Актерот Драган Довлев во Театарот за деца и младинци (ТДМ) ќе ја режира првата куклена претстава за младинци „Подрум“. Тоа ќе биде негов авторски проект, а премиерата е закажана за в среда, на 23 јуни во 20 часот. Текстот, режијата и изборот на музиката е на Довлев, а во претставата играат Никола Наковски, Матеа Јанковска, Петар Стојанов, Изабела Новотни и Бојан Кирковски.

Довлев е диполомиран актер кој има завршено постдипломски студии по режија на куклен театар во Софија, Бугарија. Зад себе има осум куклени детски претстави кои ги работел како режисер, а „Подрум“ е прва куклено-драмска претстава за младинци. Тој е член на ансамблот на ТДМ од неговото формирање, а во еден период беше и директор на Театарот за деца и младинци. Играл во скоро сите детски претстави на ТДМ, но и во претставите на младинската сцена: „Нашиот клас“, „Заспаниот разум раѓа чудовишта“, „Еднаш свет изградив“…

Оставени во темнината и заборавени, неколку кукли оживуваат и се решаваат да направат „совршена“ претстава, како во старите добри времиња. Станува збор за недовршена претстава во претстава, објаснува Довлев за што се говори во „Подрум“.

ТДМ ја најавува правата куклена претстава за младинци. Довлев, вие се јавувавате и како автор на текстот, режисер на претставата, а ваш е изборот на музиката. Што друго имате режирано досега?

Довлев: Моите постдипломски студии по режија на куклен театар во Софија финишираа со постдипломската престава „Пепелашка“ во Театарот за деца и младинци во 1999 год. Оттогаш имам изрежирано уште седум претстави, една во Куманово, една во Охрид, останатите во Детски Театарски Центар во Стара Чаршија. Сите беа куклени детски претстави. Ова ми е прва куклено-драмска претстава за младинци. На постдипломските во Софија посебно ми се допадна куклениот театар за возрасни и нешто што може да се нарече театар на тесен простор. Што се однесува до текстот, да ова може да се каже дека е мојот прв текст и тој е пишуван наменски, токму за овој проект и овие актери. Текстот е резултат на заедничка работа. Она што јас го донесов на прва проба беше мојот предлог каква приказна сакам да поставиме и мој повик актерите да го финишираат текстот, секој со својот сензибилитет и со улогите што треба да се изиграат.

За што се говори во „Подрум“?

Довлев: Во темниот подрум се носат куклите, реквизитите, костимите на претставите што го завршиле својот животен век. Оставени во темнината и заборавени, неколку кукли оживуваат и се решаваат да направат „совршена“ претстава, како во старите добри времиња. Станува збор за недовршена претстава во претстава. Куклите одвреме-навреме се прекинати од вработените во театарот, кои се драмски ликови т.е. актери, не кукли. Но, што точно се случува во тој подрум и дали навистина туку-така може некакви кукли да оживеат ќе Ви оставам сами да видите.

Велите дека со уште пред 20 години сте се запознале со т.н. куклен театар за возрасни. Што ве мотивираше да ја режирате претставата?

Довлев: Последната претстава што ја режирав се случи пред 12 години. Режијата е комплексна работа, а кога станува збор за куклен театар работите стануваат дополнително комплицирани. Кој бил инволвиран во куклена претстава знае за што зборувам. Режијата е професија што бара фанатична посветеност, јас немам ни време ни амбиција за такво нешто и затоа ретко режирам. Имам златна професија што не би ја менувал за ништо, но понекогаш кога ќе почувствувам дека сум подготвен и дека можам да поминам низ сите голготи, па ќе изрежирам и некоја претстава. Овојпат почувствував дека имам сила и дополнително да си ја отежнам позицијата и конечно да поставам куклена претстава за возрасни. Мотивот ми беше да ја подигнам летвичката и предизвикот да стане толку голем што ќе го мобилизира целото мое знаење и искуство и во креативен процес со сите во екипата, да пројдеме низ сите фази онака како што треба, онака како што стои во учебниците. Исто така, не е за потценување и мотивот да направиме претстава практично без пари, со она што веќе не се користи, а се наоѓа во нашиот подрум. Со екипа што е вработена во театарот, без хонорари, надвор од сите финансирани програми, најскромно што може и на таков начин да му помогнеме на театарот во вакви тешки времиња.

