„Зи-Зи (топ)“, „Ван Гог“, „Круг“, „Сабвеј“. Сале Арарат, Зоки Панкер („Балет“), Роки, Силва и Ѓоко, Соња Андерграунд, Деко, Панде (МКЦ), Миле и Драги („Пони“ и „Браво“) , Реџеп Пампур Ружниот, Рокабилите, Ситна, „Океан Пацифик“, Замокот во Црниче, Коцка, …Тоа се луѓето, местата, феномените кои Васко Марковски ги опиша во „Урбани легенди“, книгата која во издание на „Бегемот“ ќе биде промовирана во недела на 27 јануари во Кино Култура (20,30 часот) на завршната вечер од книжевниот фестивал „Арт Ареа 2“.
Васко Марковски е новинар, фотограф, преведувач, туристички водич, но и хроничар на Скопје, град во кој сè уште убаво се живее. Иако сме ги читале неговите легенди во неделникот „Форум“, секој петок, во период од 2010 до 2011 година, сега, која ја имаме книгата во раце одново откриваме еден нов свет и ни се враќа насмевката на лицето. Па посакуваме да одиме до пазарот во Тафталиџе да провериме дали Сале Арарат уште е таму и поправа чевли, бидејќи Сале е институција! Или пак веднаш добиваме желба да го чуеме Роки како пее како вокалист на „Women Haters” или пак на „Blue Funky Individuals“ и на сите свирки на кои сме биле. Добиваме и желба да се чекаме со некого на „Рекорд“, под второто „Р“ или кај чешмичката. Во книгата на Марковски во уши ти свири музиката на „Океан пацифик“, ги слушаш како свират Канго и Сецко и си викаш: Вечерта ќе ја завршам во „Балет“.
Книгата содржи приказни за 50-тина урбани легенди, главно од Скопје, но и од Охрид, Струга, Битола и хронолошки тие опфаќаат период од педесетина години, од катастрофалниот земјотрес на Скопје во 1963 година па до денес.
„Урбани легенди“ по многу нешта е вредно и необично остварување во доменот на нашата хроничарска литература, вели „авторитетот“ Данило Коцевски за книгата на Васко Марковски, која неодамна излезе од печат. Васко, дали ти се сметаш себеси за хроничар на Скопје?
Марковски: Мислам дека хроничари на градот сме сите ние, секој на свој начин. Речиси не познавам човек кој на различни начини не се обидува да сочува дел од минатото, за да го пренесе на генерациите што доаѓаат. Познаваме најразлични колекционери, на материјални и нематеријални нешта што нè потсетуваат на времињата што низ животот ни биле возбудливи и ни создавале заедничка меморија. Тоа што прави кон нечие име да се припише зборот „хроничар“ е кога колекцијата „меморабилии“ ќе решиме да ја споделиме на опиплив начин со нашите соврменици и во некакво пакување што ќе ја надживее нашата генерација да им стане достапна и на љубопитниците од следните генерации.
Како меѓу вестите, извештаите, интервјуата кои ги објавуваше како новинар во повеќе редакции, „влета“ и репортажата, кога се знае дека е таа најмалку негуван жанр во македонските медиуми бидејќи бара многу сенс за раскажување, трпение за детали, опишување…
Марковски: Личниот предизвик, веројатно тлеел во мене уште од првите средби со печатените медиуми. Некаде низ шкафовите во станот сè уште постојат папки со исечоци зачувани од некогашните дневни весници, како дел од архивите поради кои жена ми би сакала да ме исели. Таму некаде е и колекцијата изданија од списанието Skylife на турската национална авиокомпанија, кои уште толку ми ја подгреваа желбата, за време на студиите по турски јазик и книжевност. Возбудата ја правеа уште поголема и телевизиските патеписи на Љубе Цветановски и, особено, радиските репортажи на Марко Арсовски, со кого подоцна имав чест да работам во Македонското радио. Таквиот порив, многу убаво го забележал Зоран Бојаровски, некогашниот уредник на неделникот „Форум“, кој ме покани да се придружам на тимот, за набргу да ми ја соопшти идејата за патувачкиот серијал „Непозната Македонија“. Така почна сè. Да се застане зад редовен серијал репортажи во редакциите најчесто се смета за скапа идеја. „Форум“ беше и ќе остане запаметен како една од ретките пост-НИП-овски редакции што имаа храброст да застанат таков проект.
Овие урбани легенди првпат беа објавени во неделникот „Форум“. Од каде идејата да се соберат на едно место, во книга?
Марковски: Животот понекогаш ни носи предизвици кои отпрвин ги доживуваме како наметнато оттргнување од идеи на кои посветено сме работеле и прават да се чувствуваме реализирани. Така некако почна и прикзната за серијалот текстови „Урбани легенди“. Идејата да ги соберам на едно место, во книга, ја сугерираа читателите, во своите реакции на социјалните мрежи, тековно, додека се создаваше серијалот. Иницијативата за објавување во форма на монографија дојде од издавачката куќа „Бегемот“, чии уредници знаеја за ракописот и предложија „Урбани легенди“ да биде првото издание од новата едиција „Плочка“.
