Еден начин децата да се поттикнат да читаат е ако има каде и со кого да ги споделат впечатоците за книгата. Споделувањето на мислење и разговорите за прочитаното, било со родителите или со други деца, помагаат книгите да станат важен дел од социјалниот живот, да станат релевантни и во секојдневната интеракција, вели Калина Малеска, писателка и професорка по книжевност на скопскиот Филолошки факултет „Блаже Конески“.

„Или-или“ неодамна ја издаде првата книга за деца „Арно ама“ на Малеска (1975) со илустрации на Владимир Лукаш. Малеска досега ги има објавено збирките раскази „Недоразбирања”, „Именување на инсектот” и „Мојот непријател Итар Пејо”, романите „Бруно и боите” и „Призраци со срмени нишки”, како и драмата „Случка меѓу настани”.

Нејзини раскази и книжевно-истражувачки текстови се објавени во повеќе списанија во Македонија и во странство, а расказот „Поинаков вид оружје“ е дел од антологијата Best European Fiction 2018. Искуствата од нејзиното детството и секојдневната комуникација со деца во сегашноста се инспирација за оваа нејзина прва збирка раскази за деца „Арно ама“.

Делото е збирка раскази во кои протагонистите се две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Во расказите Дамјан и Марко имаат карактеристики на реалните деца – се радуваат, љубопитни се, но некогаш и се нервираат, се лутат, се караат. Делото третира прашања и проблеми со кои денешните деца навистина се соочуваат, како: убави но и стресни доживувања во градинките и училиштата, насилници во маалото, изгубени играчки и книги, префрлување во ново училиште и нова средина при селење, изнаоѓање пријатели, комуникација со дечиња од други националности, негрижа на некои луѓе за животната средина, ривалство меѓу братчиња и сестрички, осаменост и слично.

Особено интересни се заплетите во секој расказ, кои се најавуваат со зборовите „арно ама“ – при што вообичеаната секојдневна ситуација, како резултат на одредени околности, се усложнува, по што ликовите се обидуваат да изнајдат начини за да ги решат произлезените проблеми.

„Арно ама“ е Ваша прва збирка раскази за деца, која истовремено може да се чита и како роман. Дали тоа беше првичната идеја за „Арно ама“ или пак во текот на пишувањето тоа едноставно се случи, расказите да се ‘развијат’ во орман?

Најпрво имав идеи за повеќе одвоени раскази кои си ги запишував, но кога од тие идеи почнав да развивам приказни, решив да се обидам да ги поврзам со исти ликови. Потоа, некако ми дојде логично тие да бидат и хронолошки наредени, па оттаму почнав да ги развивам во роман кој се случува во текот на повеќе од една година, така што сите раскази се поврзани во роман, но и секој расказ си функционира како посебна целина.

Во „Арно ама“ главни ликови се братчињата Дамјан и Марко. Ликовите и ситуациите се многу реални, а стилот со кој пишувате е лесно читлив за децата. Колку реалниот живот и ситуациите со кои сте се соочиле ви помогнаа во пишувањето на книгата?

Многу. Реалниот живот и ситуациите со кои се соочуваат моите деца беа главна инспирација за книгата. Се разбира, тука има и ситуации кои се изменети, а и многу измислени ситуации за да реалните искуства се обликуваат во приказна. Секојдневните настани се главниот поттик за смислување на приказните, на пример стресот при префрлање од едно училиште во друго, во непозната средина, соочување со различни карактери, чувство на обесправеност во некои околности, откривање нови работи, созревање.

Убавиот дел во книгата е тоа што се отвораат важни прашања за децата кои самите треба да дојдат до одговор, а писателот не им го сугерира одговорот.

Да, тоа ми беше една од движечките идеи во расказите. Често, во детските раскази што јас сум читала има експлицитни поуки или отворено се сугерираат одговори за тоа што е исправно, а што не е. Воопшто не сум приврзаник на ваквиот начин на пишување бидејќи тоа наметнува едно гледиште наместо да поттикне на размислување. А поттикот на размислување е една од убавините на книжевноста. Затоа во „Арно ама“ се обидов да не наметнувам порака на крајот. Расказите не завршуваат со дефинитивна разрешница на заплетите затоа што и во реалноста конечни разрешници не постојат. По решавањето на некој проблем секогаш има други, па затоа и во расказите нема стабилен крај, туку прашањата остануваат отворени. Така, изгубената ракавица не е најдена, децата на крајот од приказната сè уште трагаат по одговорот зошто џиновите се претставени како лоши, или продолжуваат да ја бараат течноста на вонземјаните. На тој начин, децата самите бараат одговори на прашањата што се отвораат во расказите. А расказите, исто така, се испреплетени и со директни прашања, чија цел е интеракција меѓу детето и книгата и дополнителен поттик за размислување.

