На големата сцена на Македонскиот народен театар вечерва ќе биде одиграна праизведбата на современата музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац. Претставата е во режија на Марјан Неќак, кој воедно е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото.
Во улогите на Таа и Тој играат првенците од ансамблот на Македонскиот народен театар, Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, со снимен глас, како и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.
Ова е прва премиера во МНТ за оваа година.
Не е битна ни еуфоријата, да се работи по секоја цена. Треба постепено, природно, да се отпочне сезоната и постепено, со мерка, како што гледаме светот и природата ги налагаат околностите. Ние не можеме да бидеме нешто друго. Со сила ништо не бива. Музиката има свој ритам, музиката е временска уметност и тоа Марјан одлично го знае, бидејќи е пред сè музичар. Времето покажа дека може да живееме и во невреме, вели актерката Звездана Ангеловска во интервју за „Република“.
Ангеловска е многу благодарна за улогата во „Само глас“ и вели дека е привилегија за еден актер да игра такви улоги.
Благодарна сум што ми се случи оваа улога, посакувам и други колеги да играат вакви улоги. Јас сум сега во една зрела, подоцнежна генерација и не секогаш се случуваат вакви улоги. Ова е ‘мастерпис’ за нас. Убавите работи дај боже да ги има почесто и сега да се вратиме во театарот и публиката тоа го заслужува, вели Ангеловска.
Звездана Ангеловска е родена 1970 година во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерка игра во класата на проф. Владимир Милчин. Своето дообразување го продолжува во Санкт Петербург, Русија на Државната театарска академија на уметностите – на театарска режија, каде што ја стекнува титулата магистер на театарските уметности 2007 г., во класата на д-р Јуриј Михаилович-Красовски. Од 1995 година работи во Драмски театар Скопје, а од 1999 година преминува во МНТ Скопје.
МНТ ја најавува првата премиера оваа година, „Само глас“ во која Вие го толкувате главниот лик, Таа. Возбудени сте што ќе играте на сцената после подолго време?
АНГЕЛОВСКА: Да, возбудена сум, секако. Иако, мора да кажам дека имавме еден проект со Ѓорги Јолевски, монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет во крајот на минатата година. Сега, со „Само глас“ стартуваме за оваа година и претставата е дел од програмата на Министерството за култура во 2021 година. Нормално, како и секој актер, и да не е пандемијата, секогаш возбудата е голема. Паузата си го прави своето, тука и одговорноста е голема, затоа што дури и кога актерот ќе направи поголема пауза возбудата е уште потензична. Но, тоа е дел од нашата професија и не секогаш можеме често да работиме, не се добиваат секогаш улоги и големи задачи. Затоа имаме и личен тренинг во однос на тоа како се справуваме со тие работи. Драго ми е што ова е дуо-драма, настапува мојот колегата од класа, Никола Ристановски со којшто одлично соработувам. Жанрот е мошне интересен, музичка драма, што го негува Марјан Неќак. Текстот е многу интересен, авторката е мошне млада, но надежна. Екипата која ја работеше претставата беше камерна, работевме онлајн, со големи предизвици. Се работи за музичка партитура која што бара и актерски и музички способности. Сигурна сум дека ќе комуницира со публиката токму заради современата приказна, заради жанрот. Сигурна сум дека ќе функционира и надвор од нашата држава, токму поради таа комуникација, односно како современиот човек комуницира во светот. Се отвора проблемот на уметникот. Јас овде играм женски лик и огромно е задоволството кога имате женски лик што не така често се случува во светската драматургија. Во класичната драма преовладуваат машките ликови, но сега во современата драма тоа е малку изменето
Текстот е на младата авторка Нина Плавањац, кој вие го преведовте. Режисер на претставата е Марјан Неќак, со кого вие често соработувате. Како се најдовте?
АНГЕЛОВСКА: Јас денеска првпат лично се запознавав со Плавањац. Комуникацијата одеше преку Неќак. Јас соработував со Марјан во претставата за која ја земав првата награда во Струмица, на Фестивалот „Ристо Шишков“. Таа година, 2003, ја добив наградата за најдобро актерско остварување во претставата „Повест за Соњечка“ во режија на Благој Мицевски, а исто се работеше за музичка партитура. Очигледно е дека се работи за луѓе коишто се познаваат себеси. Јас не сум официјален преведувач, туку ова е како јас го чувствувам и го толкувам текстот. Ова е обид во пандемијата да направиме заеднички проект, иако Марјан имаше идеја за друг заеднички проект.
Во животот е потребно време, да се поклопат работите и да се случат нештата. Така е во животот и во уметноста. Ова е еден убав тим. Сите сме големи деца, вклучувајќи го и Никола Ристановски и Марјан Наќак. Тоа е еден таков круг кој јас го нарекувам сонувачи за театар. Не е битно дека сега го споделуваме моментот на успех, дека нешто сме направиле за време на пандемијата, да покажеме дека сме работеле. Тоа не е експлицитно. Суштинското е дека уметничките дела се случуваат по природен процес. Не е битна ни еуфоријата, да се работи по секоја цена. Треба постепено, природно, да се отпочне сезоната и постепено, со мерка, како што гледаме светот и природата ги налагаат околностите. Ние не можеме да бидеме нешто друго. Со сила ништо не бива. Музиката има свој ритам, музиката е временска уметност и тоа Марјан одлично го знае, бидејќи е пред сè музичар. Времето покажа дека може да живееме и во невреме.
Во претставата „Само глас“ вие сте сама на сцена, ликот на Никола Ристановски само го слушаме, со снимен глас, а се појавува и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.
АНГЕЛОВСКА: Балетанот во претставата е мошне симболична поента. За еден ваков сериозен проект е потребно многу време. Работевме доста долго. Сигурна сум дека за Ристановски тоа му беше предизвик. Тоа е аудио улога којашто исто така бара неверојатни музички способности. Ристановски го познавам многу добро, тој за мене е еден од најталентираните актери, но тој, исто така има одличен слух и одлични музички способности. Не сум му го кажала ова лично. Очигледно е дека Марјан долго размислувал.
„Само глас“ отвора многу прашања за актуелни состојби како осаменост, празнина, фатална љубов, опсесија…
АНГЕЛОВСКА: Се работи за осаменоста, не само на уметникот, туку и на човекот, кој не мора да е уметник, но некој што нешто креира. Текстот ја опфаќа индивидуата, наспроти општеството, како се комуницира. Сега е сменета и формата на комуникацијата. Опфаќа теми за современото живеење, современата жена, машко-женските односи не како полови разлики туку како машки и женски принцип, стереотипите на општествата, социолошки, социјални, психолошки, субјективна приказна наспроти реалната објективност. Авторката одлично го склопила тоа. Секоја реченица што ќе ја изговорите продира во сржта. Привилегија е за еден актер да игра такви улоги. Благодарна сум што ми се случи оваа улога, посакувам и други колеги да играат вакви улоги. Јас сум сега во една зрела, подоцнежна генерација и не секогаш се случуваат вакви улоги. Ова е ‘мастерпис’ за нас. Убавите работи дај боже да ги има почесто и сега да се вратиме во театарот и публиката тоа го заслужува. Пандемијата однесе многу човечки животи, многу уметници заминаа. Да не се самосожалувме. Нашата професија била најкревка и не само сега, туку и во други историски моменти. Затоа ние уметниците имаме хумана мисија да го прикажеме светот, да ги отвориме сите проблеми, јавно на еден уметнички јазик, бидејќи секој човечки живот вреди.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.