Родена во 1979 година во Виена, Австрија. Пораснала во мало село во Горна Австрија. Одела на часови по пијано на Универзитетот „Антон Брикнер“ во Линц. Студирала германистика, драма и филозофија. Одбранила докторат на Универзитетот во Виена. Студирала актерска игра во Виена. Учествувала во филмски и театарски продукции. Во 2016 година го објавила својот прв роман „Модар накит“, издание на „Зуркамп“, Берлин. Романот е преведен на неколку јазици, добива многубројни награди и признанија. Во 2020 година – „Зуркамп“ ја поставува театарската претстава „До видување, Едит Пјаф“ според нејзин текст. Катарина Винклер моментално живее во Берлин.
Модар накит во превод на Елена Конеска Светиева е објавен и на македонски јазик.
„Модриот накит“ е приватна сопственост. Не треба да биде виден. Не треба да се зборува за него. Се носи околу зглобовите, на ребрата, рацете, нозете. Модар накит е уште едно име за белезите на женските тела, нанесени од мажите околу нив. Овој роман ни ја раскажува приказната за Филиз и Јунус. Кога Филиз го запознава Јунус, тој е млад и убав, а Филиз е горда затоа што тој ја посакува. Против волјата на татко ѝ, тие се земаат кога таа има само тринаесет години. Јунус е нејзиниот универзум, нежен и моќен. Набргу по свадбата, сонот на Филиз за живот на Запад со нејзиниот сопруг, за бегство од малото село во Анадолија, за слобода и независност, се распаѓа. Јунус, кој е само неколку години постар од својата сопруга, го претвора нивниот брак во затвор полн со зависност и насилство. Нема бегање од спиралата на насилството и љубовта, кои за Филиз станале неразделни. Моќната приказна на Катарина Винклер за бракот во кој доминира насилството го претставува гласот на упорната млада жена чија волја за преживување никогаш не исчезнала, стои во белешката за книгата.
Винклер деновиве учествуваше на Фестивалот „Букстар“ и разговаравме со неа за литературата, музиката, за Скопје, пандемијата…
На почетокот, дали прв пат доаѓате во Македонија? Колку сте запознаени со македонската литература? Сте читале ли нешто од македонски автори?
За жал, немам ништо прочитано од македонски автори, но добив прекрасни препораки, на пример да набавам дела од Блаже Конески и Румена Бужарова. Вчера стигнав од Берлин и веќе за два дена заминувам во Виена, но Скопје ми изгледа како мошне интересен град, а истовремено и сложен. Забележав едноставна структура, полно е со различни перспективи…убедена сум дека е мошне возбудливо да се нурне длабоко во оваа земја. Немам доволно време, но го чувстувам тоа. Има богата атмосфера
На нашите читатели, достапна им е на македонски преведена книгата „Модар накит“, која вели дека Модар накит е уште едно име за белезите на женските тела, нанесени од мажите околу нив….Кажете ни нешто повеќе за ова Ваше дело?
Мошне е комплицирано. Би сакала да истакнам дена протагонистката во книгата ја запознав лично. Пред околу тринаесет години таа зачекори во ординацијата на мојот татко, тој е доктор. Жената беше целосно покриена, а под облеката таа имаше модринки, траги од тепање, насилство. Мајка ми во тоа време работеше во ординацијата на татко ми и го откри тоа. Набргу воспостави блискост со оваа жена. Не одеше лесно, беа потребни години за таа целосно да се отвори. Потекнува од Турција, мажена и имаше три деца. Но, тоа беше семејство кое се засноваше на односи исполнети со насилство. Физичко насилство и се разбира психичко. Тоа беше мошне очајна ситуација, но сепак на крајот таа успеа да ја најде сопствената еманципација.
Според Ваш текст требаше да биде поставена и претставата „Довидување Едит Пјаф“, но поради пандемијата тоа не се случи. За што говори ова Ваше дело?
Значи текстот е за Едит Пјаф. Основна цел ми беше да дадам одговор на прашањето што значи да се биде уметник. Да се биде уметник без никакви компромиси. Ако ја живеете уметноста, ако вашата целосна езгистенција е уметноста…какво е чувството? Тоа повеќе е биографија на Пјаф.
Влијаеше ли пандемијата на Вас како автор? Дали творевте повеќе?
Најголем дел од времето го поминав во размислување. Се навратив речиси низ целиот мој живот и размислував за општеството, за човечките животи, за приоритетите, за односите меѓу луѓето. Мислам дека тоа беше вистинско време за едни вакви егзистенцијални мисли. И мислам дека тоа е најважно за секој од нас.
На помала возраст сте посетувале часови по пијано. Каква музика сакате приватно? Дали можеби слушате музика додека пишувате? Има ли таа влијание во Вашиот живот?
Дефинитивно музиката влијае на моето пишување. Мојот јазик е мошне музикален и за мене тоа беше многу важно за да ја најдам мојата прва експресија, музиката и да го научам ритамот, што тој значи и како да работам во ритам. На пример, ритамот на оваа книга, јазикот на книгата е ритамот, бидејќи ритамот сиве овие години го чувствуваме секој одвнатре. Од една страна е ритамот на пишувањето, од друга страна е ритамот на срцето. Тоа е мошне конкретен ритам во целата книга и мошне е музикален. За мене пишувањето е компонирање. Оттука, не слушам музика додека пишувам, бидејќи станува збор за две различни мелодии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.