Во „Арно ама“ иако има реални ситуации, на моменти приказната преминува во светот на фантазијата. Среќаваме џинови, вонземјани, волшебни чешми… Дали овие приказни им ги раскажувавте на вашите деца кога беа мали, а во „Арно ама“ се доработени?

Така некако беше. Кога моите деца беа помали, секоја вечер им раскажував приказна за заспивање. Откако „се потрошија“ приказните што ги знаев, главно познатите бајки, почнав сама да смислувам приказни кои беа сосема различни од бајките и во кои се случуваше нешто слично што им се случуваше на моите деца преку ден. Веднаш забележав дека многу им се допаднаа. Сепак, за да не биде здодевно, секогаш менував по нешто во начинот на раскажување и во темите, па повремено внесував и волшебни суштества и ситуации, што им беше многу интересно.

Што треба да знае еден писател кога пишува за деца?

Искрено, не знам. Веројатно дека децата се многу љубопитни и сакаат приказни и дека веднаш забележуваат нелогичности. За другите поконкретни работи во однос на темите што ги интересираат децата или каков пристап во раскажувањето најмногу би им го привлекол вниманието, тешко е да се одговори бидејќи тоа се многу променливи категории и од генерација до генерација, но дури и од едно до друго дете.

Каков е вашиот став за моменталната ситуација со детската литература кај нас? Општ е впечатокот дека има се поголем број книги за деца, но дали тие ја исполнуваат функцијата?

Последниве години навистина има сè повеќе книги за деца и тоа е супер. Тоа значи дека на децата им се нудат различни приказни, различни ликови и пристапи во пишувањето, со што се промовираат и поттикнуваат различни начини на размислување. Ова е многу важно, затоа што до неодамна доминираа неколку писатели за деца, со што децата беа изложени на само неколку стилови на пишување и поглед на свет, кои ги усвојуваат како модел за тоа како треба да изгледа приказна или песна. Од тој аспект, секогаш сум за разновидна литература, без разлика дали мислам дека е квалитетна или не.

Во време на технологија, паметни телефони, плеј-стејшн, Фортнајт, Мајнкрафт, како децата да вљубат во книгата? Или пак, ете, не мора да се вљубат, ама да стекнат навика да читаат книги?

Она што го пружа технологијата е привлечно и динамично, така што ова е тешко прашање, на кое немам одговор. Веројатно не постои формула. Имам впечаток дека помалите деца, всушност, уживаат во читање книги. Понатаму, кога пред себе имаат голем избор на активности, станува потешко да го задржат вниманието на книгите. Мислам дека еден начин децата да се поттикнат да читаат е ако потоа има каде и со кого да ги споделат впечатоците за книгата. Споделувањето на мислење и разговорите за прочитаното, било со родителите или со други деца, помагаат книгите да станат важен дел од социјалниот живот, да станат релевантни и во секојдневната интеракција.

Оваа збирка раскази е прва од едицијата книги за деца на издавачката куќа „Или-или“ „И ете приказна“. Ќе има ли нови збирки за деца од Калина Малеска во иднина?

Додека ја пишував „Арно ама“, не размислував за тоа дали и во иднина би пишувала за деца. Но сега сум сè посигурна дека повремено ќе се навраќам на пишувањето за деца.

Во последно време имаме се повеќе книги за деца кои освен што се добро напишани, исто така имаат и квалитетна илустрација, како што е „Арно ама“. На што се должи тоа?

Кога ќе видите книга за деца со квалитетни илустрации, веднаш сфаќате колку е важен целосниот производ и колку многу илустрациите придонесуваат за оживување и разигрување на приказната. Кај нас во последно време навистина сè повеќе се објавуваат вакви прекрасни книги, што многу ме радува.

Разговараше: Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.