Моментално рускиот писател број 1 на сите светски листи – Евгениј Водолазкин, кому оваа година ќе му биде доделена наградата „BookStar“ за најчитана книга помеѓу две изданија на Фестивалот престојува во Скопје и средбата ја искористивме да поразговараме за литературата, музиката, талентот, инспирацијата…
Евгениj Водолазкин е руски писател роден во 1964 година во Киев, Украина. Од 1990 година работи во Одделот за староруска литература, каде што е водечки научен соработник. Автор е на повеќе од сто трудови поврзани со древната и со новата руска литература. Предава на универзитети во Минхен и во Санкт Петербург. Неговиот роман Лавр ги освојува наградите „Големата книга“ и „Јасна Полјана“ во 2013 година. Преведен е на повеќе од 15 јазици. Историјата е негова првична инспирација, без оглед дали турбулентните времиња на Октомвриската револуција или наследството на византиската култура.
Романот„Авијатичарот“ почнува со мистерија. Инокентиј Петрович Платонов се буди во болница во 1999 година, без сеќавање за тоа кој е или како се нашол таму. Иако изгледа како да е триесетгодишен, постепено сфаќаме дека е постар од еден век! Вистински Робинсон Крусо, фрлен на брегот на еден чуден модерен свет што не го разбира и од кој де факто е изолиран. Како точно пристигнал во постсоветската ера, очигледно транспортиран директно од 1920-тите?
Места и моменти во времето од руската култура, вклучувајќи го и револуционерниот и постреволуционерниот Петроград. Единствената, временски фрактурирана биографија на Платонов му дава широка перспектива на рускиот живот: исто како што еден авијатичар би можел да испита широк простор озгора, неговите спомени датираат од раниот советски период до крајот на дваесеттиот век.
„Авијатичарот“ е дело на сеќавање и заборавање. За заедничкото плетење и разбирање на еден век во руската историја. Романот запрашува: Која е поврзаноста меѓу индивидуалната и колективната меморија? Што е поважно во нашето разбирање на минатото: големите историски настани или малите детали од секојдневниот живот, како што се звуците и мирисите?
Вие сте годинашен добитник на наградата „Букстар“. Кажете ни како автор како делуваат на Вас наградите? Како обврска?
На почетокот наградите ме правеа среќен. Среќен како мало дете кога се радува на нова играчка. Ова пред се бидејќи јас бев почетник во литературата. Знаете јас доцна почнав да пишувам. Првиот роман го напишав кога имав повеќе од 40 години, но сепак бев почетник и тоа беше признание на моите капацитети за пишување. Се разбира дека бев среќен. Досега сум добил многу награди и не можам да речам дека нешто се сменило. Не сум индиферентен. Воопшто не е така. Наградите ги ценам и сега, бидејќи сметам оти на секој автор му е потребна потврда, признание. Можеби помалку е типична приказната, но секој автор понекогаш мисли дека не може да пишува, дека не е добар. Тоа се случувало кај многу автори. Кога бев млад прочитав дека Томас Ман секогаш кога почнувал да пишува нова книга се плашел дека нема да биде добар. Во тоа време мислев дека тоа не е вистина, дека само се шегува за да привлече внимание. Можеби е премногу добро за да е вистина, бидејќи литературата не е само добро пишување. Добро може да напише и студент од Филолошки факултет. Не е којзнае колку тешко да научите некого добро да пишува. Јас го работам тоа. Текстот да биде без грешки, името да стане заменка, кога Џон ќе стане „тој“…тоа не е тешко да се совлада. Но, да се пишува добро, за писателот значи да зборува со рајот, со својата душа и тоа нема никаква врска со стилот, наградите итн. Оваа врска може да исчезне и зата сега сосема го разбирам Томас Ман што е тоа од што стравувал. И јас се плашам дека следниот роман нема да биде интересен, но секојпат кога ќе добијам добри вибрации од весниците, литературни награди, писма од читателите, литературната критика…сето тоа е добар совет за мене. Значи да заклучам, наградите сеуште се многу важни за мене. И многу други нешта ми говорат дека не е се толку лошо, но наградите играат важна улога.
Главниот лик во „Авијатичарот“, Инокетиј Петрович Платонов го губи помнењето, но полека гради мозаик од сеќавањата кои водат во времето на Руската револуција, а на апчињата гледа дека е 1999 година. Дали приспособувањето на реаланост на Платонов е порака за читателите за сеќавањето и простувањето?
Да, може да се рече дека е така. Всушност што е главната работа на која се сеќава Платонов? Тој се сеќава дека убил човек. Претпоставувам дека на овој настан се сетил уште на самиот почеток од романот, но се обидува да го избегне сеќавањето на тоа. Се обидува да ја замени целата реалност и во тој контекст да се сети на тој настан. Поради тоа што му се случило бара да му биде простено. Човекот кој го убил бил лош човек, но сепак е човечко суштество и може да кажеме дека овој роман е за простувањето.
Ги истражувавте животот и делото на Кирил и Методиј. Сте го посетиле ли Охрид? Како го доживеавте?
