Сѐ уште сум си најверната пријателка, велеше актерката Билјана Беличанец, најмладиот дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности. Брзаше, прескокнуваше одделенија во основно и во средно училиште, секаде иташе да стигне прва, и дипломирраше на 20 години. Посакуваше голема филмска улога и велеше дека ќе биде трпелива, макар и тоа да се случи на крајот на нејзината кариера.
Лесно е да излезеш на крај со емоциите, ако „личната карта“ на ликовите е јасно разработена и дефинирана уште во самиот процес на градење. Само во таков случај би можело да се избегне самоповторувањето или препознавањето на еден лик во друг. Секако, како што секоја претстава се разликува една од друга, поради многу сегменти, така би требало да се двојат и самите ликови. Секако е потребна и извесна доза на моќ и на умеење на трансформација. Но, колку и да сакаме да побегнеме од себе, не е возможно. Некаде ќе се наѕирне јадрото, па ќе ме насетите самата мене, велеше Алексиќ во интервју за неделникот „Република“ кое беше објавено во 2013 година.
Интервјуто во Неделникот „Република“ беше објавено по нејзината игра во претставата „Генетика на кучињата“ каде што беше оправдано да ги собере наградите за најдобра женска улога. Душевниот пустош на Сара Глембај пресликан преку феноменалната улога на Билјана Беличанец – Алексиќ ве остава без зборови. Неминовно, на крајот најголемиот аплауз публиката ѝ го посветува токму на неа, на актерката што избегнувајќи ги познатите шаблони на играње пијанство и лудило успева да нѐ внесе во целата таа „игра“ и притоа за момент да заборавиме дека сѐ е само глума на еден феноменален артист. И кога ќе помислите дека го постигнале врвот во својата кариера, актерите од рангот на Беличанец – Алексиќ ти покажуваат дека до врвот има уште многу. „Стоби“ и „Охридско лето“ имаа можност да ја запознаат Ифигенија од Македонија, а сега таа чест ја имаат и скопските театарски обожаватели доколку ја погледнат „Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот“. А, ова е само еден дел од тоа што следува со енергичната Билјана Беличанец – Алексиќ.
Најмлад дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности. Како успеавте да дипломирате на 19–20 години?
Беличанец: Дипломирав на тукушто навршени дваесет години. Најверојатно, тоа се должи на моето животно темпо, кое е ете, од некои причини, позабрзано. Најверојатно мојот личен песочен часовник истекува така…
Прилепската сцена, Ваш прв избор…
Беличанец: Како и секој млад актер, полн со ентузијазам, верба, сила, потреба за докажување, потреба за самопотврдување, потреба за самоосознавање, потреба за реализирање, истражување, така и јас, во тоа време, пред речиси деветнаесет години, шансата за себе ја видов токму во прилепскиот театар. Еден мошне храбар чекор, полн со неизвесност за тоа моето „утре“ во која насока ќе се придвижи од тука натаму. Благодарение на топлиот прием на тамошниот ансамбл, приспособувањето беше брзо, неосетно.Тоа беа години во кои покрај професијата, научив многу и за себе самата. Се запознав себеси и еве, сѐ уште сум си најверната пријателка.
Која е Ифигенија од Македонија? (Архелаос или Ервипид се враќа на Балканот)
Беличанец: Секоја жена, која умее да чека, која умее да сака, да мечтае, секоја таа што е во потрага по правдината и чесноста, таа што дочекува и испраќа, таа што се радува, а длабоко во душата тагува, таа што се надева. Таа што принесувајќи жртва се жртвува себе за навек. Таа е мојата Ифигенија…
„Вртелешка“ -две премиери во еден месец, во двете Вие.
Беличанец: „Вртелешка“ е интересен проект сам по себе зашто има многу интересен концепт.Тоа ќе е претстава во која се забележуваат различни режисерски гледишта, пред сѐ, на машко-женските принципи и на нивните меѓусебни релации во дадени ситуации и различен контекст. Различен пристап и естетски решенија на пет млади режисери, тукушто дипломирани. Тоа е претстава која предизвика интерес, посебно кај младата популација.
Како успевате да излезете на крај со тие различни емоции, кои треба да ги прикажете на сцената?
Беличанец: Лесно е да излезеш на крај со емоциите, ако „личната карта“ на ликовите е јасно разработена и дефинирана уште во самиот процес на градење. Само во таков случај би можело да се избегне самоповторувањето или препознавањето на еден лик во друг. Секако, како што секоја претстава се разликува една од друга, поради многу сегменти, така би требало да се двојат и самите ликови. Секако е потребна и извесна доза на моќ и на умеење на трансформација. Но, колку и да сакаме да побегнеме од себе, не е возможно. Некаде ќе се наѕирне јадрото, па ќе ме насетите самата мене.
„Генетика на кучињата“, претстава за која сте наградена. Што значи за Вас наградата на „Војдан Чернодрински“?
Беличанец: Пред сѐ, за мене многу значи улогата на Сара, која ја толкувам. Секако, самата претстава „Генетика на кучињата“, нејзиниот автор проф. Венко Андоновски и нејзиниот режисер Дејан Пројковски. Како и самата актерска екипа, во која на мое задоволство имам лични партнери како Дејан Лилиќ, Рубенс, Дац… Процес што ќе се памети поради многу креативна енергија на исклучително моќни актери, на исклучителни личности. И токму во ваков контекст, кога ќе ве стаса награда за сработеното, верувајте, задоволството е огромно. Доаѓа како мевлем за сите рани.
