Граѓаните од Кочани и регионот излегоа на улица да го искажат својот револт од владеењето на СДСМ. Пред насобраните граѓани се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Додека тој зборуваше, граѓаните скандираа „оставка“, барајќи владата на актуелниот премиер Зоран Заев да се повлече. Мицкоски, пак, зборуваше за заканите и уцените од, како што рече, „животот“ кој дојде во Македонија.

Пекол ни го направија секојдневието. Дојде време полошо од времето на комунистичка Југославија. Ако го спомнеш името Македонија ќе те прогласат за анти Европеец, ќе те прогласат за неконструктивец, ќе те прогласат дека си изолациониста, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој на насобраните им посочи дека сме горди Македонци кои имаат право да се самоименуваат како Македонци, а државата за која се бореле нивните претци да си ја наречат Република Македонија.

-Никој тоа право не може да ни го земе. Никој не може тоа да ни го оспори. Ниту во Османлиско не било така како што е денеска. Сега ќе се јават оние армадили, платени со вашите жолтици, да ме критикуваат „Еве го овој, повторно го опструира процесот“. Да, ќе го опструирам и ќе се борам се додека можам затоа што ме боли и ме пече. Затоа што тое ми е дедовина, тоа ми е татковина и нема никогаш да престанам да се борам додека дишам за моите права и за мојата Македонија. И не се срамам затоа што сум Македонец, затоа што моите два сина се Македонци и затоа што моите неродени внуци ќе бидат Македонци. И тоа треба на целиот свет да му биде јасно, па макар било и крај на мојата политичка кариера, истакна Мицкоски.

Тој вети дека ќе дојде денот кога актуелната власт ќе се срами од сето она што го прави.

-Ако кренете глава, што ќе видите? Црнила и темнина. Како Чашуле што велеше „како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“. Тоа го кажа и Кочо Рацин во неговите зборови и стихови. Но она што беа стихови, она што беше наша историја, денеска оваа ненародна и криминална влада на СДСМ, предвбодена од аболираниот политичар, ни го претворија во реалност во која ние живееме. Ако се бориме, ако маршираме по улиците, ако протестираме-не апсат. Ако пишуваме на социјалните мрежи-ни влетуваат во домовите, ни прават претрес, не бламираат пред нашите родени деца. Тоа нема да им го заборавиме. Јас ви ветувам дека ќе дојде денот кога за сето тоа ќе се срамат и ќе одговараат пред судот на народот, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.