Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска вечерва ќе биде промовирана во Младинскиот културен центар.Александра е долгогодишен новинар во редкациите за култура во Македонското радио порталот cooltura.mk, Студент ФМ, Наша ТВ, Алфа телевизија…
Магистрираше на тема за интердисциплинарните односи меѓу литературата имедиумите на Универзитетот„Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во нашата држава: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com.
Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите, две години го водеше прес центарот на најголемиот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“, од неодамна е член на Друштвото на писателите на Македонија, а од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е нејзина втора книга. Токму ова дело испровоцира бројни прашања за кои разговаравме со Александра пред вечерашната промоција.
„Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е Вашето најново остварување. Кажете нешто повеќе за содржината на делото?
Во книгата ги спојувам двете мои професии и пасии – новинарството и книжевноста. Истражувам едно поле на испреплетување меѓу двете области, што досега не е воопшто третирано, или пак е само таксативно некаде наведено, а тоа е третманот на книжевноста и културата низ медиумите. Почнувам од старите/канонизираните мас-медиуми за да стигнам до новите и се’ она што со вртоглава брзина го носат. Освен академскиот пристап, се обидувам и хронолошки и документаристички да ги лоцирам македонските медиуми со најдолга традиција и најмногу простор за култура, но за жал доаѓам до ситуација кога некогашните додатоци се сведени на една страница, повеќечасовните емисии на некоку минути, или само незабележливи секунди на крајот од вестите. Некаде кон крајот од студијата го отворам прашањето за влијанието на интернетот и новите медиуми врз самата книжевност, врз јазикот на кој се пишува, начинот на кој се презентира, популаризира и начинот на кој интернетот и новите технологии влијаат врз самата литература.
Како долгогодишен новинар во културна редакција како гледате на фактот што во медиумите речиси не постојат културни редакции и мошне малку простор во нив се одвојува за културните настани?
Со голема горчина и грутка во грлото. Ова не е појава само кај нас, глобална тенденција е културата да се изедначи со забавата, ентертејмент, да мора да биде забавна за да и’ се отстапи медиумски простор. Со појавата на интернетот и порталите, демократизацијата на новинарството, граѓанското новинарство и сл. доведе и до тоа некогашните големи рубрики и редакции за култура (во кои се знаеше кој пишува и следи филм, литература, театар, ликовна и уметност), да се сведат на еден човек. Темата е опширна и комплексна. Ако не е забавно не се чита, на него не се лепат реклами, не се постигнува рејтинг и секако не се трошат ресурси по медиумите. Така, доаѓаме до тоа дека и тој еден човек што некаде едвај останал да треба да прави се’ друго, а култура само понекогаш, повторно под услов настанот на кој ќе му се отстапат минути, секунди или мала вест да има некаква тежина, најчесто проблемска, а не ретко и политичка.
Долго време недостига не само книжевна критика во медиумите, туку и театарска, ликовна… И самите пишувате книжевна критика, но овојпат како автор, од другата страна, сметате ли дека тоа им е потребно на писателите, колку голем пропуст се прави?
Она што го зборував за големината на редакциите некогаш и сега, е тесно поврзано и со постоењето на т.н новинска критика. Порано во редакциите постоеја посебни луѓе кои носеа статус – критичар. Сигурно ќе се сетите дека токму од тие редакции произлегле многу професори, академици, писатели, луѓе кои се или биле фактор во нашата културна средина. И обратно, оваа фела соработуваше со најголемите медиуми и даваа клучни оценки за едно дело. Денес тоа го нема, медиумите не се занимаваат со делата, критичари речиси и да немаме, а и тие/ние што пишуваме немаме каде да објавуваме. Кога нашето пре-прочитување и труд треба да го сведеме и срочиме во фб-статус, слободно можеме да кажеме дека на нашата култура (средина) не и’ е потребна култура.
Генерално, односот кон културата, и медиумски и општествено е лош. Како да се промени оваа состојба?
Не знам колку можат да се надоместат изгубените години, па и децении во кои медиумите ја заборавија својата образовна функција. Во трката по комерцијализација, рејтинзи и сл. се затворија редакциите за деца и млади, не се продуцираат содржини за нив, со чест на неколку исклучоци, што се бројат на прстите од едната рака. Содржини за деца не постојат, а и тие малку што ги има, се на тенка линија со комерцијална пропаганда, затоа што зависат од спонзори. Ми се чини и дека се отиде до таму што образовната функција се смеша со образованието како област која се третира, а тоа пак најчесто е низ призма на дневно-политички проблеми. Ова е синџир и секако решението мора да биде системско. Важно е да се каже и гласно и јасно дека сите имаме одговорност – образованието, медиумите, новинарите, авторите и педагозите, затоа што на крајот, во брзање, забораваме дека треба да создаваме генерации што ќе не следат или ќе се интересираат не само за книжевноста и културата, ами и за светот околу нас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.