Имате одбиено да примите една награда на овој фестивал – за најдобар млад актер?
Беличанец: Мојата импулсивна страна на карактерот и необјаснивата храброст во тоа време, што можеше да донесе, ако не пркос? Во животов му пркосев на времето, пркосев на просторот, средината, пркосев сама на себе, зошто не и на чинот- наградена. Ја донесов на сцена Медеја, зошто не и Медеина одлука, која како меч со две острила бев подготвена да ме шибне низ времето. Тоа беше една од моите животни пресвртници. Чин, кој од оваа временска дистанца, ако сѐ уште провоцира да се говори за него, значи дека се памети. А, во оваа професија, која е осудена да е „уметност на мигот“, најважно е да си запаметен. Еве, јас вака си се правдам и ќе си дозволам да дадам некое семантичко значење на одлуката. (хахаха)
Не само актерите, веќе и љубителите на театарот можат да претпостават кај кој режисер кои актерски имиња ќе се појават. Зошто е тоа така?
Беличанец: Најверојатно таа истата што важи секаде кога е во прашање колективна работа „тимот што победува не се менува“ или „луѓето со кои најлесно се разбираш,сакаш да се до тебе, со тебе“ или „тоа што го сакам, очекувам, барам, ќе го добијам од тие што најдобро ме познаваат, од тие што најдобро ги познавам“. Претпоставувам дека кога еден режисер чита, разработува едно драмско дело, уште на почеток препознава во репликите некој актер во некој лик. Ова за мене е најоправданото толкување, кога станува збор за поделба. Колку и да мислиме за себе дека можеме сѐ, тој од спроти што нѐ избира (режисерот) е тој што донесува одлуки кој колку му е потребен. И сѐ е во име на успехот на самата претстава. Па, вака гледано, тоа и не е некој грев, нели?
Со кој македонски режисер не би соработувале?
Беличанец: Сум соработувала со повеќето од нив, како од таа генерација на режисери што се директни втемелувачи на современата театарска македонска историја, до новите млади режисерски сили, кои сериозно си го заземаат своето место во оваа фела. Секако, сум работела со странски режисери, со кои, пак, е предизвик непознатото во самиот почеток. Но, има и такви режисери, со кои сѐ уште сум немала среќа да работам, а искрено си посакувам. И, конечно, секоја соработка, со кој било од нив, за мене е како мала студија или школа, од која и во лошиот случај се учи многу. И сепак сметам дека не е тоа „режисер“ со кој не би сакала да работам, ама може да се случи, да не се согласам со концепт, идеја, задача…
И по веќе 18 години на театарската сцена, Ве немана филмското платно, барем не со некоја поголема, главна улога. Се чини најдобрите театарски актери немаат среќа на големото платно, барем не во земјава. Која е причината. Вие немате желба или?
Беличанец: А, па не стојат баш така работите. Јас, пак, мислам дека сите актери што се нашле на македонското филмско платно досега, а посебно изминативе години, како што беа плодни во македонската кинематографијата, се на вистинското место со апсолутен квалитет. Баш како најдобрите актери за задачите што им беа дадени. Само, им забележувам на две работи. Првата: дека не секогаш се зачувува принципот на избор, па така и не секој од нас е во рамноправана позиција да добие можност. И вторатa: ретко кој од нашите филмски режисери посетува театарски претстави, речиси и не посетува! Како што е и практика, на повеќето театарски режисери, кои меѓу себе не си ги гледаат претставите. А, за жал, тука најмногу губат актерите. Претставите, се најверната можност за некој да биде виден, до каде стасал, која нова страна самиот актер ја отворил и дал од себе, во која креативна фаза е, колку е подложен на трансформации, како физички, така и емотивни. Да, театарската сцена е како голем сад со разновидно овошје, кои некои одбиваат дури и да го видат, а не, пак, да нѐ вкусат. Значи, далеку сум јас од таа позиција да одбивам или да немам желба, туку, напротив, до сега воопшто не ми се укажала можност. Но, надежта постои дека и јас ќе имам сереќа еден сончев ден, па дури и да е на залезот мој.
Ќе оди ли Лука по стапките на мама? Веќе работеше на натсинхронизација. Што би бил Вашиот совет доколку изрази желба да студира актерска игра.
Беличанец: Приказната на син ми Лука да заплива во оваа вода е сосема случајна. И тој наивен пристап, без давање на некоја посебна тежина на сета реакција што се предизвика од тоа што го сработи, за што тој и не е свесен, а тоа е добро, ќе се обидам колку што можам да го задржам, одолжам. Сепак е дете, кое, пред сѐ, самото треба да си даде слобода на избор уште на многу, многу за него непознати полиња каде што би можел да се пронајде и реализира самиот. Да, се гордеам со него и со сработено, слободно ќе речам и нема да претерам дека е пандан на сите нас професионалните актери. Тие што вистински ме познаваат знаат дека, пред сѐ сум многу самокритична и дека секогаш сметам дека сум можела лично и многу повеќе. Но, во случајов за Лука, со чисто срце и душа велам дека е добро сработено. И на крај, тоа што ова случајно сега го стигна, не значи дека утре не ќе е намерен избор. И јас тука не гледам како би можела да му застанам на патот и да го спречам. Јас не сум го доживеала тоа од моите родители, чуму па јас да се дрзнам. И ќе помагам со својот пример на професионалност, како што мене мојот татко Симон ми беше најдобриот пример.
ИНТЕРВЈУА 22.01.2013 15:24 | Република Online
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.