Секој 16 јуни обожавателите на Џемс Џојс го слават Блумсдеј, денот во кој се случуваат сите настани во „Улис“, најпознатото дело на ирскиот книжевен великан. На денот на прославата на Блумсдеј луѓето низ целиот свет се маскираат во ликовите од книгата, облекувајќи се како нив, шетаат низ Даблин и појадуваат џигер во презла, она што го јадел главниот лик во „Улис“ Леополд Блум.
Марија Гиревска, професор на Богословскиот факултет, магистер по теологија, а магистрирала и докторирала и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје е една од ретките личности од Македонија што го слави 16 јуни – Блумсдеј. За нејзиниот превод на „Улис“ во 2013 година таа ја доби наградата за најдобар превод „Златно перо“, а книгата доживеа и трето издание кај издавачот „Полица“.
Поради пандемијата со ковид-19, оваа година одбележувањето на Блумсдеј е преку онлајн настани на повеќе платформи, па од Блумсдеј, стана Зумздеј, вели на шега Гиревска.
Спроед неа, ситуацијата со Ковид19 е предизвик за сите нас, за целото човештво.
Но, академската заедница на глобално ниво направи напор да се прослави Џојсовиот ден Блумсдеј на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Јутуб, Инстаграм и Саундклауд). Драго ми е што се одзваа на мојата покана и иако секој е во својот дом, ние сме сепак сите обединети и заедно денес, вели Гиревска во интервју за „Република“.
Изминатите денови Вие ги поканивте најзначајните преведувачи на „Улис“ да испратат снимки во кои ги читаат омилените делови од книгата на Џојс и ги објавувате на Вашиот профил на Фејсбук. Колкумина преведувачи се вклучени?
ГИРЕВСКА: Вклучени се вкупно 11 преведувачи на Џојс на 10 јазици: Каетано Галиндо (Caetano Galindo) и Џирси Ваутрик ду Амаренќи (Dirce Waltrick Do Amarante) од Бразил на португалски, Енрико Теринони (Enrico Terrinoni) од Италија, Армаан Екиџи (Armagan Ekici) на турски, Акрам Педрамниа (Akram Pedramnia) од Иран/Канада на персиски, Јоланта Вавжицка (Jolanta Wawrzycka) на полски, Нава Мукерји (Nawa Mukerji) на курдски, Тамар Гелашвили (Tamar Gelashvili) на грузиски, Ерик Биндервоет (Erik Bindervoet) на холандски, Давјола Ндоја (Davjola Ndoja) на албански и јас на македонски).
Кој друг, освен преведувачи, се вклучени во одбележувањето на Блумсдеј?
ГИРЕВСКА: Писатели, поети и Џојсовци од земјава и од странство. А Наташа Мијатовиќ Мијата изведува и песна од романот (My Girl’s a Yorkshire Girl). Секој од нив чита свое омилено парче од „Улис“. Вкупно 70 видеа (63 од оваа година со дополнителни 7 од минатите години) распоредени според 18-те епизоди во „Улис“ на 21 јазик (англиски, македонски, италијански, француски, португалски, шпански, турски, германски, полски, арапски, персиски, бугарски, српски, хрватски, алабански, шведски, грузиски, курдски, руски, холандски и јапонски).
Кои македонски автори се вклучија во читањето на омилените делови од „Улис“?
ГИРЕВСКА: Лидија Капушевска Дракулевска, Соња Стојменска-Елзесер, Димитрие Дурацовски, Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски, Иван Шопов, Николина Андова Шопова, Александра Јуруковска, Наташа Атанасова, Ивана Трајаноска, Марија Атанасковиќ, Ацо Гогов, Татјана Срцева-Павловска, Мерсиха Исмајлоска, Ана Јовковска и секако, тука се и кратките видеа што ги направив во 2014 година со Влада Урошевиќ, Митко Маџунков, Драги Михајловски и Зоран Анчевски.
Вие го преведовте ова книжевно ремек-дело. Кој е Вашиот омилен дел од „Улис“?
ГИРЕВСКА: Тешко е да се издвои омилено парче од „Улис“ затоа што станува збор за Џејмс Џојс, мајстор на зборот и изразот, но веројатно ми е посебно драга седумнаесеттата епизода „Итака“ напишана катехезиски во прашања и одговори, епизода што Џојс ја напишал последна а ја поместил претпоследна во романот. Џојс ја нарекува „грдото пајче“ во едно од своите писма и додава дека и нему му е омилена.
На денот на прославата на Блумсдеј луѓето се маскираа во ликовите од книгата, облекувајќи се како нив, шетаа низ Даблин и појадуваа она што го јадел главниот лик во „Улис“ Леополд Блум. Како ќе се одбележи овој 16 јуни со оглед на пандемијата со ковид-19?