За жал не.
Се надевав дека ќе кажете „да“ и ќе разговараме за овој древен град.
Да, навистина жалам, бидејќи имав ретка можност да го посетам Охрид, но не ја искористив. Бев поканет на славистичкиот конгрес кој се одржува во Охрид. Бев премногу зафатен во тој период и навистина немав можност да напишам излагање за да учествувам на дискусијата. А без излагање не можев да учествувам на конгресот.
Во Русија ве нарекуваат Умберто Еко, во САД, „Рускиот Маркес“. Како влијаат на Вас ваквите споредби?
Ова е одлично друштво, но не би преферирал да слушам комплименти, бидејќи многу сме различни. Многу го почитувам Маркес, го сакам Маркес, тој е можеби мојата најголема литературна љубов. Го сакам исто така и Умберто Еко. Имав можност да се запознам, да го сретнам и да разговарам со Умберто Еко. Тој има неверојатна смисла за хумор и ми рече : „Ааа ова е мојата конкуренција“, бидејќи мојот италијански издавач го информираше дека мене ме нарекуваат Умберто Еко во Русија. Вакви имиња кога им се даваат на некои писатели ја прават нашата литература провинциска, бидејќи примерот е некаде во Италија или во Јужна Америка, а ние сме овде во Русија се обидуваме да ги копираме. Тоа воопшто не е точно. Модерната руска литература е многу интересна. Разбирам зошто се прави тоа. Јасно ми е дека на тој начин на најкус можен начин се објаснува за каков вид литература станува збор, но сепак би избегнувал да се опишувам себеси на таков начин.
Велите Маркес е вашата литературна љубов. Кој е Ваш омилен писател? Дали е тоа Маркес?
Би рекот Маркес е еден од моите омилени писатели. Исто така го сакам и Томас Ман, но неверојано важен за мене е Гогољ. Тој е голем руски мистик.
Што претставува пишувањето за Вас? Како се подготвувате кога пишувате некој роман? Имате ли некаква рутина или специфика или едноставно тоа само доаѓа и седнувате и пишувате?
Долго време молчев и сега одеднаш се излезе од мене. Но, тоа не значи дека кога ќе завршам со романот број 3, ќе продолжам со четвртиот роман. Размислувам, ги разгледувам проблемите кои би сакал да ги разработам. Се плашам да бидам во брзање. Почнувам да пишувам само кога сум сигурен дека имам интересен проблем и кој може да се дискутира на интересен начин, но кога еднаш ќе ја донесам одлуката, пишувам многу енергично. За жал многу сум зафатен и немам време да пишувам како што би сакал. Многу патувам, во текот на еден месец понекогаш посетувам по 3 или 4 земји. Убаво е да се патува, но понекогаш е напорно. Се разбира, не е трагедија. Му благодарам на Бога што ми се јавуваат од 10-15 држави за да ги посетам годишно. Исто така посетувам и градови во Русија, одам на конгреси итн. и тоа ми го прекинува пишувањето. Но, од друга страна и тоа е важно зошто книгата треба да биде поддржана, и имам обврски кои сум ги презел кон издавачот. И кога имам време да работам дома, не чекам на инспирација, седнувам и пишувам 14, некогаш и 16 часа на ден.
Дали сакате музика? Каква музика слушате? Дали можеби некогаш слушате музика додека пишувате?
Да, многу сакам музика. Мојата книга „Бризбејн“ беше наречена „музички роман“. Како малечок посетував музичко училиште и учев да свирам два инструменти, од кои едниот беше гитара. Слушам многу различна музика, а тоа зависи од расположението, од тоа како ми поминал денот. Слушам музика и додека пишувам, но мислам дека тоа е многу опасна работа, според мене. Мора да се биде внимателен, бидејќи убавината на музиката може да се сфати како убавина на својот сопствен текст, а на пример вашиот текст може да не биде толку убав. Слушам музика кога пишувам патетично и ми треба повеќе инспирација и повеќе енергија. Тогаш може да го слушам Бах или барокна музика. Таа е многу моќна, но не ве обзема премногу, нема да ви ја одземе главата. Генерално слушам музика додека работам.
Неколку дена сте во Скопје. Имавте ли можност да го разгледате градот? Што ви се допдна?
Многу ми се допаѓа Скопје. Сакам да доаѓам во овој дел од светот, бидејќи е сончево и топло. Градот се питом, топол, интересен.
Секако ви изгледа помал од руските градови. Дали живеете во Москва?
Не, јас живеам во Санкт Петербург. Кај нас е многу студено во овој дел од годината и темно е преку ден. Знаете кај нас имаме бели ноќи. И луѓето имаат мошне интересна забава кога има бели ноќи. Во близина на Санкт Петербург има неколку островчиња и тогаш ги посетуваат во еден дел од денот додека Сонцето заоѓа и веднаш потоа заминуваат на другиот крај од островот, за да го гледаат изгревањето на Сонцето. Тоа е многу интересно да се види, залез и изгревање на Сонцето во растојание од неколку минути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.