Имаме одличен текст, одличен режисер, па се надевам дека и претставата ќе има долг век, вели во интервју за „Република“ актерката Камка Тоциновски, која го толкува главниот женски лик во претставата „Бесачи“ чија премиера на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е закажана за во вторник, на 24 септември (20 часот).

Текстот е на актуелниот британско – ирски автор Мартин Мекдона, а режисер е Бугаринот Јавор Грдев, еден од најреномираните театарски режисери во Европа.

Театарската и филмска актерка која публиката ја препознава по улогите во претставите „Ничија земја“ каде што го толкуваше ликот на новинарката Џејн Линвингстон, „Авантурите на Аладин“ (мајката на Аладин), Клитемнестра во „Електра“, Северина во „Подемот и падот на кабарето“, Марија Лили Марлен Дитрих во „Изгубени Германци“, но и Марика во филмот „Три дена во септември“ и Нина во „Панкот не е мртов“ смета дека смртната казна како тема е секогаш интригантна.

Главна тема во текстот на Мекдона кој  е познат по црни комедии, но и како сценарист и режисер на филмовите „Во Бриж“, „Седум психопати“ и „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ е смртната казна. Текстот на Мекдона е во жанрот на црна комедија, но има и поджанрови како политичка сатира и суров реализам.

Камка Тоциновски со партнерите на сцена Никола Ристановски и Владо Јовановски

Сè уште има земји кои ја практикуваат оваа казна. Во Англија, на пример, во овој момент има предлог за враќање на смртната казна. Ние на сцена симулираме бесење, воедно карактерите во „Бесачи“ ја губат својата смисла на постоење по укинувањето на казната во Англија во 1965 година, вели Тоциновски во разговор за „Република“.

Тоциновски го објаснува ликот кој го толкува во „Бесачи“.

Алис е сопруга, мајка, газдарица на паб и пред сè јака жена која дава сè од себе да го одржи бизнисот. Таа е стожер на семејството, кое на крај не успева да го сочува. Како кај сите, така и кај неа има доза на малограѓанштина, која ги заплеткува ликовите во бизарни и комични ситуации, вели Тоциновски.

Режисерот Грдев изјави дека основна причина што текстот „Бесачи“ го поставува на сцената на МНТ е што театарот располага со актерски ансамбл кој е во состојба да понесе проект со таква тежина.

Оваа драма бара исклучителна концентрација и прецизна игра, вели Тоциновски

Покрај актерскот ансамбл, на Грдев му беше потребна и техничка поддршка или перформансите на сценските модули кои МНТ сега може да ги понуди. Од тој аспект претставата е навистина „тешка“ и бара многу. Имаме прекрасна сценографија која ја работеше Никола Тороманов од Бугарија. Тој е одличен сценограф, со чиј занает имавме можност да се запознаеме уште во претставите на Александар Морфов. Авторот на текстот е Мартин Мекдона и тој е многу актуелен автор во последно време, како кај нас, така и надвор. Познавачите на филмската уметност веројатно ќе се сетат на него по филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ во негова режија, по негово сценарио и продукција. Овој филм во 2017 година доби седум номинации само од Академијата. Филмот е мрачна, комична драма која на крај понесе награди за најдобро сценарио, најдобар филм и актерски остварувања. Од Американскиот филмски институт беше прогласен за еден од десетте најдобри филмови таа година, објаснува Тоциновски.

Според Тоциновски, Мекдона сака да си игра и да балансира помеѓу вознемирувачкото и комичното.

Овој жанр може да се забележи и во „Бесачи “ па можам да кажам дека воопшто не е наивно и лесно. Оваа драма бара исклучителна концентрација и прецизна игра. Пробите се долги и исцрпувачки, но тоа е неминовно кога се повеќе актери на сцена во исто време и потребна е координација, вели Тоциновски, која улогата, како и сите други актери во претставата ја доби на кастаниг.

Јавор е кроток, непосреден човек во чие друштво се чувствувате пријатно, вели актерката која го толкува главниот женски лик во „Бесачи“

За работата со бугарскиот режисер таа има само пофални зборови.

Јавор е кроток, непосреден човек во чие друштво се чувствувате пријатно. Така го доживееа сите кои беа повикани на кастингот. Иако е многу популарен и баран од европските сцени, кај Јавор нема демонстрација на авторитет или величина пред која некој би се почувствувал помалку вреден или несигурен, вели Тоциновски.

Освен со домашните, Тоциновски соработуваше и со режисери кои гостуваа во националниот театар, Морфов во „Ничија земја“ и Жолдак во „Електра“.

Секако дека се важни и ми е особено драго што бев дел од нивните претстави. За нас, тие секогаш носат една нова енергија, поинаков начин на работа. Убаво е кога сме во можност да приграбиме едно вакво за нас драгоцено искуство, завршува Тоциновски.

Изведбата на првата реприза е на 25. септември, а следните претстави се закажани на 8. и 9. октомври.  Билетите се пуштени во продажба преку онлајн системот преку веб страницата на МНТ/www.mnt.mk и на билетарницата во МНТ, а цената на билетот за премиерата е 500 денари, додека за репризните изведби е 300 денари. Оваа претстава МНТ ја најавува за лица над 18 години.

Фотограф: Стефан Н. Штерев.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.