ГИРЕВСКА: Во моментов поради пандемијата Блумсдеј се прославува со органзирање онлајн настани: директни онлајн читања преку различни платформи, најчесто преку Zoom (Зум), па оттаму и шегата Зумздеј (Zoomsday) наместо Блумсдеј (Bloomsday) или, пак, со споделување кратки видеа во кои се чита секоја епизода од „Улис“. Годинешниов симпозиум за Џојс, што требаше да се одржи токму деновиве во Трст, и каде што требаше да присуствувам со свој труд, поради пандемијата се одложи за догодина и воопшто сите други настани околу Џојс и летните школи и семинари за Џојс се одложени за во иднина.
Вие го преведовте ова огромно книжевно дело кај нас. Од каде желбата за превод, токму на „Улис“?
ГИРЕВСКА: Да се преведе Џојс, односно „Улис“ на кој било јазик е голем предизвик бидејќи секоја епизода (поглавје) ја менува својата техника на раскажување, перспектива, стил и јазик.
Но, кога се преведува и омилен автор тогаш предизвикот е задоволство и уживање. Џојс е одличен учител за тоа како да се постапува во книжевниот превод. Преводот на Џојс ме научи како да го читам Џојс или кој било друг по него; преведувачот секогаш се стреми кон тоа да биде највнимателниот читател. Се повинував да зборообразувам нови зборови затоа што оригиналот тоа ми го наложуваше. Преведувачот презема ризици затоа што и Џојс преземал ризици. Вајнбергер вели дека сè што е вредно за превод треба да се преведува што е можно повеќе пати, дури и од истиот преведувач, бидејќи никогаш не можете да стапнете во истиот оригинал двапати. Во крајна линија, кога преведувачот се соочува со одреден „непреводлив“ израз и кога ќе ги исцрпи сите други ресурси, неопходно е да делува согласно својата интиуција, интуиција што ја има во себе како читател и како човек, затоа што книжевниот превод е пред сè, човечен, бидејќи секогаш на делото му пристапувате со „љубов и во детаљ“, како што препорачуваат Валтер Бенјамин и Драги Михајловски.
Се чита ли Џојс кај нас? Има ли интересирање за него, посебно сега откако е излезен преводот на „Улис“?
ГИРЕВСКА: Од 2013 година до денес „Улис“ се отпечати три пати кај истиот издавач „Полица“ и мислам дека одзивот е одличен со оглед на тоа дека ние сме мала земја и имаме недоволен број на читатели. А Џојс не е обичен автор и од читателот ја бара истата посветеност каква што е неговата при пишувањето на овој роман. Романот го пишувал цели седум години со неколкукратни ревизии и коректури на ракописот. Досега македонскиот „Улис“ го имам доставено во Фондаџиите за Џојс во Цирих и Рим, на Летната школа за Џојс во Трст, Музејот за ирска литература и кај десетина странски колекционери на „Улис“. Убава вест е дека неодамна, токму минатата недела, бев назначена за раководител на новоотворениот македонски центар за ирски студии како дел од мрежата на Европската фондација на асоцијации и центри за ирски студии (EFACIS) и очекувам да се развие одлична соработка со другите центри од оваа мрежа во приближување на ирската литература, музика и уметност со македонската.
Може ли да ни ја опишете Џојсовската заедница? Како таа функционира?
ГИРЕВСКА: Џојсовската заедница е многубројна и неверојатно срдечна. Таа не познава возраст, раса или националност, а преведувачите на Џојсовите дела се уважуваат со посебно внимание. Меѓународниот симпозиум за Џејмс Џојс се организира секоја година околу Блумсдеј преку Меѓународната фондација за Џејмс Џојс (Универзитет Тулса, САД) и на него присуствуваат над двесте учесници, сите членови на фондацијата, која, секако, си има свој истражувачки центар, свој весник и свои публикации како што е James Joyce Quarterly (Џејмс Џојс Квартерли), на пример, во кој се објавуваат најдобрите современи есеи за Џојс. Меѓутоа, исто така, тука се и другите фондации и школи за Џојс: Фондацијата Џејмс Џојс од Цирих (Швајцарија), Италијанската фондација Џејмс Џојс од Рим (Италија), Летните школи за Џојс во Трст (Италија) и Даблин (Ирска), Центарот Џејмс Џојс од Даблин (Ирска), Музејот на ирската литература (МОЛИ / Museum of Literature Ireland – MoLI), Универзитет во Даблин и Центарот за манускриптна генетика при Универзитетот во Антверпен (Белгија) и, секако, Европската фондација на асоцијации и центри за ирски студии. Меѓутоа, годинава, сите сме во карантин, и сите ја чувствуваат големата промена што настана последниве месеци. Ситуацијата со Ковид19 е предизвик за сите нас, за целото човештво. Но, академската заедница на глобално ниво направи напор да се прослави Џојсовиот ден Блумсдеј на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Јутуб, Инстаграм и Саундклауд). Драго ми е што се одзваа на мојата покана и иако секој е во својот дом, ние сме сепак сите обединети и заедно денес.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.