На 13 ноември, во Младонскиот културен центар (МКЦ) во 21,30 часот во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе се одржи промоцијата на книгата „Лонг плеј – забелешки за времето“ од белградскиот фотограф и дизајнер Борислав Пешиќ Благоја.

Оваа книга портрет е фотомонографија, која содржи 1332 портрети на 333 регионални музичари што твореле во периодот помеѓу 1950-2000 година. Жанровски најзастапени се рок музичарите, а на страниците на книгата се и великаните на поп музиката од овој регион, како и некои ликови од џез и блуз сцената. Книгата е во формат на грамофонска плоча во ексклузивно пакување со кутија. Печатена е на три вида хартија во две различни техники и треба да се најде на колекционерските полици опкружена со музика од плочите на уметниците опфатени во неа. На речиси 400 страници може да прочитате и биографии со интересни „цртички од животот“ на музичарите со кои растеле генерациите од регионов.

Борислав Пешиќ Благоја книгата ја создавал цели шест и пол години патувајќи низ регионот со една црна шанкерска столица и подвижно фотостудио. На таа столица седнале сите учесници во оваа монографија и столицата стана еден вид неопходен реквизит заедно со инструментите со кои музичарите се фотографирале.

Појдовна идеја/точка на оваа книга е преку текстови и фотографии на оригинален начин детално да се долови богатата заедничка музичка историја. Така се предлага тезата дека музиката повторно ги обединува овие простори и дека на тој начин се избришани границите.

Борислав Пешиќ Благоја е роден во април 1973 година на белградскиот асфалт, кој го гази и ден денес. Своите чекори ги шири кон градовите од регионот и таму запознава луѓе со кои планира да го помине животот. Кариерата ја започнува како графичар, расте како дизајнер, порасна како фотограф. Во одреден момент ги спојува сите три основи во една со која се занимава и ден денес. Има направено единаесет самостојни изложби на фотографии, засега само во Белград, па планира и сака да ја премине линијата. Има направено безброј дизајни, и големи и мали…

Утре, в среда, на 13 ноември во Скопје во рамки на „Синедејс“ е закажана промоцијата на книгата „Лонг плеј – забелешки за времето“. Што содржи книгата?

ПЕШИЌ: Ох, многу се радувам што доаѓам во Скопје. Тоа е еден прекрасен град и секогаш кога доаѓам си носам дома по еден нов пријател. Промоцијата е закажана во МКЦ и сте се поканети. Сепак, ова е рок-книга и нема да бидеме официјални. Книгата, на скоро 400 страници содржи 333 регионални музичари кои почнале да работат меѓу 1950 и 2000 година. Во книгата има 1.332 фотографии, бидејќи секој од нив е застапен со по четири портрети. Покрај фотографијата, за секој музичар има и биографија придружена со некоја анегдота од приватниот или професионален живот. Се потрудив да има и квалитетно четиво чија функција е едукативна, бидејќи книгата, на еден начин го спојува регионот. Во книгата музичарите се подредени според азбучен ред, па така книгата сугерира дека е еден вид културен спој на регионот.

Колку време ви беше потребно да го соберете материјалот за книгата?

ПЕШИЌ: Моето патување траеше шест и пол години. Низ регионот патувавме мојата идеја, еден црн шанкерски стол, мојот мал бел автомобил и моето мало студио. Бев во 11 града, а неброено многу пати го поставив студиото на некои чудни места, бидејќи едноставно не беше можно сите овие луѓе да се соберат на еден ден на снимање. Крајниот производ на мојата работа е оваа книга која сепак, изгледа како сите музичари да дошле во ист ден, да им биде направен портрет. Тоа го препозна Синиша Шкарица во воведниот текст. Насловот е „Бескрајни денови“. Значи, јас патував по регионот, а една прекрасна личност од Белград беше доволно откачена да дојде со мене на ова патување. Тоа е Петар Јањатовиќ, кој во голема мерка е заслужен што текстовите во книгата се едукативни и полни со информации. Поради тоа, јас сум му бескрајно благодарен, бидејќи без негова помош книгата ќе беше многу посиромашна. Ја имав таа среќа што тој ја препозна мојата добра идеја и се вклучи.

Која е вашата омилена група?

