На Факултетот за туризам, угостителство и организациони науки се одржа комеморативна седница за охридскиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски, кој ненадејно почина во саботата.

Пред присутните било прочитано проштално писмо од студентите на професорот Стојаноски, а потоа свое обраќање имал и неговиот син Димитар.

Пред неколку дена татко ми си дојде дома на еден час. Веднаш заспа. Потоа го прашав, како можеш така, веднаш да заспиеш? Сине, мене ми е чиста совеста, затоа заспивам бргу – ми рече. Како дете ме носеше на натпревари, ме учеше што е љубов, ме учеше да ги почитувам вредностите во животот – емотивно раскажа синот на градоначалникот.

Покрај Димитар, Стојаноски и неговата сопруга Надица имаат и ќерка. Во интервју за време на предизборната кампања, тој изјави дека најголема желба му е неговите деца кои студираат во странство да се вратат во Охрид, и таму да го градат својот дом.

Имав можност да го напуштам Охрид, но никогаш не заминав, бидејќи сакам да живеам тука, сакам и моите две деца да ја имаат истата цел. Сакам да се вратат тука, овде да го изградат својот дом, покрај најблиските и пријателите – раскажуваше тогаш градоначалникот.

Стојаноски, кој беше роден во Охрид 1970 година, дипломирал на Економскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1999 година станал магистер по маркетинг, а во 2003 година доктор по меѓународен туризам и маркетинг менаџмент. Тој беше долгогодишен професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и член на СДСМ. На локалните избори 2017 година беше кандидат за градоначалник на Охрид на коалицијата предводена од СДСМ. Тогаш изјави дека мотив да влезе во градоначалничката трка била неговата желба да придонесе Охрид да биде град со посветла иднина за сите.

Погребот на Стојаноски ќе се одржи во 14 часот на градските гробишта во Охрид.

И охридските бродари се простија од градоначалникот Стојаноски

Видео Охрид1Фото: Охрид1



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.