В петок, на 8 ноември (21 часот) во киното „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ) во рамките на 18. Фестивал на европски филм „Синедејс“ премиерно ќе биде прикажан музичкиот документарен филм „Небеска тема“, чиј режисер и сценарист е Младен Матичевиќ. Филмот  е посветен на животот и музиката на музичарот Влада Дивљан, кој почина пред четири години.

На скопската премиера во „Фросина“ ќе има гости од филмот и концерт на групата „Звук улице“ – неговиот прв бенд, пред „Идоли“. Премиерата ќе биде придружена со изложбата „Влада“ на фотографката Горанка Матиќ, која ја следела неговата кариера.

Премиерата на „Небеска тема“ се одржа на 10 мај годинава во Белград на денот кога беше роден Дивљан, а оттогаш филмот се прикажува на просторите на поранешна Југославија.

Авторското дело на Матиќевиќ е еден вид хибрид, бидејќи го спојува играниот и документарен филм и содржи сè она што го работел Дивљан. За работата на Дивљан говорат многу значајни музичари и други автори. Дивљан беше еден од најголемите кантавтори не само во Србија, туку и на просторите на поранешна Југославија и претставуваше една од најдобрите вредности на поп-културата.

Младен Матичевиќ

Иако во основа „Небеска тема“ е биографски филм, тој се занимава со емотивната биографија и нашиот емотивен однос кон него, вели во интервју за „Република“ режисерот Матичевиќ.

Во петок, во Скопје е закажана премиерата на Вашиот документарен филм „Небеска тема“, снимен за големиот музичар Влада Дивљан. Дали знаете дека е веќе распродадена?

МАТИЧЕВИЌ: Не знаев досега, но оваа информација многу ме радува. Јас веќе имам искуство со филмот кој предизвикува големо интересирање во регионот. Ова е супер вест и многу ми е драго што и во Скопје се нестрпливи да го видат филмот за Дивљан.

Додека го снимавте овој филм, дали расмислувавте како тој ќе биде прифатен?

МАТИЧЕВИЌ: Кога работите филм за некого кого луѓето многу го сакаа и кој на некој начин им е икона или е препознатливо лице, односно препознатлива референца по која сите се сеќаваме на својата младост и на минатото поминато во сега веќе поранешната заедничка земја, секогаш постои голема одговорност кога некој ќе реши да сними таков филм. Решив да снимам таков филм затоа што сметав и сè уште сметам дека Дивљан е голема личност која јас многу ја сакав. Чувствував голема одговорност како луѓето ќе го прифатат филмот. Влада, на сите нас ни е дел од една колективна меморија. Сега сум многу задоволен, затоа што ми се чини дека во целиот регион, оној кој го нарекуваме поранешна земја, сите кои го гледаа филмот го доживуваат со многу емоции. Многу ми е драго поради тоа.

Дали тоа значи дека „Небеска тема“ е длабоко интимен филм?

МАТИЧЕВИЌ: „Небеска тема“ секако е длабоко интимен филм не толку поради фактот дека јас многу го сакав Влада, иако и тоа е една од причините, туку и поради тоа што сите луѓе кои се појавуваат во филмот имале и сè уште имаат длабоко емотивен однос кон него. Кога се обидував да им објаснам на луѓето каков е филмот и што се обидува да покаже, односно на кое прашање да одговори, зборував дека тоа е филм кој се обидува да открие кој бил тој човек кого сите толку многу го сакавме и зошто го сакавме. Иако во основа „Небеска тема“ е биографски филм, тој се занимава со емотивната биографија и нашиот емотивен однос кон него.

Влада Дивљан беше најголемиот господин на рокенролот. На генерациите кои пораснаа со неговата музика тоа им е јасно. Но, дали тоа им е јасно на новите генерации, откако ќе го гледаат филмот за него?

МАТИЧЕВИЌ: Тоа е многу тешко прашање. Ние ја имавме таа музика во тоа време и таа ни значеше најмногу на светот. Веројатно и денешните генерации имаат своја музика. Знам дека младите кои го гледаа филмот за Дивљан, почнаа да ја истражуваат неговата музика. И не само неговата, туку и на другите музичари кои ги има во филмот: Рундек, Гиле, Бајага, Која…Филмот, на некој начин влијае и на младите, иако, се разбира ова е филм кој досега најмногу го гледаа гледачи од средната генерација.

Во „Небеска тема“ гостуваат музичарите Дарко Рундек, Момчило Бајагиќ Бајага, Срѓан Гојковиќ Гиле, Душан Којиќ Која, членови на групата „Љетно кино“, актерот Светозар Цветковиќ…Дали има некои анегдоти поврзани со нив и со снимањето на филмот?

МАТИЧЕВИЌ: Се случуваа милион работи за време на снимањето. Но, она што е најважно е тоа дека сите музичари, инаку големи ѕвезди, никој друг освен Дивљан не можеше да ги собере во еден филм. Не беше лесно да се сними филмот. Но, сите веднаш прифатија, без ниту еден услов, да учестуваат во снимањето на филмот. На снимањето беа дисциплинирани како војници. Инаку, тоа се ѕвезди кои имаат и свој поглед на свет, свое его, но сето тоа го поттиснаа во име на љубовта кон Дивљан. Се однесуваа најпрофесионално за време на снимањето на филмот и така ја покажаа својата љубов кон големиот музичар. За овој однос кон снимањето е заслужен Дивљан, а не јас.

Влада Дивљан

Дали по проекциите на филмот ви приоѓаа гледачи да ви се заблагодарат што го снимивте овој музички документарен филм?

МАТИЧЕВИЌ: Луѓе доаѓаат, ми приоѓаат и тука станува збор за многу емоции. Луѓето се многу емотивни кога станува збор за „Небеска тема“, веројатно поради филмот, поради судбината на Дивљан, а по малку и поради сопствените животи. Филмот е на едан начин приказна за сите наши животи кои почнаа со таа негова прекрасна музика и сега сето тоа се претвори еден полу-хорор кој секој го преживува на свој начин. Таа емоција која луѓето ја имаат кон Дивљан и неговата музика е чистиот дел од нашиот живот. Мислам дека затоа им е драго на луѓето што постои филмот. Затоа и приоѓаат.

Каков е планот за дистрибуција на „Небеска тема“ во Македонија, по премиерата на „Синедејс“?

МАТИЧЕВИЌ: Се надеваме дека ќе имаме еден вид кино-дистрибуција во Македонија. Ќе разговараме и со организаторот на „Синедејс“ и тие малку да ни помогнат. Се разбира, јас сакам, што е можно повеќе гледачи да го гледаат филмот за Дивљан. Знам дека тој многу сакаше да доаѓа во Скопје. Јас ќе бидам во Скопје во петок, заедно со Зденко Колар и сите сме нестрпливи да видиме како ќе реагира публиката во Скопје.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.