„Приватни демони“ е насловот на изложбата на фотографии на фоторепортерката и дипломиран архитект Маја Јаневска Илиева, во соработка со ликовниот уметник Велимир Жерновски која вечерва ќе биде отворена во Младински културен центар (МКЦ) во 21 часот во рамки на Саемот на уметност „Ин Ситу“.
Интердисциплинарната изложба, која е експериментално – колаборативен проект на Јаневска Илиева со Жерновски е поставена во горното фоаје МКЦ.
Јаневска-Илиева дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а како фоторепортер работи од 2000 година и во изминатиов период соработувала со повеќе дневни весници, неделници, магазини и информативни агенции како „Форум“, „Нова Македонија“, „Дневник“, „Време“…Ројтерс, АФП, ЕПА… Досега учествувала на повеќе групни изложби на новинска и уметничка фотографија во родното Скопје, во Истанбул, Турција и Амстердам, Холандија.
Велимир Жерновски, пак, роден 1981 во Скопје, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Тој зад себе досега има повеќе самостојни изложби во земјава и во странство и тоа во Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009)….Работи и како куратор и ко-куратор на проекти и изложби, а учествувал во повеќе меѓународни проекти и соработки со галерии, државни и алтернативни институции и музеи.
Кога ме поканија организаторите на „Ин ситу“ Саемот на уметноста да учествувам со независна изложба размислував како да одговорам на темата – „Вкрстувања“. Со вкрстување на архитектот и фотографот во мене, размислував за просторот. Дојдов до два концепти за изложба, кога Велимир неочекувано ми се јави да продолжиме со цртањето со светлина. И концептот веднаш се искристализира – јавен простор преку ден навечер се претвора во приватен со цртежите на Велимир. Колку успешно и препознатливо сме одговориле на задачата оставам на публиката да пресуди, вели во разговор за „Република“ Маја Јаневска – Илиева.
Што содржи интердисциплинаната изложба „Приватни демони“ со која се отвора Саемот за уметност „Ин ситу“ во четврток во Младонскиот културен центар во Скопје?
Експериментално колаборативен проект на Маја Јаневска-Илиева и Велимир Жерновски – така Жерновски ја нарече нашата дружбена продукција која сега ја претставуваме во оваа изложба.
Технички, изложбата е составена од 11 серии на диптиси – две фотографии снимени на иста локација, но со различна светлинска изложеност.
Изложбата се реализира во соработка со ликовниот уметник Велимир Жерновски. Каде се сретнаа една фотографка и архитектка и еден ликовен уметник?
Директниот одговор на Вашето прашање би гласел – кај Јасна Суша дома. Хахаха. Ние двајца се познаваме од одамна. Редовно го следам Велимир и искрено се радувам на сите негови успеси. Не ни помислував дека можам да имам соработник од калибарот на Жерновски. Оваа идеја се роди пред половина година на една седенка кај нашата мила Јасна кога ги разгледувавме можностите на паметните телефони. Направивме неколку експерименти и воодушевени од резултатот се договоривме оваа техника да ја разработиме во иднина.
Кога ме поканија организаторите на „Ин ситу“ Саемот на уметноста да учествувам со независна изложба размислував како да одговорам на темата – „Вкрстувања“. Со вкрстување на архитектот и фотографот во мене, размислував за просторот. Дојдов до два концепти за изложба, кога Велимир неочекувано ми се јави да продолжиме со цртањето со светлина. И концептот веднаш се искристализира – јавен простор преку ден навечер се претвора во приватен со цртежите на Велимир. Колку успешно и препознатливо сме одговориле на задачата оставам на публиката да пресуди.
Зошто е насловот на изложбата „Приватни демони“?
Честа да и кумува на изложбата му ја препуштив на Жерновски. Но, ако можам јас да додадам, за мене тоа не се демони, туку прекрасни, фантастични суштества со супер краток рок на живот освен ако не се уловат на фотографија. Техниката на цртање со светлина не е ништо ново во фотографијата. Впрочем, преводот на зборот фотографија од старогрчки е тоа – фотон и графос – светлинско цртање, запишување. Најпознатиот уметник кој ја користел оваа техника за изразување е Пикасо. Фотографот Џон Мили во 1948 година објавил во магазинот „Лајф“ серија од биковите што Пикасо ги нацртал со светилка.
Кај нас интензивно работи група еминенти автори од фотоклубот „Елема“ на ноќни осветлени пејсажи. Од нив, Владимир Арсовски неодамна се претстави во галеријата Рудиќ и со такви дела. И фоторепортерот од Вашиот медиум, Александар Ивановски пред неколку години отвори прекрасна и технички исклучително совршена изложба на цртање со светлина врз урбаната опрема и скулптурите во градот.
Фотографиите на изложбата не се закачени на ѕид, туку лебдат во воздух, но се однесуваат на истиот простор. Како просторот добива приватен карактер без да се нарушува неговата јавност?
Просторот на кој ќе бидат изложени панелите од форекс ќе биде приватен – мој, на Велимир и на сите посетители, се додека трае изложбата. Изложбата е од отворен карактер и сите се добредојдени. Тоа е тој дуализам на просторот, чудото на архитектурата кое сите го доживуваме и живееме, а не сме свесни за тоа. Но, некој архитект или урбанист го испланирал и извел, а ние не му го знаеме ни името ни опусот. Му благодариме само преку редовното секојдневно користење.
Колку долгогоришната кариера како фоторепортерка Ви помогна во изборот на просторот?
Долгогодишната кариера не ми помогна толку колку познавањето на градот на Велимир кое дури и мене ме изненади. Внимателно ги селектиравме локациите на снимање. Тие требаше да бидат доволно фотогенични за дневните и доволно темни за вечерните фотографии. Многу одлични локации ги отфрливме зашто навечер беа „избањати“ со светлина од уличното осветлување. А имаше и една на која нè избрка огромниот пес чувар. Веројатно да имавме повеќе време за изведба на располагање, конечниот резултат ќе имаше поинаков изглед. Но, јас сум премногу задоволна и со сегашниот исход. Се надевам со оваа техника ќе продолжиме да се играме јас и Велимир и понатаму.
Секогаш на крај ги оставаме благодарниците. Најпрво се заблагодарувам на моите најблиски, фамилијата што го толерираа моето отсуства од дома и понекогаш заборавеното купување леб. Потоа на сите мои колеги кои ме поддржаа, макар и со добра мисла, да го завршам и промовирам проектот, иако се трудев работата да не трпи. Велимир Жерновски, голема чест и задоволство ми беше дружењето во кое емоциите ни се движеа до изблици на радост кога резултатот ќе беше прекрасен и мало разочарување и најава за повторување на постапката кога резултатот немаше да биде така спектакуларен. Конечно, најзаслужни и најблагодарна сум на триото Бојана Стоименовска, Јован Ивановски и Бојана Јавена Шемова организаторите и кураторката на „Ин ситу“ арт саемот, за можноста и вербата што ја имаа во мене и за професионалноста во целиот тек на изведба на изложбата.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.