Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика, синоќа во Битола, на отворањето на 42. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ го доби признанието специјална Камера 300 за особен придонес во филмската уметност.
Пук е англиска композиторка и виолистка. Во 1983 година дипломирала на Школата за музика и драма Гилдхол во Лондон, каде што студирала виола со Дејвид Такено и пијано со Карола Гриндеа. Најпозната е по нејзината музика во филмовите „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе и „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик, која ѝ донесе филмска награда во Чикаго и номинација за „Златен глобус“. Снимала и настапувала со Марк Нопфлер, Ник Кејв, Питер Габриел, Лори Андерсон, „Масив атак“, „Кренберис“ и „Комунардс“.
Во 2018 година ја компонираше музиката за „Сопруга“ со Глен Клоуз, Џонатан Прајс и Кристијан Слејтер, за што во 2019 година ја освои наградата за Најдобра оригинална композиција во игран филм на Наградите за музика и звук. Пук беше номинирана за наградата БАФТА за музиката за „Владин инспектор“ на Канал 4, а во април 2018 освои БАФТА за музиката за телевизискиот филм од 2017 г. „Крал Чарлс Трети“ (во режија на Руперт Голд). Ја напиша и музиката за документарната серија на Нетфликс „Скали“ во режија на Жан-Ксавиер Лестрад.
В сабота таа ќе одржи работилница работилница насловена „Компонирање филмска музика со Џослин Пук“ во рамки на Фестивалот.
Дали првпат доаѓањете во Македонија? Колку сте запознаена со ИФФК „Браќа Манаки“?
ПУК: Не, сум била во Македонија повеќе пати до сега. Мојот сопруг е од Србија и најчесто ги поминуваме летата во нашето место во јужниот дел на Србија близу Врање и оттаму често имаме патувано за Македонија бидејќи е близу и едно од моите омилени места е Охрид. Исто така во Скопје имам поминувано време со мојата пријателка и колешка Тања Царовска која има пеено во многу од моите проекти и редовно настапува со мојот ансамбл, Џослин Пук.
Организаторот најави дека ќе одржите работилница на „Манаки“ насловена „Компонирање со Џослин Пук“. Познавате македонски музичари? Кому ќе му биде наменета работилницата? На оние што веќе создаваат филмска музика или оние што почнуваат тоа да го прават?
ПУК: Работилницата ќе се фокусира повеќе на моите искуства како музичар и композитор и на тоа како случајните средби имаат влијание на моето креативно патување и пристапот кон создавање музика за најразлични медиуми. Како што споменав претходно, редовно соработувам со македонската пејачка Тања Царовска. Нејзиниот глас е многу моќен и таа во себе го носи белегот обележје на културата на вашите предци. Имам запознаено неколку други музичари од Балканот, ја обожувам традиционалната музика и мислам дека вашето музичко наследство е прекрасно и моќно.
Имате импресивна кариера, сте работеле со врвни филмски режисери и врвни музичари. Што може да се научи од нив?
ПУК: Најдобрите резултати доаѓаат од режисери и артисти кои се подготвени да веруваат и да играат. Потребна е човечност. Тие знаат како да инспирираат и да го поттикнат најдоброто кај своите соработници. Луѓето најчесто се изненадени кога ќе слушнат колку е учтив и отворен за соработка Стенли Кјубрик. Вие сте на едно патување заедно, обидувајќи се да го најдете правилното нешто за сцената и тоа е еден вид на танц во кој се пробуваат најразлични пристапи, сè додека не се најде она што функционира. Процесот не е секогаш лесен и поради тоа навистина е од помош ако постои доверба и трпение.
Каков совет им давате на младите музичари?
ПУК: Концентрирајте се да го пронајдете и развиете вашиот сопствен музички глас. Упорноста и решителноста се исто така многу важни!
Што значи музиката во филмот? Колку е важна?
ПУК: Постојат неколку различни пристапи за тоа како музиката се користи во филмовите. Може да се користи илустративно, истакнувајќи ја приказната. Понекогаш во популарните филмови музиката може да биде многу бомбастична и тоа да биде премногу и да претставува клише. На сите елементи им е потребен простор и тие треба да дишат.
Повеќе сакам кога музиката има свој глас, кога самата таа е друг глас или лик во филмот. Јас мислам дека музиката во филмот е од огромно значење. Таа влијае на леќата преку која го гледате филмот. Луѓето можат само за неколку секунди да добијат информација за квалитетот на филмот преку самата музика. За мене не е важен жанрот туку дали музиката е оригинална и/или има длабочина.
Дали уште уживате додека работите?
ПУК: Да!
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.