На 18 ноември, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена изложба со наслов „Скопје одново“, која во фокус го става процесот на основањето на Музејот и на неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен фокус на американските уметници.
Изложбата „Скопје, одново“ е резултат на соработката помеѓу МСУ – Скопје и Амбасадата на САД во Скопје, а кураторки на изложбата се Ана Кац (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА) и Кумјана Новакова (кураторка соработничка на МСУ – Скопје).
Во рамките на постановката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. Така, за првпат, МСУ – Скопје ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…
Изложбата „Скопје, одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје, после земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ – Скопје станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата ги потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении после земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Полската влада во тоа време финансира тим на прогресивни млади архитекти, кои во 1970 година го градат објектот, кој денес е постојан дом за музејот.
Во таква една атмосфера на транснационална соработка и ентузијазам, преставена во извештајот на ООН од 1966 година под наслов „Скопје воскреснува“ (Skopje, Resurgent), МСУ развива и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства. „Скопје, одново“ ќе изложи и дел од архивскиот материјал кој сведочи за оваа важна позиција на МСУ – Скопје во тоа време. Со поттикнување на исклучителна отвореност и колаборативно работење, колекцијата и програмата на МСУ Скопје во 60тите, 70тите и 80тите сведочи за едно радикално космополитско, транснационално наследство на социјалистичка југоисточна Европа.
„Скопје, одново“ ќе понуди и отворена јавна програма која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и различните аспекти на изложените дела и архиви.
Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њу Јорк – МоМА), програмата за уметничка критика со Кет Хариман (новинарка од САД која пишува за медиуми како Vice, Cultured), визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев, а дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков.
Постановката во Скопје ќе биде отворена се до 18 февруари следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.