Витали Мански е роден во 1963 година, во Лвов, Украина/СССР). Дипломирал на престижниот Државен институт за кинематографија во 1989 година (VGIK) и набргу потоа станува еден од најценетите руски документаристи и продуценти. Снимил повеќе од 30 филмови како режисер и истите се прикажани на многу светски фестивали. Како продуцент се потпишува зад филмовите на режисерите Рената Литвинова, Дмитри Желковски, Сергеј Лозница… Во 1996 година го стартува проектот на архивирање на приватни аматерски видеа за животот во СССР од 30-те до 90-те години на минатиот век. Мански е продуцент на националната награда „Lavrovayavetv“ која секоја година се доделува на најдобрите руски документарни филмови. Од 2015 година живее во Летонија.
Приказната за тоа како сосема непознат поранешен офицер на КГБ стана лидер на Русија, одамна е обвиткана во тајност. Но, еден човек беше во срцето на настаните што ја преобликуваа Русија и тој има невидени филмски снимки за да го докаже тоа. Сега, тој ќе ја открие вистината – и се плаши за својот живот. Витали Мански е гостин на фестивалот „Киненова“ и тоа го искористивме за средба и разговор со него, за неверојатниот нов документарен филм, во кој користи интимни снимки на рускиот претседател и неговиот претходник, Борис Елцин, кои досега не беа претствени во јавноста. Мански дава зачудувачки одговори на ова и на други прашања што долго ги збунуваа историчарите и набудувачите на Кремљ.
Доаѓате на Фестивалот „Киненова“, каде ќе се прикаже вашиот филм „Сведоците на Путин“, кој победи на Карлови Вари. Кажете ни нешто повеќе за филмот кој се состои од лично направени снимки во 2000 година кога Путин прв пат стана Претседател, а вие бевте шеф на одделот за документарци за главниот државен ТВ канал Русија 1?
За да се надмине тешката и многу напреднатата болест, потребно е да се направи дијагноза и да се проучи историјата на оваа болест. Тоа беше мојата логика кога сфатив дека може да направам филм за настаните што следеа по неочекуваната оставка на рускиот претседател Борис Елцин и почетокот на „Операција наследник“. Бев сведок и учесник на оваа операција, која го донесе Владимир Путин на московскиот престол. Моето сведочење е многу важно не само за руското општество – да го излечи од напредната болест, туку и за другите земји – да ги спречи да ја изгубат својата слобода.
Велите „Ова е цената што морав да ја платам наивно претпоставувајќи дека бев само сведок“… Што се чувствувавте во моментите кога снимавте? А што е со гледањето на материјалот?
Кога снимав, чувствував дека е моја професионална должност. Кога ги разгледав снимките пред неколку години – по скоро 20 години по снимањето, чувствував разочарување.
Публиката што веројатно нема да го види филмот е таа на која најмногу и треба. Каде е прикажан филмот?
„Путиновите сведоци“ беше специјален филм за затворање на фестивалот АртДок, чиј претседател сум јас, но беше прикажен на интернетската платформа на фестивалот. Продадовме 3.000 карти за прегледот, а за две недели преку пиратски канали беше прегледан од седум милиони гледачи. Нелегалната копија беше поставена на Интернет и во текот на првите неколку недели се емитуваше околу 2 милиони пати. Правно е можно да се гледа на artdoc.media, бидејќи во Русија е забрането прикажувањето.
Ги снимавте Горбачов и Елцин. Дали тие беа пријателски настроени кон камерата? Имаше ли некои интересни моменти при снимањето на Путин, Горбачов и Елцин?
Не би ги оценил моите протагонисти така. Но, сепак би сакал да истакнам дека колку повеќе се оддалечени од моќта и политиката, толку поголеми квалитети покажуваат.
Филмската критика вели дека „во време кога одредени политичари се кријат зад празни изјави за лажни вести, овој филм нè тера да ги читаме нивните усни“. Како го коментирате ова?
Бидејќи не е благодарно да коментирам комплименти, ќе се воздржам од коментар.
Како увертира на ова генијално документарно сведоштво, пред три години го продуциравте и контроверзниот документарен филм за Северна Кореја, насловен „Под сонцето“. Како се случи тоа?
Тешко е да се опише процес кој траеше со години. Потребно беше време за да се добие дозвола за да заминам во Северна Кореја и требаше долго време да се добие дозвола за снимање во Северна Кореја. И тогаш од Северна Кореја добивме многу детално сценарио за документарен филм, како да станува збор за игра. Но, камерата не беше исклучена на секое изговорено „стоп“!
Што би и порачале на македонската публика пред прикажувањето на вашиот филм на Киненова?
Никој не е сигурен, значи – ова може да се случи насекаде и со сите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.