ПЕШИЌ: Аха, ова е сега она трик прашање како ‘кое дете повеќе го сакаш’. Па искрено, јас израснав на рифови, па книгата е конципирана на тој начин. Морам да напоменам дека ова не е енциклопедија, туку, едноставно, ова е мој избор на музика од регионот. Па така, во книгата се и ‘старците’ од почетокот на нашата музика (Арсен Дедиќ, Габи Новак, Ѓорге Марјановиќ…), како и неколку ликови од поп, џез и блуз музиката. Но, да се вратам на одговорот на вашето прашање. Ќе набројам неколку бендови без многу објаснувања: „Азра“, „Психомодо Поп“, „Вјештице“, „Партибрејкерси“, „ЕКВ“. Омилена ми е сета убава музика која се создаваше и затоа нескромно може да кажеме дека е голема трагата која оваа музика ја остави на светско ниво.

Кога тргнавте да ги собирате приказните за книгата, дали во еден момент помисливте дека имате премногу материјал за книгата? Дали моравте да направите селекција?

ПЕШИЌ: На некој начин да, морам да селектирам од материјалот. Се случуваше, на тие снимања да дојдат некои луѓе за кои јас лично не бев заинтересиран, но им правев портрет од пристојност. После се правдав дека уредникот морал да го ‘скрати’ материјалот. На почетокот имав список, кој постојано растеше, се менуваше, некои луѓе доаѓаа, па си заминуваа. На некои музичари јас им се јавував, други сами доаѓаа, некои не сакаа, па потоа се премислуваа кога гледаа како ова расте…Но, кога ќе подвлечам линија, многу сум задоволен со својот избор. И секако, секогаш ќе има такви на кои некој им недостига, или некој им е вишок. Не сакам да звучам арогантно, но кога тие ќе прават избор, нема да им се мешам.

Промоцијата на книгата почна во Загреб, па потоа следеше Риека, Белград, Нови Сад. Какви се искуствата од промоциите?

ПЕШИЌ: Јас како уметник може да кажам дека не ги сакам многу промоциите, бидејќи тие се однесуваат на делот на организацијата, а јас не сум многу добар во тој дел. Кога сè мораш сам да направиш е многу стресно. Оваа книга е мое дело од идеја до краен резултат, така што е слатко и горко во исто време. Јас сум и дизајнер и фотограф, така што книгата е целосно мој производ кој јас го направив во мојата мала работилница. Најдобар дел од промоциите се убавите зборови кои ќе ти ги кажат пријателите. Тие зборови ти ја греат душата. Овие работи не се прават за пари, така што ако нема убав збор, останува некоја празнина. Имам среќа дека книгата им се допаѓа на луѓето, и многу сум среќен поради тоа. Би се рекло, успеав.

Има ли уште публика за ваков вид на книги, кога знаеме дека денес животот, за жал, се живее на социјалните мрежи?

ПЕШИЌ: Тоа мора да ги прашате луѓето кои се на твитер, фејсбук, инстаграм или пак да ми се јавите за шест месеци, па ќе знам. Искрено, мислам дека има публика. Ова е многу специфична работа. Ова не е книга која откако ќе се прочита, ќе му се подари некому. Овде луѓето се враќаат на книгата кога ќе посакаат некоја информација на старовремски, ‘одл скулн’ начин. Секако, овие фотографии нема да ги најдете на интернет, така што оној кој ќе посака да ги види, мора да го ‘лизне прстот’, да позајмни малку време од оваа денешна лудница во која живееме и да ги прелиста страниците на книгата.

Почнавте како графичар, па потоа работевте како дизајнер, па фотограф. Сите убави професии ги споивте во корисни и на крај излезе книгата „Лонг плеј – забелешка за времето“. Какви се вашите планови за иднината?

ПЕШИЌ: Некако сè се тоа сродни дисциплини и така како што ги набројавте, така тие се појавуваат кај мене како еден вид надградба на она што дотогаш го знаев. Сега најмногу се занимавам со фотографија. Денес сè е брзо и инстант, па луѓето забораваат дека за нешто да биде квалитетно треба знаење и искуство. Мене, на еден начин ми е жал и драго што денес сите се занимаваат со фотографија (ајде така да го наречеме тоа), бидејќи за добра фотографија мора да имаш време да ја направиш. А многу луѓе денес живеат и работат на поминување. Јас се трудам работите да течат полека, па затоа и ова го работев толку многу години за да биде такво какво што. Ќе признаете и 100 портрети да направев, и тоа ќе беше успех.

Планирам да издадам и втор том од книгата, 2000 – 2025 година, но прво малку ќе одмарам. Сега тргнав во нова авантура која се вика актери и нивни портрети. Концептот е сосема поинаков. Актерите ги извадив на улиците на Белград и засега мислам дека ќе се задржам само на главниот град на Србија. Во подготовка е и една голема изложба на бели портрети во темнина. Да, да, знам како звучи, но почекајте да видите.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.