Димитар Димоски е автор на збирката раскази „Неми филмови“ која во рамките на „Малиот новогодишен саем“ во МКЦ ќе ја промовира издавачот „Или-Или“. Димоски е уште еден од низата дебитантски автои кои ги поддржува оваа издавачка куќа. Роден е 1992 година во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016). Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид.

Вашата книга под наслов „Неми филмови“ неодамна ја објави издавачката куќа „Или-Или“. Деновиве ќе се одржи и промоција на книгата. Кажете ни за што станува збор?

„Неми филмови“ е збирка од 12 раскази пишувани во период од пет години. Иако стилски и содржински различни, расказите обработуваат слични мотиви. Намерата ми беше низ раскажувањата да провејуваат заеднички именители преку кои читателот би ги сместил овие приказни во еден ист универзум. Среќен сум што промоцијата ќе се одржи во рамките на малиот новогодишен саем во МКЦ (поточно, среда во 19:00 часот) и што низ разговор со Игор Анѓелков и Ненад Јолдески, ќе се обидеме тоа да биде еден, би рекол понеформален настан, што би бил својствен на дебитант автор како мене.

Вашиот расказ со ист наслов „Неми филмови“ доби втора награда на конкурсот на „Нова Македонија“ за 2016. Како течеше пишувањето понатаму?

Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ е посебен настан за моето творештво, а признанието кое што го добив во 2016 година за „Неми филмови“, несомнено, придонесе кон тоа да бидам помотивиран, и поважно, да негувам еден похрабар пристап кон пишувањето. Всушност, не беше во прашање само признанието како признание, туку тоа што за мене претставуваше таа награда. Во 2014 година го напишав својот прв расказ, „Создавач на светови“, кој се закити со откупна награда на истиот конкурс. Тогаш имав 22 години и многу нешта околу книжевноста не ми беа јасни. Едно утро, во весникот прочитав дека мојот расказ е меѓу наградените. Отидов дома и не знаев како да им соопштам на моите дека пишувам и дека ете, мојот расказ е меѓу наградените. На церемонијата на доделување награди, се почувствував како да не припаѓам таму. Мислам дека тоа беше едно сосема природно чувство. Се наоѓав помеѓу писатели со купишта објавени ракописи позади себе. Подобро да си гледав фудбал дома него да си го правам ова себеси, помислив, не мислев дека ќе напишам расказ после тоа. Но, тој ден се случија два моменти кои ми останаа во сеќавање. Снежана Младеновска Анѓелков беше дел од жирито, и кога ми ја врачи наградата, ми посака да пишувам повеќе. Вториот настан се случи набрзо потоа, кога стоев пред кафулето и зјапав во признанието, поуспокоен од претходно. Таму, еден познат писател изјави дека откупната награда е само утешителна награда и ништо повеќе, а мене тој ден, токму тогаш, ми значеше сѐ на светот, како да постоиме само мојот краток расказ и јас и дваесет и двете години поминати во живеење и читање за да се напише само една единствена реченица, една страница, некој лик. И тоа не го прави мојот расказ најдобар, можеби ни доволно добар, но го прави мој, и тоа е она што е важно. Следните две години кон пишувањето пристапив посериозно, иако не пишував онолку често колку што сакам. Во 2016, кога „Неми филмови“ освои втора награда, се најдов во истото кафуле, помеѓу за мене познати и помалку познати писатели. Но и тогаш открив една многу важна работа за пишувањето и за тоа што значи да се пишува – Оливера Ќорвезироска го читаше својот победнички расказ, и расказот како да оживуваше пред мене. Кога отидов дома, се обидов на глас да ги препрочитам текстовите кои што сум ги напишал, за да откријам дали можат да оживеат, дали имаат нешто повеќе од зборови во себе. Сум присуствувал на повеќе читачки настани, но никогаш пред тоа не сум размислувал за тоа. Откако оставив импресиите околу „Неми филмови“ да отспијат, се посветив на повеќе пишување, а и читање. Би рекол дека пишувањето го сфатив сериозно, а животот сѐ уште не, но исто така би додал и дека не пишувам онолку колку што сакам и онолку колку што треба (не знам колку навистина треба да се пишува) Пишувањето за мене е многу тешка работа, да беше полесна можеби и ќе пишував почесто.

Од каде љубовта кон пишувањето?

Израснав во кино, помеѓу книги, со плочи, албуми, фудбал. Моето детство беше колекција од нејасни настани и уметности. Можеби сето тоа придонесе за подоцна да се охрабрам да пишувам, и тоа во два наврати. Првиот пат се случи кога бев дете, имав околу десет години и со крупниот, детски ракопис исполнив една цела тетратка. Се работеше за тројца другари и куче. Го спасуваа светот (па и нема што друго да прават во фантазиите на едно дете) Мислев дека сум напишал роман, од таа перспектива на десетгодишен, тетратките ми изгледаа како улиците во Охрид тогаш – долги, бескрајни. Многу ми е жал што не успеав да ја зачувам таа тетратка со корица од ликовите од Беверли Хилс.
Вториот пат се случи кога имав дваесет и една-две години. Ја открив „Надја“ од Бретон, па пробав да видам како е човек да се занимава со метафизичките улици на градот.

Што читате за своја душа?