Зошто Ви беше потребно толку време да реализирате идејата?

Довлев: Најмногу заради немање време, токму пандемијата создаде доволно време за ваков проект. Во нашиот театар играме во жестоко темпо, паралелно се работат нови проекти, нови актерски ангажмани, многу активни претстави на репертоар. Делумно заради тоа што немало интерес од страна на театарот. Актуелната директорка покажа голем интерес за мое ангажирање на ова поле. Некое време одбивав, заради тоа што ние веќе имаме во театарот вработени режисери и не би било фер и спрема нив да зафаќам термини. Но, еве ќе искористам една реплика од „Подрум“ и ќе кажам: „Можеби сега е времето. Можеби токму сега е време“.

Велите дека сакате претстава што ќе постави непријатни прашања и ќе отвори дискусија на болни теми, сакате театар кој нема да забавува, туку ќе тера на размислување. Дали „Подрум“ ќе остава мачнина кај гледачите откако ќе ја изгледаат претставата?

Довлев: Јас не велам дека театарот не треба да забавува. Сум играл и се уште играм претстави на кои детската публика лудо се забавува. Мене ми пречи поимањето на театарот исклучиво како медиум за забава. Постојат милион театрски правци во чие средиште не е забавата на публиката. Историјата памети бунтови и револуции инспирирани од конкретни театарски претстави. Театарот бил забрануван зашто се потсмевал со афторитарни режими и тирани. Многу режисери, текстописци и актери биле апсени, а некои од нив ги загубиле и животите заради своите претстави. Театарот е многу повеќе од забава. Што се однесува до „мачнината“, театарот отсекогаш се бавел со теми што ги мачеле луѓето. Она што мене ме мачи е неподносливата леснотија на практикување на театар и мислам дека не погрешив што ја одбрав токму младинската сцена како место за ваква претстава. Се надевам дека ќе има и такви што ќе се забавуваат гледајќи ја „Подрум“, но ако некој почувствува мачнина, нека не се грижи, тоа исто така е театар.

Не е за потценување и мотивот да направиме претстава практично без пари, со она што веќе не се користи, а се наоѓа во нашиот подрум, вели Довлев

Вие сте член на ансамблот на ТДМ од неговото формирање. Во еден период бевте и директор на ТДМ. Каква е состојбата со театарите во Македонија?

Довлев: Театарот откако знам бил во криза. Немам точен увид за тоа што се случува во македонските театри, но претпоставувам дека ситуацијата не е така розова. Театарот ќе преживува многу трансформации во иднина, зашто ваков каков што ние го познаваме и го поимаме веројатно нема да може да опстане во глобалистичкиот свет. Театарот сè повеќе ќе станува граѓанска иницијатива за одржување на менталната хигиена на заедницата, а сè помалку позив или професија. Ова нема да се случи преку ноќ и затоа секое потценување и поткопување на нашата професија само дополнително ќе го забрза нејзиното исчезнување. Нашите внуци или правнуци ќе живеат во време кога професијата Актер ќе биде вистинска реткост, а националните театри уште поретки. Добрата вест е што тогаш сигурно многу точно ќе се знае што се треба да поседува еден човек, за да може да се каже дека е Актер. Втората добра вест е тоа дека театарот во ваква или онаква форма ќе опстане и нема да исчезне.

Каде е решението за излез од оваа состојба?

Довлев: Немам одговор на ова прашање. Навистина не знам, но знам дека никој не е безгрешен и најважно е да си ги препознаеш своите слабости и маани и да работиш на нивно отстранување. Никој нема рецепт за успешен театар, да постоеше такво нешто сите ќе го препишевме рецептот и се ќе беше идеално. Секој треба да си одговори на прашањата – Што е она што мене ме прави актер или режисер или драматург?… Што е она што токму мене ме издвојува од останатите како некаков експерт за театар? Што е она што повеќето не знаат да го направат, а токму јас го можам? Не е лесно да се одговори на овие навидум едноставни прашања, но откако ќе пронајдеш вистински одговори многу полесно ќе станеш дел од решението, наместо дел од проблемот. Политичарите го користат терминот театар или политички театар кога се случуваат лоши работи на политичката сцена. Ми се чини дека донекаде сме и самите виновни за тоа.

Разаговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.