За кога е закажена и како е замислена официјалната промоција на книгата?
Марковски: Разновидноста на личностите и местата од приказните прават да размислувам за два промотивни настани: еден пред книжевната и еден пред пошироката публика, со настан на отворено на неколку локации во градот. Првиот настан ќе се случи в недела (27 јануари, 21:00), на завршната вечер од книжевниот фестивал „Арт Ареа 2“, зад кој стои издавачката куќа „Бегемот“, во легендарниот простор „Кино Култура“ во Скопје. За време на Фестивалот (25-27 јануари) „легендите“ ќе бидат достапни по саемска цена, заедно со изданијата на десет македонски издавачки куќи. Трите фестивалски денови ќе понудат изложби на фотографии и графички дизајн, проекции на документарни филмови, промоција на нови изданија и неколку концерти. Крешчендото, веднаш по промоцијата, е резервирано за „Летечки пекинезери“, еден од веќе легендарните бендови на денешно Скопје.
Кој дел од создавањето на „Урбани легенди“ беше најтежок? Да се најдат соговорниците, да се преслушаат снимките од диктафонот и потоа сето тоа да се напише на една страничка во „Форум“? Што да се исфрли, како да се илустрира?
Марковски: Во различни моменти, секое од наведените сценарија. Времето за нова приказна секогаш беше кусо, делумно и затоа што сум – признавам! – влечко, но се случуваа и непредвидени работи. Соговорник да ти откаже во последен момент, илустрацијата што е клучна да не стигне на време – пред алармот за затворање на приказната, или, личноста што треба да е портретирана, и покрај првичната согласност и „лобирањата“ од сите можни страни, да ти откаже на дотовореното место во догорвореното време. Најтешкиот дел, сепак, беше како да се напише приказната: како да се постави лидот, како – драматургијата на приказната, колку од што да отсечеш. Паталците знаат, многу исцрпувачки. Во пет наутро те будат нови идеи.. како да почнеш, што каде да стокмиш, знаејќи дека некаде околу пладне колегите од графичката станица во процесот ќе сакаат да те утепаат – никако да сфатат низ каква лична борба поминуваш!
Освен што ги напиша урбаните легенди, на колку од нив беше и фотограф?
Марковски: Најголемиот дел од приказните, со исклучок на приказаната за автобусот „Лејланд“ и приказните каде што користевме фотографии што ни беа отстапени, беа фотографирани од фоторепортерите на „Форум“. Речиси во истиот период се разви и мојата нова љубов кон аналогните фотоапарати, така што голем дел од епизодите беа паралелно фотографирани и аналогно. Форматот на книгата отвори можност приказните да бидат илустрирани со повеќе фотографии, што отвори простор како илустрација да бидат вметнати и дел од моите фотографии, настанати во истиот период.
За нас кои сме биле сведоци на дел од местата за кои пишуваш, сме се дружеле со урбаните легенди, оваа книга е потсетување дека сме растеле и сме излегле на вистинскиот пат. Кој пат да го „фатат“ идните генерации?
Марковски: Како и да се обидам да одговорам на ова прашање, сфаќам дека одговорот ме носи во еден стих од „Као какао“ на Леб и сол, кој ја опишува скептичноста на повозрасните генерации кон вредностите и идеалите на новите генерации: „Starci, kao, mudruju“. И самиот сум родител и, да, се фаќам и себеси често како нешто си мрчам пред носот за постапките на новите генерации. Но, ми се чини, истово им се случувало и на родителите на личностите што се портретирани во „Урбани легенди“, на родителите чии деца ги создавале местата на кои денес си споменуваме како „легендарни“. Патот ќе си го најдат, и без нас, ич не се сомневам. Би сакал да го дочекам моментот кога ќе можам да си купам книга во која се овековечени нивните херои, култни места и феномени на урбаното живеење.
Во 2011 година ја доби наградата за најдобар промотор на Македонија за серијалот „Непозната Македонија“, пишуваш хаику и хабуни, читаш своја поезија на „Астални проекции“, свириш на мандолина, преведуваш, а работиш и како туристички водич. Сигурно оттаму се раѓаат нови приказни кои допрва треба да бидат напишани?
Марковски: Новите приказни се насекаде. Разните форми се само посегање по некоја подзаборавена играчка на дете што сака да си игра. Новото време ни носи нови алатки за документирање и можност да експериментираме и да се искажеме со форми што претходно ни биле непознати и недостапни. Работењето како туристички водич отвора еден сосема нов хроизонт на набљудување на градот, имајќи можност да ги слушнам доживувањата и љубопитноста на луѓе дојдени од најразлични краишта на светот, со бескрајно интересни животни искуства и преокупации. Да сме здрави и живи!
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Портрет фотографијата е на Ивана Кузмановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.