Литературата секогаш е во корелација со дилемите и прашања на времето во кое се создава. Сигурен сум дека ќе има писатели кои во своите дела ќе се обидат да одговорат што овој нов начин на живот значи за нас, како нѐ смени, до кои позиции го донесе човештвото? Секако, тоа не се едноставни прашања, а добрата литература никогаш не дава едноставни одговори, вели писателот Владимир Јанковски во разговор за „Република“.

Повод за разговор со Јанковски беше неговиот последен роман „Скриени желби, немирни патувања“ во издание на „Антолог“, но неминовно беше да се разговора и за коронакризата, бугарските ставови за Македонија, бугаските писатели, преводите.

Преводот на бугарските книжевни дела на македонски, како и преводот на македонските книжевни дела на бугарски јазик, се процеси слични како преведувањето на кои било дела од македонски на некој странски јазик или обратно. Ова го кажувам и од лично искуство, затоа што сум уредил повеќе од десет преводи на книжевни дела од бугарски на македонски јазик. И во тие преводи имало исто толку уредничка работа како и при други преводи. Дури за нијанса и повеќе, вели Јанковски.

Јанковски (1977 година) дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како уредник во повеќе издавачки куќи. За романот „Невидливи љубови“ ја добил наградата „Рациново признание“ и бил македонски кандидат за наградата „Балканика“.

Активно се занимава со книжевен превод. На македонски јазик превел книги од Дубравка Угрешиќ, Миљенко Јерговиќ, Јанис Јоневс, Маргарет Атвуд, Мухарем Баздуљ, Ијан Мекјуан, Џон Фанте, Ведрана Рудан, Горан Трибусон, Слободан Шнајдер, Милош Црњански, Филип К. Дик, Зоран Фериќ и други…

Ги објавил следниве книги: „Невидливи љубови“ (роман, 2015), „Вечно сегашно време“ (роман, 2010), „Лицата на невидливиот град“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеи, 2010), „Скопје со широко отворени очи“ (заедно со Иван Блажев, фото-есеј, 2008), „Огледало за загатката“ (2003, разговори со Влада Урошевиќ), „Скриени желби, немирни патувања“ (роман, 2020).

Вашиот нов роман „Скриени желби, немирни патувања“ претставува мешавина од приказни, преплетени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику моменти, филмски секвенци… Велите дека во литературата ве интересира односот меѓу големината на убавината на светот и различните човекови приказни, без разлика каде тие луѓе живеат?

ЈАНКОВСКИ: Да, меѓу многуте нешта што ме интересираат во литературата што ја пишувам, се наоѓа и односот меѓу „големината на убавината на светот и различните човекови приказни“… Тоа во „Скриени желби, немирни патувања“ се тематизира преку односот меѓу приказните за четирите ликови кои живеат во Скопје и пресекот на нивните животи со судбините и приказните на тие педесетина ликови од различни географски точки во светот. Светот е голем, но истовремено човековите приказни се повторуваат на различни точки од тој речиси бескраен свет. Колку космосот е бескраен, толку човекот повторливо се навраќа на некои основни егзистенцијални дилеми. Во романот ме интересираше тој однос меѓу микрокосмосот и макрокосмосот, меѓу малата индивидуална приказна што се одвива на некоја точка во светот и нејзината релација со големата приказна на светот што човештвото ја раскажува. Различните и оддалечените географски точки од нашиот свет како никогаш досега во човековата историја се доближени, па егзистенцијалните проблеми на еден човек од Скопје, Токио, Ванкувер и Најроби можат да бидат слични. Не велам дека местото на живеење и локалниот контекст не се важни, но мене ми беше интересно да истражувам како некои важни прашања поврзани со смислата на човековата егзистенција денес можат да бидат слични или исти за луѓе кои живеат оддалечени едни од други.

Многу писатели не се зафаќаат со теми од денешнината затоа што им е потребна дистанца, за да ги кажат нештата. Други пак влегуваат во огнот? Што мислите Вие?

ЈАНКОВСКИ: Мислам дека е клучно писателот да се занимава со темите што го окупираат времето во кое живее. Дури и тогаш кога некои писатели навидум се занимаваат со теми од минатото, тоа секогаш се книги кои повеќе зборуваат за времето во кое се создадени отколку за времето на кое тие книги се однесуваат. Мислам дека еден историски или метаисториски роман за XVIII век напишан во 2020 година многу повеќе зборува за 2020 година отколку за XVIII век.

Долго време ли го пишувавте романот?