Би рекол дека читам сѐ што ќе ми дојде при рака, но така би прибегнал кон клишеа. Се случува еден автор да ме насочи кон друг, или една книга да ми ја покаже следната. На пример, годинава го открив Роберто Болањо, чиј што роман „Дивите детективи“ ме однесе до Хуан Ролфо, чиј пак роман „Педро Парамо“ ми откри дека можат да постојат поинакви начини на раскажување.
Јас сум воглавно самоук читател, на седумнаесет годишна возраст открив дека постои Маркез. За жал, или за среќа, во Охрид никој не ми беше кажал дека Маркез постои, па морав да го откријам.

Кои Ви се омилени автори?

Хулио Кортасар, Андре Бретон, Ками, Ернесто Сабато, Умберто Еко, Маркез, Кундера, Барико, Хенри Милер, Албахари, Кафка, Вилхелм Генацино, Томас Вулф, Господинов, К. Чачански, Анте Поповски, Дурацовски. Има уште…

Каква музика сакате? Слушате ли музика додека творите?

Јас сум здодевен слушател. Додека пишувам, слушам само одредени изведувачи и албуми. Тоа повеќе се должи на мрзеливоста да се впуштам во потрага по нешто ново, отколку од отсуството на љубопитност. Не седнувам да пишувам ако не слушам музика, не размислувам околу некој расказ ако не му залепам музика во позадина. Така, бесконечно ги слушам The National, Echo & the Bunnymen, го слушам Nick Cave, Father John Misty (неговиот ‘I Love You Honeybear’ за мене е најважниот албум од оваа декада), Mike Oldfield, Marilyn Manson, Belle and Sebastian (што се мора не е тешко…), Dire Straits, Paolo Nutini, Damien Rice, Radiohead (сѐ е кажано во OK Computer), Pulp и George Michael (особено неговиот албум ‘Older’).
Но, се случува и расказот да не го бара тоа од мене. Некои раскази се подобри ако останат тивки или ако се состојат само од звуци. Додека го пишував расказот „Реки во нејзината уста“, со кој што завршува збирката раскази, во глава го имав звукот на дишење на некој лик од филм – тоа е за мене најубавиот звук во филм, дишењето на еден лик, ништо повеќе.

Велите дека на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме. Дали тука замешала прсти Вашата љубов кон филмот?

Сакам да мислам дека создавањето книжевно дело, макар и краток расказ, е резултат на множество од повеќе уметности. Во расказите од „Неми филмови“ има повеќе директни референци кон филмови, и иако не се навлегува многу во нив, сакав да бидат тука, да постојат поддржувајќи ја нарацијата. Кога некој лик оди во кино, нема ништо поважно од тоа кој филм треба да го гледа. Тоа кажува сѐ за тој конкретен лик, во мојот случај раскажувач. Но, инспирацијата од филмовите ја искористив и на други места, поненаметливо. Така, во една сцена на крајот од расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“, ликовите танцуваат врз темелите на една разрушена куќа. Тоа е онаа сцена од крајот на „Седмиот печат“ на Бергман, кога Смртта се тетерави со останатите ликови на врвот на ридот. Секако, сцената во расказот нема допирни точки со сцената од филмот (а јас со Бергман, фала му на Бога уште помалку) но ете пишував расказ и помислив колку би било убаво ако таа сцена беше моја, па ја присвоив. На таков начин сакам да присвојувам други парчиња уметност.

Продуцент сте на краткиот анимиран филм „Неми филмови“во режија на Крсте Господиновски е предложен како македонски проект за учество на европскиот ко-продукциски форум на кратки филмови Euro Connection 2020 . Кажете ни нешто повеќе за тоа?

„Неми филмови“ е проект кој што го развиваме веќе извесен период. Се работи за куклена стоп анимација и е базиран врз истоимениот расказ. Во соработка со Крсте Господиновски, Жарко Иванов и Дарко Попов, одлучивме дека оваа техника на анимирање најдобро би го доловила духот на расказот. Пред две години со проектот бевме дел од работилницата за анимиран филм во рамките на Visegrad Animation Forum, каде што работевме на приказната, ликовите, споредните приказни кои што треба да се вметнат во раскажувачките рамки на анимацијата. Следниот февруари се случува Euro Connection 2020, продукцискиот форум во рамки на фестивалот Clermont-Ferrand, што е одлична можност за претставување на проектот и нашата работа.

На што работите во моментов? Повеќе сте преокупирани со работа на филм или пишувате?

Овде би се надоврзал на претходниот одговор. Во моментов сум фокусиран на анимираниот „Неми филмови“, затоа што планот е наскоро да започнеме со реализација. Во последните два месеци, откако од печат излезе збирката раскази, сум напишал само еден краток расказ. Имав многу измешани чувства периодов, па сакам, како најверојатно и секој друг дебитант, да поуживам во ова што ми се случува. Да се биде објавен, особено од издавачка куќа како „Или-или“, за мене е исполнување на сон. Но, знам дека наскоро ќе дојде некое утро кога ќе почувствувам дека треба да продолжам со пишување онаму од каде што застанав. Не сакам да се залежам, тоа ме потсетува на болест.

Која е Вашата желба која би сакале да ви се исполни во Новата година?

Немам особени желби затоа што статистички гледано баш и не ми се исполнуваат, но има неколку нешта што би сакал и треба да се случат. Најпрво, промоција на книгата и во Охрид, некаде во втората половина на јануари. На професионален план, верувам во успешна реализација на анимираниот проект. Повеќе читање, повеќе пишување, повеќе патувања, почесто гледање филмови (станав вчерашен во однос на ова, многу ретко гледав филмови во 2019) но и помалку нервози кога гледам фудбал, тоа е она на што би го сметал за важно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.