Владата на Македонија, на предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, на денешната седница донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Како што соопшти Министерството за култура, Одлуката уследи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес кој долги години беше закочен во надлежнитe институции.

Со ревалоризацијата на Аквадуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита.

Одлуката овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува конечно да започне и неговата физичка заштита. Со донесувањето на Одлуката, Аквадуктот се вбројува во уставната категорија ‘добра од општ интерес за Република Македонија‘ и ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство, наведува Министертсвото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.