ЈАНКОВСКИ: Секогаш ми е тешко да кажам колку време сум пишувал одреден роман. Затоа што пишувањето книга е пред сѐ живот со таа книга. Ја пишувам постојано – и додека сум пред компјутерот, и додека се движам низ градот, и додека патувам, и додека разговарам со луѓето, и додека ги правам сите оние нешта што го сочинуваат секојдневниот живот. Книгата многу често е еден вид сунѓер во кој се впива сето она што ќе го доживеам во еден ден, недела, месец. Поттици од надворешниот свет, случајно слушнат разговор на поминување, некоја средба која отишла во непредвидена насока. Сѐ што постои во искуството на тој период, некако си наоѓа свој живот во конкретната книга. А оние нешта што остануваат надвор од таа книга, ја чекаат следната книга. Од објавувањето на мојот претходен роман, „Невидливи љубови“, до објавувањето на „Скриени желби, немирни патувања“, поминаа пет години. Значи, временската рамка на книгата што може да се измери е пет години. Оваа книга е некаков плод на тие пет години живот од едната до другата книга. Дали е тоа долго или кратко? Не знам. Но, сакам кога при настанувањето на една книга поминува одредено време, време во кое јас се развивам како автор и човек, време во кое се менува и светот што ме опкружува, а сета таа промена и живот некако си наоѓаат свој живот и дом во напишаната книга.

Јанковски: Верувам дека добрата уметност секогаш е создавање на една дополнителна можност за тоа што е реалноста и каква таа може да биде

Што Вам ви надоместува пишувањето?

ЈАНКОВСКИ: Не сакам да размислувам за пишувањето како за надоместување на нешто. Пишувањето, како и читањето (тука го спомнувам читањето затоа што за мене овие две нешта се поврзани) се интензивен живот, интензивно искуство на пенетрирање во убавината и мистеријата на животот. И како такви се доволно силни, доволно животни за да не мора да надоместат ништо, да егзистираат сами по себе.

Можат ли писателите да ја сменат реалноста?

ЈАНКОВСКИ: Да, секако. Мене секоја добра книга што сум ја прочитал ми ја сменила мојата реалност. Верувам дека добрата уметност секогаш е создавање на една дополнителна можност за тоа што е реалноста и каква таа може да биде. Пред сликите на Пикасо луѓето не биле свесни дека реалноста што Пикасо ја создава на своите слики постои. А по него, таа реалност за огромен број луѓе е можна, жива, интензивна, привлечна. Исто реална како и некои други работи од нивното опкружување.

Има бугарски автори кои тврдат дека не можат лесно да ги преведат македонските писатели и поети. Тоа е најдобриот докоз дека јазиците ни се различни. Оттука, неминовно е прашањето за бугарските ставови кон Македонија. Што мислите вие за овие актуелни прашања?

ЈАНКОВСКИ: Секако дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Тука нема никаква дилема. Преводот на бугарските книжевни дела на македонски, како и преводот на македонските книжевни дела на бугарски јазик, се процеси слични како преведувањето на кои било дела од македонски на некој странски јазик или обратно. Ова го кажувам и од лично искуство, затоа што сум уредил повеќе од десет преводи на книжевни дела од бугарски на македонски јазик. И во тие преводи имало исто толку уредничка работа како и при други преводи. Дури за нијанса и повеќе, затоа што одредената блискост меѓу јазиците знае на моменти да излаже, да го понесе преведувачот дека можеби некоја текст е полесен за превод од тоа што навистина е. Во врска со „бугарските“ ставови за Македонија, сметам дека тоа се ставови на одредени политичари, историчари или мислители од Бугарија кулминирани во еден специфичен политички момент. Имам пријатели и колеги од Бугарија кои воопшто не се согласуваат со вжештената атмосфера што во последните месеци се создаде меѓу двете земји, уметници и културни работници кои сметаат дека нашите односи треба да се развиваат во насока на поголема соработка и разбирање. Писатели кои се пресреќни кога некоја нивна книга ќе се преведе на македонски јазик или ќе дојдат на книжевна резиденција во Скопје. Затоа акцентот треба да се постави на поголемата културна соработка, на разбирањето меѓу овие две различни култури и контексти, на дијалогот, а не на конфликтот. Кога сето ова ќе заврши, кои во некое идно време ќе бидат запаметени по добро – оние кои го создавале и разгорувале конфликтот или оние кои работеле на подобро разбирање на двете нации?

Десет месеци живееме поинаку отколку што сме навикнале. Како тоа ќе се одрази на литературата? Какви приказни може да очекуваме?

ЈАНКОВСКИ: Литературата секогаш е во корелација со дилемите и прашања на времето во кое се создава. Сигурен сум дека ќе има писатели кои во своите дела ќе се обидат да одговорат што овој нов начин на живот значи за нас, како нѐ смени, до кои позиции го донесе човештвото? Секако, тоа не се едноставни прашања, а добрата литература никогаш не дава едноставни одговори. Таа секогаш претставува некакво доближување до одговорот, кружење околу прашањето, умножување на можните перспективи, раслојување на одговорите. Веројатно ќе се појават приказни во кои ќе се опишуваат и конкретни настани поврзани со вирусот и односот на човештвото кон него, но и приказни кои на метафоричен начин ќе реферираат на сите овие нови ситуации и феномени. Во секој случај, кризната ситуација секогаш може да биде многу инспиративна за уметноста, но на еден или друг начин човековата историја е историја на кризите. Значи, колку и драматично да ни се чини ова што сега ни се случува, тоа сепак е една од многуте кризи што постојано му се случуваат на човештвото.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Автор на фотографиите е Сашо Димоски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.