Жал ми е што не снимивме документарен филм за тоа како го организиравме 42. издание на  Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ бидејќи работевме среде непредливи ограничувања за тоа кој, како и каде може да патува. Имавме комбинација на околности која нè прошета низ сите филмски жанрови, вели во интервју за „Република“ Симеон Мони Дамевски, актер и продуцент, кој во крајот на јуни беше избран за директор на ИФФК „Браќа Манаки“ со мандат од две години.

Првпат во долгогодишното постоење на Фестивалот „Браќа Манаки“, годинешното отворање е в четврток, на 16 септември и нема да биде во Центарот за култура туку во Завод и музеј Битола, од безбедносни причини поради пандемијата. На отворањето премиерно ќе биде прикажан дебитанскиот филм на „Сестри“ на македонската режисерка Дина Дума и тоа во Пациото под отворено небо. Поради здравствените протоколи, бројот на гости ќе биде намален на 250.

Може ли фестивал без црвен килим? Се разбира дека ќе има. И сè друго. Ама се потрудивме малку побргу да преминеме на главното, а тоа е филмот. И сè ќе започне со едно убаво битолско девојче, вели Дамевски.

Годинашното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ првпат ќе се одржи во скратена форма од 16 до 21 септември во Битола со мото „И покрај сѐ“. Каков предизвик беше за Вас ова издание? Бевте избран за директор на „Браќа Манаки“ и првпат Фестивалот ќе се одржува во скратено, хибридно издание.

ДАМЕВСКИ: Да, и покрај сè. Зашто предизвикот беше огромен. Овој фестивал е исклучително комплексна структура со огромен број детали кои не смее да се пропуштат. Кога на тоа ќе му го додадете фактот дека бев прилично доцна избран за директор на Фестивалот, дека за неговата реализација е потребно двојно или тројно повеќе време, и дека згора на тоа работевме среде непредливи ограничувања за тоа кој, како и каде може да патува, тогаш добивате појасна слика за предизвиците со кои бевме соочени – комбинација на околности која нè прошета низ сите филмски жанрови. Сега ми е жал што не снимавме документарен филм за тоа. Како и да е, кога решивме дека фестивалот мора да се случи и покрај сè, сè стана полесно. И така, еве нè во Битола. При тоа, морам да кажам дека сето ова ќе беше невозможно без мојот фестивалски тим. Само со такви бисери од луѓе невозможното станува возможно. Се разбира, тука морам да ги спомнам и партнерите и спонзорите без кои овој фестивал исто така немаше да се случи. Огромна и неизмерна благодарност до нив што се навистина чувари на културата и во најтешките времиња.

На прес-конренцијата нагласивте дека буџетот за Фестивалот е намален, но гости ќе има. Најавено е доаѓањето на лауреатот за животен опус и добитникот на наградата “Златна камера 300“, австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, Кои други гости ги очекувате?

ДАМЕВСКИ: Ќе нѝ дојде легендарната британска композиторка Џослин Пук, која на љубителите на филмот им е позната по нејзината музика од филмовите „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик, „Бандите на Њу Јорк“ на Мартин Скорсезе и „Венецијанскиот трговец“ со Ал Пачино. Работела и со Питер Габриел, Лори Андерсон, Марк Нофлер од Дајр Стреитс, групата Масив Атак, Комјунардс, Кренберис… Потоа, во Битола ги очекуваме и членовите на меѓународното жири, кое е составено од познатиот британски филмски критичар Филип Бергсон, белгијанецот Вим Ванекер којшто е еден од селекторите на канскиот фестивал, словенката Соња Просенц, која беше прогласена за една од најперспективните европски млади режисерки, кинематограферот Суки Меденчевиќ кој во Македонија е познат по филмот „Големата вода“, а предава на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес и на прочуената филмска школа, Универзитетот на Јужна Калифорнија, на кој дипломирале познатите режисери Џорџ Лукас, Џон Карпентер, Рон Хауард, Робрет Земекис. Како кинематографер соработувал со Том Хенкс, Били Кристал, Лорен Бекол и Џенет Ли. Со нив, член на жирито ќе биде и нашиот извонреден кинематографер Димо Попов, кој е постдипломец на познатата чешка школа за филм, ФАМУ, а нашата публика го знае по филмовите „Панкот не е мртов“, „Ефектот на среќа“, и ТВ сериите „Преспав“ и „Инсајдер“. Конечно, наши гости ќе бидат и неколку други врвни кинематографери чии филмови биле наградувани на најголемите европски и светски фестивали во изминативе година и половина, а сега се дел и од нашата натпреварувачката програма.

Може ли фестивал без црвен килим? Се разбира дека ќе има, вели Дамевски

Со оглед на ситуацијата и развојот на пандемијата, дали има некои откажување или одложувања?

ДАМЕВСКИ: Имаше и има. Нѝ се случуваше повремено и затоа се воздржував да најавам одредени гости зашто неколку пати околностите нè спречија да го реализираме тоа што го планиравме.

Што не смее да се пропушти на Фестивалот?

ДАМЕВСКИ: Јас би рекол не смее да се пропушти Битола. Битола со нејзината убавина дополнително се разубавува за овој фестивал и тоа ќе дојде посебно до израз оваа година. А имаме и извонредна филмска програма. Вистинско уживање за публиката. Од нашите филмови „Сестри“, со кој ќе се отвори фестивалот, и „Северен Пол“, кој ќе се натпреварува во краткометражната програма, до победникот на Канскиот фестивал, „Титан“, со кој ќе се затвори фестивалот, сите се врвни светски остварувања. „Кремот“ од најдобрите филмски фестивали.

Успесите на македонскиот филм не се случајни, смета Дамевски

Филмот, барем последните две години претрпе силен удар од пандемијата, како во продукцијата, така можеби најмногу и во допирот со публиката. Што очекувате Вие од годинашното издание на „Браќа Манаки“?

ДАМЕВСКИ: Да, ситуацијата ги отежна сите работи. Многу филмски остварувања се пролонгираа. Беше физички намален и допирот со публиката. Но, има и добри вести. Во последните 4-5 години речиси секоја година наш филм учествува на некој од најпрестижните фестивали. Освојуваат награди, имаме номинации за Оскар. Тоа уште повеќе допринесува за значењето на нашиот фестивал кој е навистина важен и ценет во светот. Очекувам со него филмската уметност дополнително да се популаризира во нашата земја, Битола посилно да заживее со филмот, а тие што професионално ја следат оваа уметност во светот, да сфатат дека успесите на македонскиот филм не се случајни и дека кај нас тој се негува и почитува дури и кога е најтешко.

„Браќа Манаки“ секогаш буди големо интересеирање, посебно во Битола. Ќе им ли и оваа година гламур, црвен килим, фотографирање? Како е планирано отворањето?

ДАМЕВСКИ: Може ли фестивал без црвен килим? Се разбира дека ќе има. И сè друго. Ама се потрудивме малку побргу да преминеме на главното, а тоа е филмот. И сè ќе започне со едно убаво битолско девојче.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.