Кога ќе го слушнете името Катерина Габунија, веднаш помислувате на проектот „Тајните архиви на Скопје“, чија реализација скопјани несебично ја помагаат со сопствени снимки од приватните архиви, а таа целосно се вложува во крајниот производ. Досега се изработени два дела: „Тајните архиви на Скопје“ и „Раѓањето на градот“, а на 30 ноември пред очите на јавноста ќе биде претставен третиот дел, насловен „Човекот-Лав стори“.
Со режисерката која постојано и одново го открива скриеното филмско богатство на Скопје, на скопските маала, на начинот на живот кој повеќе не постои, на тогашните белези на градот, за љубовните приказни од тоа време, разговаравме за прибирањето на снимките, изборот на темите, значењето на проектот…

„Тајните архиви на Скопје“ деновиве ќе добијат и трето продолжение. За што станува збор овој пат?

Точно така, на 30-ти ноември во Кинотеката на Македонија во 20 часот, Тајните архиви ќе има премиера на третиот дел од проектот, насловен „Човекот- Лав стори“ .
Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно. Слатка, возбудлива и горка сме ја искусиле сите и најлесно ни е да се соживееме и да ја разбереме таа емоција. Љубовта е наша движечка сила, која не мотивира да твориме. „Човекот“ не е совршен, знае и да згреши, но љубовта која ја дава, барем на кратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената.

Како почна приказната за Скопје?

Приказната за Скопје започна пред три години, кога заедно со Управниот Одбор на „Вардар филм“ размислувавме во насока на дигитализација и архивирање на филмското културно наследство. Подготвив проект со кој аплициравме за финансиска помош до Град Скопје, најпрво со цел да се обезбеди апарат за дигитализација со кој ја започнавме оваа приказна. Како љубител на 8мм филмска лента веќе поседував материјали и со нетрпение го чекав завршувањето на дигиталната обработка на материјалите за да можам да создавам приказни. Сето она што го видов на материјалите го диктираа правецот и насоката како таа приказна да тече.

Тешко ли е да се дојде до снимките? Како ги наоѓате? Дали скопјани беа подготвени да ги отворат сопствените архиви?

Првата година беше најтешко да дојдам до снимки. По првата премиера, но и со помош на медиумите, се повеќе граѓани се запознаа со мојата работа и ми носеа материјали. За жал во 2020 година, дел од материјалите останаа недигитализирани поради пандемијата со Ковид -19, но принципот на собирање на материјали во изминативе три години е ист, односно се одвива по пат на јавен повик. Неизмерно сум им благодарна на скопјани што ги отворија и споделија своите домашни архиви со сите нас.

Кажете ни малку повеќе на постапката за изработка на целиот проект?

Процесот односно постапката на реализација на овој проект, како и до сега, започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 и супер 8мм ленти. По собирањето на материјалите и нивно архивирање се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на лентите. Потоа по прегледувањето на дигитализираните материјали се преминува кон подготовка на сценарио и монтажа на слика и звук. Музиката во овој тип на филмови игра клучна улога, будејќи ги емоциите кај публиката.
На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.

Какво е чувството да се држат в рака толку значајни материјали кои сведочат за едно друго, сега веќе сосема заборавено време?

Работејќи и прегледувајќи ги сите овие архивски материјали, будат чувство кај мене како да сум открила нов свет, нов живот… за кратко време станувам дел од нечија приказна и ја живеам истата во друго време. Не е возможно да го работите ова, а да не се соживеете со лицата кои се дел од приказната.

Дали скопјани помагаат и со приказни од тоа време?

Скопјани се секогаш подготвени да ја раскажат својата приказна и многу би сакала нивните приказни да бидат дел од еден нов концепт на овој проект. Сметам дека би им било интересно на сите генерации, како што ми е и мене да ги слушам пикантериите на скопјани.

 

Сметате ли дека ваков проект можеби требаше и порано да се реализира?

Верувам дека требало и порано да се реализира ваков тип на проект од аспект што многу повеќе материјали до сега ќе беа „спасени“ и зачувани. Голем дел од граѓаните веќе ги имаат исфрлено овие ленти, дел од нив неадекватно зачувани, за жал, се неупотребливи. За културата на еден град, за начинот на живот на скопјани во периодот од крајот на 60-те до почетокот на 90-те години овие ленти се многу значајни.

Скопје сигурно има уште неброени тајни архиви, а скопјани приказни кои треба да бидат раскажани. Планирани ли се уште продолженија од проектот?

Секако планирам да продолжам со работа на проектот, има уште многу што да се прикаже и многу приказни да се раскажат. Со малку поразличен концепт и поголема финансиска помош од институциите и приватните културни здруженија „Архивите“ со сигурност ќе прерасне во еден сериозен и значаен проект за зачувување и афирмација на културното наследство не само на Скопје, туку и на територијата на цела држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.