот да ја батали својата потрага по „друго дете“.

Втор пат СДСМ на Зоран Заев го предаде Петрета Шилегов за време на изборната кампања. Кампањата почна и ќе заврши како муртинско шоу. Во кое со вревење, со постојан грч во лицето и со еден фатален и непростлив непристоен гест, Заев целосно ја разголи својата нарцисоидност. Така ја компромитираше кампањата на Шилегов и на другите кандидати. На крајот, како што гледаме, целосно ја упропасти и ја сведе на црнила.

Третото предавство на овој СДСМ на Зоран Заев се случи на првиот изборен ден, на 17 октомври. Многу, премногу симпатизери на СДСМ, сегашни и бивши, не гласаа за својот кандидат. На Заев му дадоа жолт картон, а на Шилегов му порачаа дека градоначалник на Скопје не се станува со победа само во Шутка, во Чаир и во Сарај. И со едно скромно, килаво водство во Центар …

Целиот текст тука



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.