Вечерва во 19.30 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во Скопје ќе биде промовирана книгата „24 часа во Еднорозија“ од авторката и новинарка Јасмина Кантарџиева-Димков. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“. Пред промоцијата разговаравме со Јасмина за новата книга, литературата за деца, статусот на писателот…
Вашата најнова книга за деца е насловена „24 часа во Еднорозија“. Каква приказна им носите на најмладите читатели со ова издание?
Тоа е приказна за легендите за еднорозите, од 6-от век па наваму, разместена и преместена во модерно време. Приказна за нашиот денешен однос кон природата и светот кој не опкружува, природата која прашува, преку еднорози, самовили и волшебници, и преку нашите деца – што ни е поважно, пријателот кој, патем, има лековита моќ, или страствената потреба за доминација, супериорност, моќ, слава и пари. Во овој роман за деца се спротиставуваат гордите еднорози со човекот. А, кој друг да се повика на помош, ако не нежните и мудри еднорози, слатко да ни се спротистават и да ни кажат колку и каде претеравме.
Во „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ раскажувате за десет мали неразделни пријатели-кучиња. И самите чувате две кучиња, а и новата книга говори за еднорози. Животните и природата ве инспирираат?
Чуваме две кучиња и си ги сакаме како што се сакаат „мали деца“. Приказната за кучињата од Тафталиџе Еден не е измислена, труењата на кучињата се сеуште актуелни. За жал, оваа приказна се развива со уште повеќе трилер додатоци, низ цела Македонија. Со ништо не можеш да допреш до тие луѓе.
Автор сте на новинарски текстови, поезија и текст за песна на Верица Пандиловска… но како дојдовте на идеја да пишувате книги за деца?
Сега проверив. Мојата прва книга за деца е објавена пред точно 21 година. Се вика, „Штрковите не носат деца“. Беше во знакот на авангардниот „Магор“, во 1998 година. Сашо Прокопиев ме одведе кај Љупчо Лазаревски. Книгата се распродаде во стотина или, двесте, триста примероци, ама до ден денес, ете, ќе се јави некој и ќе ми каже дека ја бендисал книгата, а каде ја нашол, не знам. Промоцијата беше направена на Филолошкиот факултет. И гости дојдоа, прочитале од медиумите, полн амфитеатар за еден непознат автор. Сега ме потсети на тоа, и ми заигра душава. Не знам дали тогаш се читаше повеќе, или барем, се почитуваше книгата повеќе или оној кој седнал да ја напише таа книга.
А, Верица ми е драга пријателка и уште ќе си соработуваме, со пеење и со рецитирање на стихови поезија под млада или полна месечина. Исто како што и Салваторе Монети, ми е драг пријател со којшто, ако отидам до Милано, нема шанса да го разминам. За Италијанците, тој е кралот на машката мода, со „Еди Монети“ дуќанот, од 1887 година, во Наполи, на Сан Бабила во Милано, или на улица Боргоњона во Рим. Кога не се занимава со креирање на елегантни костуми, создава музика. Преубава музика. Повеќепати ги собра наградите на Сан Ремо, со неговите композиции, еднаш, и првото место, заедно со Ана Окса. Ме радува кога во меилот ќе најдам некоја негова музичка линија, која ја отсвирил на клавирот, со порака, ај додади зборови на македонски, српски, хрватски. И тие зборови, обично, немаат никаква врска со италијанскиот текст, напишан од некој неков пријател, писател. 20 и кусур години така си играме музика и поезија. Така запознав повеќе италијански одлични писатели, преку текстови за забавни, депресивни или смешни песни.
Литературата за деца кај нас со години е на маргините. Какво е Вашето искуство како автор? Што да се направи за најмладите читатели? Да се поттикне авторството на книги за деца? Повеќе фестивали, саеми на книга?
„Дарежливото дрво“ од Шел Сивлерстин корисно е да се допише како задолжително четиво, во лектирите, особено за модерново Скопје. Инаку, книгите за деца, кои треба да ги читаат, нели, децата, најчесто ги одбираат мајките и татковците. Па, каков е нивниот сензибилитет, тоа ќе го добијат и децата. Недостигаат фестивали за литература за деца за родители.
Имате ли некое интересно искуство со децата на Вашите промоции? Споделуваат ли со Вас што им се допаѓа, а што не? Дали поставуваат прашања?
Децата се срцки. Оние кои доаѓаат на промоции на моите книги се децата на моите пријатели и децата на пријателите на пријателите и пријателчињата на нивните деца.
Како автор на книги поезија и проза како ја оценуваат состојбата во литературата кај нас? И на авторите?
Нема состојба. И Паоло Коелјо би пропаднал кај нас и не би го цитирале на Фејсбук, да не лансираше изреки од бразилската традиција која ни е најблиска, како и индиската филозофија и јогата.
Друштвото на писатели на Македонија пред неколку години најави формирање на клуб на писатели за деца. Дали ви е познато дали досега нешто е реализирано?
Првпат слушам за такво нешто. Супер идеја. Убаво е да има и некоја градина, двор во Дебар Маало, само за писатели за деца. И бесплатно да се делат шеќерни волни во прекрасна, розова нијанса.
Од друга страна во светот, авторите на литература за деца доминираат како најплатени меѓу писателите…А кај нас?
Немаме 2-3 месеци министер за култура. Зошто немаме, појма немам, зашто не гледам вести. Ама, штом дојде, верувам, се ќе се реши, и сите, пак, ќе си бидеме пресреќни.
фото: Фејсбук
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.