Во Градскиот парк вечерва од 21 часот започна концертот „Љубов и револуција“, втор од проектот „Филхармонија на отворено“ по првиот концерт „Ну погоди“ што беше одржан во неделата. Овојпат премиерно се изведуваат хитови од поп-рок и панк музиката.
Под диригентската палка на Џијан Емин и во негови аранжмани се изведуваат песни на култните „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти Бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, Дејвид Боуви, „Секс Пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Пинк Флојд“, „Рамштајн“… Заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи и хорот „ПроАрс“ со диригентот Сашо Татарчевски.
„И овој концерт, како и првиот, претставува уникатна идеја во смисла на тоа ваков тип на композиции да бидат изведени од симфониски оркестар и хор, што е ретка практика и во светот“, соопшти Филхармонијата, додавајќи дека првиот концерт „Ну погоди“, со музика од познати цртани филмови од Источниот блок во 1970-тите и 1980-тите, бил фантастичен настан што го посетиле илјадници вљубеници во музиката од најразлични генерации.
Двата концерта Филхармонијата ги организира во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.